Кои земји нарачале вакцини против Ковид-19! Колку нарачала Македонија?
Десетици компании, од стартапи до фармацевтски гиганти, се натпреваруваат за производство на безбедна и ефективна вакцина против Ковид-19 за да одговорат на итната здравствена потреба и да заработат добри суми. Истовремено, земјите низ светот веќе нарачуваат вакцини за своето население. Македонија засега ќе набави 400 илјади вакцини. Колку ќе обезбедат другите земји од регионот и светот?
Позитивните резултати од последните испитувања на неколку кандидати за вакцини предизвикаа надеж дека сепак има светлина на крајот од пандемискиот тунел. Новиот коронавирус досега уби речиси 1,4 милион луѓе низ светот.
Колку вакцини се во процес на подготовка?
До средината на ноември Светската здравствена организација идентификува 48 кандидати за вакцина што се во фаза на тестирање. Ова е голема промена од јуни кога имаше 11 кандидати.
Сега, 11 кандидати за вакцина се во последната, трета фаза на тестирање во која се тестира ефикасноста на вакцината на поголем број луѓе, претежно десетици илјади луѓе од повеќе континенти.
Европскиот проект предводен од „Оксфорд“ и „Астра Зенека“ во понеделникот објави дека ефективноста на нивната вакцина во просек е 70 отсто. Вакцината е тестирана на 23.000 луѓе. Кога волонтерите примиле две високи дози, вакцината била ефикасна 62 отсто, но ефективноста се искачила на 90 отсто кога прво примиле мала доза од вакцината, а потоа голема.
Тие велат дека вакцината може да се чува најмалку половина година, а се транспортира и чува во обичен фрижидер. Компанијата најави планови за развој на три милијарди дози на вакцината во 2021 година, ако ги помине преостанатите регулаторни препреки. Најавата дојде откако американско-германскиот проект на „Фајзер“ и „Бајонтек“ на почетокот од ноември објави дека ефективноста на нивната вакцина е 90 отсто и дека нема несакани штетни ефекти кај илјадници волонтери.
Фото: Freepik
Оттогаш тие објавија нови резултати од тестовите што покажуваат дека вакцината работи во 95 отсто од случаите.
– Перформансите беа конзистентни во сите возрасни, полови, расни и етнички демографски групи – велат од компанијата.
„Фајзер“ моментално бара итно одобрување од американскиот регулатор ФДА за употреба на вакцината и очекува да произведе 1,3 милијарда дози до крајот на наредната година.
Исто така, американската биотехнолошка компанија „Модерна“ овој месец објави дека нејзината вакцина е речиси 95 отсто ефективна. Во наредните неколку недели „Модерна“ планира да достави апликација за итно одобрување на вакцината во САД и низ светот. Од компанијата велат дека до крајот на годината очекуваат да испорачаат околу 20 милиони дози на вакцината во САД. Тие велат дека може да произведат помеѓу 500 милиони и милијарда дози вакцини во 2021 година.
Дополнително, се смета дека неколку државни кинески лаборатории произвеле ветувачки вакцини.
Во меѓувреме, Русија веќе регистрира две вакцини против Ковид-19, дури и пред крајот на клиничките испитувања.
Видови вакцини
Некои методи за развој на вакцини се веќе испробани, додека други се експериментални. Инактивираните (мртви) традиционални вакцини користат мртов вирус, кој не може да предизвика болест, но поттикнува развој на имунитет. Другите се ослабени (живи) вакцини кои користат ослабен вирус кој нема потенцијал да предизвика болест, но ќе предизвика силен имунолошки одговор. Овие вакцини дејствуваат кога телото го третира деактивираниот патоген како вистинска закана и произведува антитела кои го убиваат без да го загрозат пациентот со целосна зараза.
Вакцините работат така што видови „вирусни вектори“ внесуваат фрагменти од вирусна ДНК во човечките клетки. На пример, вирусот на сипаници е модифициран со протеин од коронавирус, алатка со која САРС-Кoв-2 се „фаќа“ за човечките клетки, и може да се користи за да се обезбеди имунитет против Ковид-19.
Вакцините од „Фајзер“ и „Модерна“ се базираат на најсовремената технологија која користи синтетички верзии на РНК-молекули. Така, клетките произведуваат протеини на вирусот што имунолошкиот систем ги смета за закана и ги напаѓа.
Фото: Freepik
Безбедноста е на прво место
Неодамна, поради безбедносни причини, привремено беа запрени испитувањата на двајца кандидати за вакцини произведени од „Џонсон & Џонсон“ и „Ели Лили“. Но, тоа не се нужно лоши вести, вели Стивен Еванс, професор по фармакоепидемиологија на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина.
– Фактот дека испитувањата беа запрени треба да покаже дека безбедносниот надзор на учесниците во истражувањето одлично функционира – вели Еванс.
Се поставува прашањето колку долго може да дејствуваат потенцијалните вакцини со оглед на неодамнешните случаи на инфекција со коронавирус по втор пат.
Американскиот регулатор ФДА во октомври објави дека пред да даде дозвола за итни случаи на која било вакцина, сака да ги разгледа сите придружни податоци по два месеца од вакцинирањето.
– Она што е различно во врска со вакцината против Ковид-19 е тоа што станува збор за итна јавно-здравствена криза, така што развојот на вакцината е многу побрз, а со тоа и барањата за потенцијално одобрување – изјави Европската агенција за лекови (ЕМА).
Но, дури и итноста не може да ги надмине правилата.
– Сите вакцини во Европската Унија се оценуваат пред да бидат одобрени, според истите високи стандарди како и за секој друг лек – велат од ЕМА.
Земјите што порачале доволно или повеќе од доволно вакцини против коронавирусот за своето население
Според анализа на Глобалниот центар за иновации во здравството на Универзитетот „Дјук“, неколку земји и Европската Унија веќе порачале 2,8 милијарди дози од потенцијалните вакцини, кои вклучуваат две дози за секој пациент.
Доколку сите три вакцини бидат одобрени за употреба, шест земји (Канада, Јапонија, САД, Австралија и Чиле) и Европската Унија би можеле да вакцинираат повеќе 100% од своето население според бројот на вакцини што ги порачале.
Фото: Pixabay
Ова доведува до многу реална можност за нееднаква распределба на вакцините. Истражувачката група на „Дјук“ вели дека доколку богатите земји ги купат првите вакцини што ќе бидат достапни, тоа ќе доведе до повеќе смртни случаи од болеста отколку кога вакцините би биле дистрибуирани еднакво низ светот.
Процент на население што може да се вакцинира според бројот на вакцини порачани досега
Канада – 255,4%
Јапонија – 229,2%
Велика Британија – 217,4%
САД – 213,3%
Австралија – 175,2%
Европска Унија – 156,4%
Чиле – 130,5%
Костарика – 60%
Швајцарија – 52,7%
Аргентина – 49,4%
Бразил – 47,7%
Еквадор – 40,9%
Индонезија – 37,4%
Индија – 37%
Перу – 30,9%
Нов Зеланд – 30,6%
Египет – 30,5%
КОВАКС-механизмот беше создаден за да се обезбеди еднаква распределба на вакцините низ светот, а досега земјите и филантропите донирале 2 милијарди долари за оваа цел. Сепак, тоа нема да биде доволно бидејќи се проценува дека ќе бидат потребни барем уште 5 милијарди долари за да се набават вакцини за целиот свет.
Преку КОВАКС досега се обезбедени 300 милиони дози од вакцината на „Астра Зенека“ и Универзитетот во Оксфорд и 200 милиони дози од вакцината на која работат „Санофи“ и „Глаксосмитклајн“, која се наоѓа во рана фаза на тестирање. Ова нема да биде доволно за да се вакцинира населението во дури 92 земји кои не може сами да ги набават вакцините.
Фото: Pixabay
Колку вакцини порачале земјите во регионот?Министерот за здравство Венко Филипче на почетокот од месецов истакна дека преку КОВАКС-системот е аплицирано за вакцини за 20 отсто од населението. Тоа се 800.000 дози, по две дози по лице, кои се примаат на неколку недели, согласно сегашните сознанија за развој на антитела. Како што истакна Филипче тогаш, очекувањата се дека вакцините ќе бидат достапни на почетокот од следната година, а вакцината нема да биде задолжителна.
Во меѓувреме, српскиот претседател Александар Вучиќ неодамна изјави дека тие преку КОВАКС-системот обезбедиле 1,8 милион дози вакцини против коронавирусот. Тој најави дека тоа најверојатно ќе бидат вакцини од „Фајзер“ и „Бајонтек“, но рече дека преговараат и со кинеските и руските партнери.
Босна и Херцеговина во првиот круг вакцинација на населението ќе добие 800.000 дози, а според моменталниот план за вакцинација, најголем приоритет ќе им се даде на здравствените работници, луѓето во третата доба и оние со хронични болести.
Иако на почетокот на октомври преку КОВАКС, Црна Гора потпиша договор за набавка на вакцини против Ковид-19, според тамошните медиуми, земјата сè уште не ги исполнила сите обврски за да го потврди учеството во оваа програма. Но, кога во целост ќе пристапи кон механизмот, Црна Гора ќе може да одбира која од понудените вакцини ја сака. Оваа земја побарала околу 250 илјади дози, односно количина која би опфатила 20 отсто од населението, а во првата испорака би стасале околу 3 проценти, кои би биле наменети за здравствените работници и најстарото население. Тоа значи дека во првиот бран би биле вакцинирани околу 3.700 лица, со оглед на тоа дека се потребни по две дози.
Се очекува Косово да обезбеди околу 1,2 милион вакцини, пренесуваат тамошните медиуми и додаваат дека се планира најпрвин да бидат вакцинирани здравствените работници, постарите лица и оние со хронични болести.
Министерката за здравство на Албанија, Огерта Манастирлиу, за тамошните медиуми изјави дека албанската влада преку КОВАКС уплатила аванс за вакцини за 575 илјади граѓани, односно 20 отсто од населението. Манастирлиу истакна дека вакцината за граѓаните на Албанија ќе биде бесплатна и нема да биде задолжителна.
Извори: hr.n.1info.com | qz.com