Совет на Европа: Бугарија не ги почитува правата на малцинствата, Македонци, Роми и муслимани
Бугарија не постигнала значителен напредок во главните области што го загрижуваат Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), вклучително корупцијата на високо ниво, слобода на медиумите, правата на малцинствата, говорот на омраза и насилство против жените, се наведува во извештајот на известувачот на ПССЕ, Микаел Аструп Јенсен за исполнувањето на обврските на земјите под мониторинг, преземени со членството во Советот на Европа.
Под строг мониторинг се единаесет земји, меѓу кои Полска, Русија, Србија и Албанија, а во постмониторинг дијалог се Македонија, Црна Гора и Бугарија.
Како што објасни известувачот Јенсен, со пандемијата работата на следењето на обврските било отежнато, но во извештајот на ПССЕ повторно се најде положбата на македонското малцинство во Бугарија.
На годинешнава прва зимска сесија на ПССЕ која се одржува комбинирано, при што дел од парламентарците се присутни во Стразбур, а дел учествуваат преку видео врска, за Бугарија беше истакнато дека во изминатата година нема постигнато напредок во главните области што загрижуваат, вклучително и корупција на високо ниво, слобода на медиумите, како и човековите права на малцинствата, меѓу кои и на Македонците.
„Во однос на човековите права на малцинствата, комесарот на Советот на Европа за човекови права со загриженост во својот извештај за Бугарија за 2020 година забележа ендемска нетолеранција кон малцинските групи, особено Ромите, муслиманите, мигрантите и барателите на азил, луѓето кои се изјаснуваат како етнички Македонци и ЛГБТИ заедницата. Во извештајот се наведува наплив на непријателски акти против малцинства, вклучително и злосторства од омраза и низа антиромски митинзи организирани низ Бугарија“, нагласува Јенсен.
Во усвоената резолуција од ПССЕ, се наведува дека бугарските власти изразиле декларативна волја за реформа на Уставот со цел ефикасна борба против корупцијата и гарантирање на независност на судството, владеење на правото и соработка со Европската комисија за демократија преку закон (Венецијанска комисија) во врска со ова.
Сепак се оценува дека Бугарија нема постигнато значителен напредок во главните области што го загрижуваат ПССЕ, вклучително корупција на високо ниво и слобода на медиумите.
Парламентарното собрание на Советот на Европа од Бугарија бара да ги засили напорите за решавање на нерешените проблеми наведени во Резолуцијата 2296 (2019) „за постмониторинг дијалогот со Бугарија“, односно борбата против корупцијата на високо ниво, слободата на медиумите, човекови права на малцинствата, говорот на омраза и насилство врз жените и целосно да ја искористи правната експертиза на Советот на Европа во процесот на усвојување на новиот Устав.
izvor mkd.mk