“Небесни Окна” поезија од Витан Божиновски – Архитект по професија, поет по душа
Витан К. Божиновски e роден во Скопје, Македонија. Архитект по професија, поет по душа, љубител на театарот, опера и се што е поврзано со уметноста. Живее и работи во Виена, Австрија. Oсновач на архитектонската канцеларија: ,”618 култура на просторот”
“Небесни Окна”
Валкани прозорци.
Бледата светлина ги меша провидноста и прашината;
отсјајот прекршува.
Месечината во јасност – блескотна;
ветрот студен, пригушен;
скитаат раздувани облаци.
Призорот нестварен, волшебен;
небесни окна, светлосни проѕирки.
Градската примрак во промугра и зазорје.
Градини распослани, набиени згради и куќи.
Воздухот се провлекува, струи,
свежеста свири, развигори –
тишината пропушта гласови.
Распартален, распламтен свод;
под куполата кристални срчи –
возвишноста кити, висат украси.
Нешто утробно мојата внатрешност ја трескоти.
Треперот на битот страши духови.
Разгнев, прекрив и покриви,
водена смеша, воздушна густина,
месечевата светлост пробива ревносна;
превез од пареа.
Ветрот го гасне пламенот на нејзината коприна.
Темјан,чад, кандила, згаснати свеќи, газиена лампа.
Месечината се бори за особеност пуста,
светлоста да залепи густината не пушта.
Ветрот – сталкер гони крајност и темнина;
виорот лута, тера сенки, танцува;
распослан фиукот на неговата острина.
Каде врне, чуму сушина?
Слепилото се брани од разнесната бистрина;
капките ко солзи насобрани,
рожбата натежната,
пролетта ламти по никулци и свежина.
Грчевита борба на безплотните суштества…
Воздухот ѝ пркоси на водата,
темнината гони светлина,
денот ја брка ноќта,
етерот полни празнина.
Јавето чаре бара;
сонот ја обликува стварноста.
Базалтна светлина го остри поработ,
црви видикот, фрлен мамецот,
загатнат и разгранет здивот на животот.
Разграден копнежот, распослан сомнежот,
демне пред да осамне џагорот на градот.
Тули и градски ѕидини,
разбрането море од покриви,
благи цветови, лути преоди;
румени чезнат, вулкански ѕемнат
души и гребени;
гротескно вознесни,
восхитно скурилни,
бизарно воскресни,
возвишно драконски.
Одсечни, свирепи,
благодетни, полетни;
судбини, спомени,
препораки, опомени.
Пеколно полезни рајски нереди…
Распрсни и распрашни толкувања и прашници;
бајки љубовни, таленти и златници.
Изгубени сеќавања, исчезнати храмови,
заборавени огништа, напуштени домови.
Лебдат бестежни сказни сребрени;
фустан, ребра, пурпур и невести.
Гаврани и голаби, езера и лебеди,
јата чапји, сури пердуви.
Крзна густи, ќуд и промени,
едавам пробојни спокојства дебели.
Вијат пци, мачки по покриви,
предат сеќавања, звучни глутници;
иглата на наравот боде човечности.
Колебања и недоумици,
решителност и одговорности,
разумот и чувствата на игри без граници.
Полазен плотот, благи морници,
р`бетни, поткожни мравки,
садови крвни и спроводици.
Сетилата гребат, прпнат клетки,
срцеви препади и прескоци.
Снагата трпне, ледени морници –
битот го тресат јанѕи и грозници.
Неодгатнати пораки, бесцелни потерници?
…
Мечтата кон хоризонтот, облаците по небесноста,
палавоста на ветрот и питомоста на уредноста.
Прорезната блескот со упорноста на месечината,
пејсажот на урбаноста и населбата во утрината.
Глетката по ќерамидите, јасноста на виделината –
тврдоста, острината, безмилноста на цврстината.
Светлината по површината и релјефноста на вистината,
висината на рамнината во божесноста на убавината…
Длабочината на далечината,
изворноста во свежината,
искреноста од наивноста,
и суштината на судбината.
Кобноста на покорноста,
полетноста со раскрилноста,
единственоста во едноста и
полногледноста на многувидноста.
Како доказ, според показ,
по приказ, за расказ –
сказноказ…
Сурово обличје, раскошна претстава –
вроден одглас.
Постојаноста на теченијата во исконска незгас:
Продорноста на проникноста,
неотпoвикот на непобитноста,
неодвратноста на неповратноста,
навратноста на ненавратноста.
Неминовноста на минливоста,
возбудата на неповторливоста.
Прор`тноста на раѓањата,
процутноста на младоста,
пролетта на староста и
оппрашноста на мудроста.
Смртта и прелеста,
извесноста на неизвесноста,
бескрајноста на возможноста и
искрсноста на уметноста.
Присноста на навеста,
љубовта во промислата,
закрилата на совеста и
неопходноста на смислата.
Довербата во невиноста,
единственоста на вистината –
распаќа на судбината…
Сèвесност во вселената и животноста никогаш истината.