Кога за семејствата кои живеат во екстремна сиромаштија ќе се одделат финансиски средства?

Сиромаштијата е еден од најголемите и најгорливите проблеми во македонското општество. Не од сега, таа е присутна помеѓу нашите граѓани од осамостојувањето на Македонија, па се до денеска.

Голем е број на македонски села коишто немаат струја, а уште поголем е бројот на села коишто немаат вода, а со тоа на жителите им скратено основното човеково право. Па така, Македонија е позната по кршење на човековите права, за жал. Бројни податоци од релевантни светски институции за човекови права го зборуваат тоа, но не се потребни податоци за да се види во каква сиромаштија живеат голем број на жители во Македонија. Потребно е само да се отиде по некои од селата, а и по градовите и лесно може да се види што навистина значи сиромаштија.

Сигурно се прашувате зошто од пишување за работнички права се префрлив на оваа тема. Одговорот е следен: Пред некој ден гледав една емисија за две семејства од две различни села од Источна Македонија. Двете семејства живеат во екстремна сиромаштија. Нивните куќи беа стари и распаднати, а имале и денови кога немале што да стават на трпезата, па нивните деца останувале гладни. Ова ме потсети на моите средношколски денови, кога и јас на училиште немав што да јадам. Често се случуваше да поминам само со една кифла, додека некои мои соученици јадеа по два сендвичи. Па, многу лесно можам да сфатам како им е на овие деца кога одат на училиште. Само оние коишто го искусиле тоа, знаат како. Другите можат само да претпоставуваат. Едно од семејствата живее во куќа која е изградена во 19 век и која може кога тогаш да се сруши. Мажот нема работа, бидејќи селото е доста оддалечено од градот, а превоз нема. Тој рече дека не сака да се оддели од неговото семејство и да оди да живее во градот под наем, бидејќи едноставно не може без нив. Јас добро го разбирам. Не знам вие коишто ќе го прочитате ова писание како ќе го разберете. Како и да е, секој си има право на свое мислење.

Добро е што сега најголемиот дел од децата што не одат во училиште и учат онлајн, но децата од сиромашните семејства како би можеле да учат онлајн кога ги немаат условите за тоа. Немаат ниту компјутери или лаптопи, ниту интернет. Така, овој е дополнителен проблем за нив кој државата очигледно не го разбира.

Наместо државата се занимава со проблеми коишто се од помала важност, треба да насочи одредени ресурси кон помагање на овие семејства, бидејќи реално се многу. Има и такви примери, каде што немаат вода за де избањаат, па тоа го прават во река. Кога ќе го видам тоа, мене ми наликува дека живеам некаде во Африка, а не на Балканскиот Полуостров, во Европа. На овие луѓе должна е државата да им помогне, а тоа може да го направи. Тврдам со сигурност. Зошто досега во ниеден ребаланс на буџетот не се насочени финансиски средства за семејствата кои живеат во сиромаштија? Семејства кои поради економските последици од пандемијата предизвикана од Ковид – 19 ќе влезат во екстремна сиромаштија. Зошто ниеден функционер не излезе и не излегува јавно да зборува за овој горлив проблем? На ова прашање не го знам одговорот, но има надлежни органи коишто треба да одговорат.

Навистина е тешко да се гледа сиромаштијата во којашто живеат голем број на семејства. Ми создава мачнина во желудникот кога ќе видам како мало дете оди босо по калливите калдарми по селата и градовите. Со дневно политички препирања нема да се намали сиромаштијата, туку само со дејствување. Се додека ништо не се прави, оваа држава повеќе и повеќе ќе тоне, а и Богами ќе остане без млади луѓе. Друго немам што да напишам. На оваа тема може да се пишуваат томови, но залудно е ако не се направи нешто што ќе им помогне на сиромашните семејства, да излезат од сиромаштијата.   

Ставовите изразени во колумната се дело на авторот и во ниеден случај не ги изразуваат официјалните ставови на порталот Работник.

Автор: Бобан Илијевски

rabotnik.mk

Translate »