Кит Браун: Критичкото мислење бара најпрво да ги земеме предвид нашите сопствени предрасуди и незнаење

„Балканската историја е обликувана од територијалните амбиции и спорови од последните сто години, со што е настаната ситуација на ‘нулта сума’ – поим од теоријата на игри, кој подразбира дека ако едниот играч добива, друиот автоматски мора да изгуби“, вели проф. д-р Кит Браун во интервју за „Критинк“ кое „Мета“ го пренесува во целост. Во интерјвуто, покрај другото, Браун зборува за улогата на критичкото мислење во науката и, особено, во изучувањето на историјата.

„Таа (историјата н.з.), исто така, има добиено и квазирелигиски аспекти, со оглед на тоа што тековните дебати откриваат загриженост за чистотата и загаденоста на основните обвинувања во врска со лојалност и предавство. Незадоволствата и споровите ескалираат и, во овој случај, нема механизам преку кој обете страни би се договориле да се потпрат на надворешен судија со авторитет за фер да пресуди кој е во право – затоа што влоговите се превисоки“, додава Браун.

Кит Браун е професор на Школата за политика и глобални студии на Државниот универзитет на Аризона. Тој е истовремено директор на Центарот за руски, евроазиски и источноевропски судии – „Меликиан“. Браун има докторат по антропологија од Универзитетот во Чикаго и најмногу работи во областа на културата, политиката и идентитетот. Дел од неговите обемни истражувања за етнонационализмот и улогата на националните истории на Балканот ѝ се достапни на јавноста преку преводите на книгите „Минатото под прашање: Модерна Македонија и неизвесностите на нацијата“ (2010) и „Верни до смрт: Довербата и теророт во револуционерна Македонија“ (2014).

Во интервју со порталот за промоција на критичко мислење и медиумска писменост „Критинк“ д-р Браун објаснува колку е важно критичкото мислење при објективното разгледување на прашањата поврзани со историјата.

Колку е важна примената на критичкото мислење кон историјата, односно историографијата и антропологијата? 

Браун: Критичкото мислење е многу важно и за историјата и за антропологијата. Скептиците и негаторите понекогаш ги отфрлаат нашите методи како „меки“ или повторуват излитени клишеа како „историјата ја пишуваат победниците“. Но, евалуирање и споредување на извори, проценување како културните и општествените фактори кои влијаат врз индивидуалните одлуки, се основните компоненти на обете дисциплини. Дополнително, а можеби уште поважно, е што историчарите и антрополозите признаваат дека значењата и хоризонтите се менуваат со текот на времето и во различни простори.

Ова е особено важно при изучувањето на национализмот – начин на политичко организирање и формирање идентитети што придонесе кон распадот на мултиконфесионалните империи во XIX век, а кој често бара легитимитет со тврдења за прастари корени.

Илустрација на терминот „наочници“ - „две кожени парчиња пришиени од страните на коњски огламник за ограничување на погледот, коњот да гледа само напред.“
Наочници се „две кожени парчиња пришиени од страните на коњски огламник за ограничување на погледот, коњот да гледа само напред.“ | Фото: Wikipedia/Steven Polom CC BY.

Состојбите ги комплицира и однесувањето на нациите држави, кои вложуваат многу во пренесување силно чувство за споделена историја кај своите граѓани, која ги разликува од другите. Често, полесно е за луѓето да ги видат неконзистентностите и искривувањата кај визијата на минатото на соседите, отколку да ги стават под знак прашалник и одблизу да ја испитуваат историјата за која сметаат дека го држи заедно нивнoто општество.

Критичкото мислење бара, како еден од првите чекори, да ги земеме предвид нашите сопствени наочници (штитници за очи, дел од оглав со кои коњите се насочуваат да гледаат само во една насока), нашите сопствени предрасуди и области на незнаење. Во полза на критичкото мислење е и водење дијалог, при што учесниците си ги зауздуваат своите ега и не дозволуваат да ги понесат сопствените агенти, туку го мерат успехот не преку тоа колку поени ќе освојат, туку преку тоа колку нови начини на согледување на работите помогнале да се создадат и за себе и за другите.

НАЦИОНАЛНАТА ИСТОРИЈА И НЕЈЗИНИТЕ „ПОЗИТИВНИ“ И „НЕГАТИВНИ ФАКТИ“

Политичките естаблишменти во повеќето балкански држави изгледа инсистираат на промовирање на концептот на „национална историја“, во чија основа е селекција на „позитивни“ и исклучување на „негативни“ факти со цел да се креираат или одржуваат официјални наративи (приказни), кои потоа се користат во учебниците од јавниот образовен систем за да се поттикне патриотизмот. Во последните 200 години овој догматски пристап често се користеше како појдовна точка за оправдување на угнетувањето на „другите“. Постојат ли други начини на кои може да ѝ се пристапи на историјата?

Браун: Историјата нуди неверојатно богато поле за изучување. Во 2015 година, оралната историчарка Светлана Алексиевич ја доби Нобеловата награда за литература за своите хроники со кои ги зачувува гласовите на граѓаните при распадот на Советскиот Сојуз. Организациите како ЕуроКлио, чии членови се и многу наставници по историја од Балканот и Источна Европа, промовираат изучување на глобалната историја, ги охрабруваат членовите и учениците да ја истражуваат општествената, културната и економската историја. Храбри историчари со отворен ум се често водечките критичари на исклучивоста, која е во срцевината на националните истории. Тоа е случај и во САД, преку напори како Проектот 1619 (за историјата на ропството).

Сметам дека овие видови пристапи имаат огромен потенцијал да го трансформираат разбирањето на минатото меѓу луѓето и да поттикнат размислување за тоа како сегашноста ќе изгледа гледана од иднината. Особено ме радува потенцијалот на микроисторијата, чиј пионер е Карло Гинзбург, преку која се извлекуваат пошироки општочовечки значења со детаљно изучување на еден настан или заедница.

Книгите „Верни до смрт…“ (Loyal unto Death, Trust and Terror in Revolutionary Macedonia, 2013) и „Минатото под прашање…“ (The past in question: Modern Macedonia and the Uncertainties of Nation, 2003) на англиски јазик.

Во Вашата книга „Верни до смрт, Довербата и теророт во револуционерна Македонија“ ги посочувате предизвиците на некредибилност или пристрасност на достапните историски извори од крајот на XIX век, меѓу кои се преписката на британските конзули, зачувана на микрофилмови, во Музејот на македонската борба во Грција и барањата за пензии, кои во периодот меѓу 1948 и 1956 година до новата македонска држава ги поднесувале веќе остарените преживеани револуционери од илинденскиот период, а кои се зачувани во Државниот архив на Северна Македонија. Како се соочивте со предизвикот да ги извадите полезните информации од тие записи?

Браун: Прво, имав прочитано многу од тие извори во текот на моите постдипломски студии по антропологија. Свесен дека Илинденското востание од 1903 година се интерпретира на различни начини од научници за кои правилниот контекст бил грчка, бугарска, српска, албанска, југословенска, отоманска, балканска или македонска историја, сакав да се приближам колку што е можно повеќе до периодот, преку што поблиска работа со изворите кои, на еден или друг начин, стоеја надвор од таквите референтни рамки.

На пример, ме погоди фактот што, според записите во Националниот архив во Скопје, само неколку истражувачи воопшто барале пристап до досијета со биографии од Илинденската архива. Моето разбирање беше дека овие извори биле отфрлени затоа што, очевидно, биле напишани од личен интерес. Од друга страна, британските, француските, германските и американските дипломатски и конзуларни архиви се третираат како непристрасни, објективни и клинички записи, како нивните автори да биле научно обучени медицински професионалци, кои ги дијагностицирале болестите на империјата што лежела на умирање. Во „Верни до смрт“ пишувам дека кон овие две групи извори се решив за алтернативен, субверзивен пристап. Без разлика дали индивидуалните баратели на пензии ги преувеличувале своите сопствени улоги или испуштале елементи од сеќавањата поради кои може да не добијат признание од државата, нивните стории се засновале врз нивните сопствени искуства и разбирања или, пак, врз искуствата и разбирањата на нивните врсници. Никој од нив не лажел за организациската структура на револуционерната организација, методите на регрутирање или за логистичките аспекти на набавка на оружје или дистрибуирање информации и залихи. Кој би бил нивниот личен интерес да лажат за тие работи? Така, тие обезбедуваат индивидуално, но уште повеќе како агрегат, една слика за споделеното секојдневно искуство од учеството во отпорот и бунтот.

Британските конзулски записи, кои често се читаат како да имаат неспорен авторитет, ги одразуваат биографиите, перспективите и пристапот до извори на нивните автори. На пример, Алфред Билиоти бил натурализиран британски државјанин роден на островот Родос, кој влегол во службата како преведувач и напредувал до позиција на конзул, имајќи блиски врски со османлиските и грчките власти. Од друга страна, Џејмс Мекгрегор зборувал бугарски и искажувал гледиште дека Организацијата има силна поддршка од народот. Нивните извештаи се разликуваат или спротивставуваат меѓу себе.

Притоа, не велам дека сите извори или искази се еднакво валидни или еднакво сомнителни. Поточно, сакам да кажам дека мора да ги надминеме нашите сопствени културни предубедувања, без разлика дали во нив спаѓаат „селаните лажат“ или „дипломатите се цинични кариеристи“, и да бидеме на штрек за начините на кои тие може да нè изненадат.

Книгите „Минатото под прашање: Модерна Македонија и неизвесностите на нацијата“ (2010) и „Верни до смрт: Довербата и теророт во револуционерна Македонија“ (2014) на македонски јазик.

ИСТОРИСКИТЕ ИЗВОРИ И НИВНАТА УПОТРЕБА СО ДЕНЕШЕН ДИОПТЕР

При недостаток на функционален времеплов, односно машина за патување низ времето, тешко е прецизно да се определи „националната свест“ на историски личности, имајќи предвид дека оригиналните записи можеби не постојат, биле предмет на цензура, биле фабрикувани/фалсификувани или се противречни едни на други. Дополнително, како извори се користат нивни интерпретации, а има и случаи на промена на значењето на некои од термините што се користеле на времето. Кои вештини на критичко мислење треба да се негуваат во балканскиот регион за да бидат од помош при решавање на такви прашања?

Браун: Во „Минатото под прашање“ одбрав да го користам јазикот на британските конзуларни извори без да го осовременам или менувам, а и се обидов да ги преведам изворите од грчки или бугарски на англискиот јазик од тоа време, наместо англискиот од XXI век. Затоа користев термини како „Бугарин“, „Арнаут“, „Мијак“ и „Егзархист“ со цел да ги потсетам читателите дека светот на доцниот деветнаесетти век бил многу различен од денешниот. Тоа е време кога „Грција“ се однесува на територија која отприлика опфаќа само половина од модерна Грција, кога само мал дел од луѓето што тогаш себеси би се нарекле „Бугари“ чувствувале лојалност кон „Бугарија“ со нејзиниот главен град Софија и која во тоа време била формално администрирана од Османлиите, кога султанот се обидувал да ја ограничи употребата на албанскиот јазик и терминот „Македонија“, како и кога постоела можноста за сојуз од интерес меѓу амбициозните нации-држави Бугарија, Србија и Грција со цел поделба и национализација на османлиската територија, сигурно би се чинел апсурден за денешното мнозинство.

Кит Браун со историчарката Ирена Стефоска на промоцијата на „Минатото под прашање“ во Скопје, во декември 2010 г. Фото: Ванчо Џамбаски, CC BY-NC-SA.

За мене, критичкото мислење парадоксално бара да го одучиме она што, всушност, се случило по периодот што се обидуваме да го разбереме. Или, во најмала мерка, да дозволиме да ги сфатиме последователните настани како изненадувачки или барем не-неминовни. Така, потоа може да го концентрираме вниманието на факторите поради кои се случуваат исходите. Тоа, исто така, нè ослободува од илузијата дека личностите од минатото, како ликовите од илинденскиот период – Гоце Делчев, Никола Карев, Дамјан Груев или Борис Сарафов го замислувале својот сопствен идентитет во рамките на национализмите од нивната иднина.

Сепак токму таквите прашања прераснуваат во централни точки на меѓународни спорови, од  Гоце Делчев (Бугарија – Северна Македонија) до Никола Тесла (Србија – Хрватска). Има и низа други што може да послужат како изговор за конфликт во иднина: Скендербег (Грција – Албанија), Његош (Црна Гора – Србија), Крале Марко (Северна Македонија – Србија – Бугарија)… во зависност од релативното количество политичка моќ, вклучувајќи ја и можноста да се стави вето врз пристапувањето кон ЕУ во некој иден момент. Постои ли начин да се разрешат таквите прашања на некое повисоко, пообјективно ниво, наместо само меѓу засегнатите држави (и врз основа на нивните односи на моќ)?

Браун: Општествените научници, меѓу кои и историчарите (а и себеси би се вклучил во оваа проценка), не секогаш се во тек со развојот во други дисциплини и полиња. Ова се покажува преку пристапи што се вкоренети во конвенциите на науките од XIX век, устроени според пристапите на Њутн, со фокус на раздвојување на комплексната реалност на делови за кои може да се прават поединечни експерименти, при што може да се тестира хипотеза по принцип „или/или“ за да определиме причина и последица, правилата за пренос и трансформација на енергијата итн. Современата теоретска и експериментална наука, од друга страна, се има придвижено далеку од оваа парадигма, во светот на кваркови, бозони и квантната механика, каде што неспецијалистите тешко може да ги сфатат работите. Прашајте просечен човек за мислење за корпускуларнo-бранов дуализам и веројатно разговорот нема да трае долго. Овој начин на мислење бара напор и неинтуитивно престројување на она што e длабоко вкоренето и се смета за здрав разум во насока на принципот „обете/и“. Но, овој недостаток на разбирање од јавноста не ги спречува физичарите да си ја работат работата и да генерираат нови сознанија за тоа како функционира универзумот.

Балканската историја е обликувана од територијалните амбиции и спорови од последните сто години, со што станала ситуација на нулта сума („zero sum game“ – поим од теоријата на игри што подразбира дека ако едниот играч добива, другиот автоматски мора да изгуби). Таа, исто така има добиено и квазирелигиски аспекти, со оглед на тоа што тековните дебати откриваат загриженост за чистотата и загаденоста на основните обвинувања во врска со лојалност и предавство. Незадоволствата и споровите ескалираат и (да продолжиме со метафората на игра), во овој случај, нема механизам преку кој обете страни би се договориле да се потпрат на надворешен судија со авторитет фер да пресуди кој е во право – затоа што влоговите се превисоки.

Еден алтернативен пристап би можел, на пример, спорот во врска со „вистинскиот“ идентитет на Гоце Делчев, да се гледа како класичен случај на дилема на затворениците, игра во која обете страни се плашат дека ако се откажат од своето тврдење за сопственост, ќе изгубат, а другата страна ќе добие (право да се фали? Престиж? Имиџ на „вистинска“ нација?). Арно ама, последицaта на нивното одбивање да се прифати двозначноста е тоа што пошироката заедница на нации обете страни ги гледа како непопустливи и еднонасочни.

Дали би требало да се развие некаков вид Меѓународен научен суд за да се спречат ескалации, аналогно на трибуналите што се користат за обезбедување завршница за други конфликти, како геноциди и воени злосторства (Руанда, бивша Југославија)?

Браун: Јас не гледам вредност во некаков надворешен трибунал, кој би понудил некаква авторитетна завршница. За мене, историјата (или науката) не функционира така. Сите наоди се меѓузависни и привремени. Тие се прилози во една постојана размена, а нејзината крајна цел не е да се дојде до некаков заклучок кој ќе се издлаби во камен, туку да се обезбеди материјал што може да отвори нови хоризонти и перспективи.

На Балканот, наспроти основната улога на професионалните новинари како промотори на демократијата, медиумите често служат како засилувачи на најрадикалните и најполаризирачките националистички погледи на историјата. Има ли начин да се вткае критичкото мислење за историјата во главните текови на медиумската сфера?

Браун: Моето замислено решение е нешто што група македонски младински лидери направија во втората половина на осумдесеттите години на XX век со Младинскиот филмски форум, кога создадоа можност за учење преку заеднички ангажман поврзан со филмот, литературата и други поводи.

Што би се случило кога, на пример, бугарски и македонски историчари и новинари заедно би го гледале филмот „Рашомон“? Или би презеле заеднички проект (можеби и заедно со албански колеги) на тема економските, психолошките и општествените аспекти на гурбетот/печалбата? Или да спроведат заедничка студија за Проектот 1619 од САД?

Верувам дека од тоа ќе произлезе заеднички речник со кој може да се зборува за прашањата на случајности, повеќезначности, трауми и структурно насилство, кој ќе биде споделуван не само низ целиот регион на Балканот, туку и многу пошироко.

Translate »