Димитров: Во модерната наука концептот на „историска вистина“ е застарен

Денот кога Бугарија стави вето за почеток на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија не беше добар, ниту за Европа, ниту за европската перспектива на нашиот регион, а особено не за нас, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во интервју за виенскиот весник „Стандард“.

Вели дека со Договорот со Бугарија беше формирана Мешовита комисија од историчари, кои треба да расправаат за историски прашања, но, како што нагласува, во последните неколку недели и месеци расправата за историските прашања стана доминантна и го поткопува политичкиот процес и меѓусебните односи.

– Бугарските историчари ги отфрлуваа оние извештаи во кои се појавуваше придавката „македонски“. И така ова прашање на идентитет стана пречка во работата на Комисијата. Но искрено: доколку совршениот договор на сите страни за историските прашања би бил предуслов, тогаш Европската Унија никогаш немало ни да се создаде. Во модерната наука концептот на „историска вистина“ е застарен. Сега се говори за мултиперспективизам. При пристапувањето треба исто така да станува збор за тоа, за усвојување на правото на Заедницата и европските принципи, а не централно прашање да биде историјата, истакнува вицепремиерот за европски прашања.

Димитров нагласува дека земјава има огромна поддршка за старт на пристапните преговори, додавајќи дела германското претседателство со Унијата ќе продолжи да работи на тоа да се одржи прва меѓувладина конференција помеѓу ЕУ и Северна Македонија во декември.

– А ние и понатаму ќе внимаваме на тоа никому да не му дадеме причина да нè блокира. Но, тоа не значи дека ќе се преговара за нешто за што не може да се преговара. Ние ќе ја европеизираме Северна Македонија на овој или оној начин. Ако постои достоинствено решение за овој предизвик ние во целост ќе го искористиме пристапниот процес; ако тоа не е можно, тогаш ќе ги искористиме мрежите на нашите пријатели и ќе работиме на тоа да ја одржуваме земјата во добра форма за кога ситуацијата ќе се промени, истакнува Димитров во интервјуто за „Стандард“.

Translate »