Цените растат! Што најмногу поскапува?
Бран на идни поскапувања најавуваат стопанствениците, а очекувања за забрзување на инфалцијата очекуваат и економските аналитиачри. Народната банка веќе соопшти дека ја ревидираше стапката, па за годинава очекува стапка на инфлација од 2,2 проценти. Прогнозите за следните две години се нешто пониски односно два отсто во 2022 и во 2023 година. Очекувањата ги темели на анкета во која учествуваат и некои од креаторите на цените. Значајни зголемувања на цените во следниот период најавува корпоративниот сектор, а тој процес кој почна од стартот на годината продолжува во вториот квартал. Најголеми поскапувања сега се планираат токму во дуќаните за широка потрошувачка и во градежништвото.
„Во анкетата во март, од аспект на очекувањата кај корпоративниот сектор, раководителите на претпријатијата во трговијата на мало и градежништвото очекуваат значително зголемување на цените на нивните производи во следните три месеци, во споредба со претходниот квартал. Исто така, поизразено зголемување на цените очекуваат и раководителите на претпријатијата во индустријата, за првпат по три квартали на постојани очекувања за намалување на нивните цени, стои во анализата на Народната банка.
Во анкетата, исто така раст на цените очекувале и потрошувачите, додека пад единствено најавуваат раководителите во услужниот сектор, но малку поумерен во споредба со очекувањата од претходниот квартал.
Според економските аналитичари годинава стапката на инфлација ќе биде 1,8 отсто, додека Меѓшународниот монетарен фонд очекува раст на трошоците за живот од два отсто.
„Кога станува збор за патеката на идното движење на цените, поголемиот дел од домашните и меѓународните институции очекуваат постепено и умерено забрзување на стапката на инфлација во наредните две години. Овие очекувања во голема мера се одраз на очекувањата за постепено закрепнување на економската активност, како во глобални рамки, така и во домашната економија, велат од Народната банка.
Пред две недели Државниот завод за статистика објави дека за дури 10,8 проценти пораснале цените на маслото и маснотиите за еден месец. Зеленчукот и компирите во април биле поскапи за 7,2 отсто во однос на март, а овошјето поскапело за 5,3 отсто. Според податоците на Државниот завод за статистика, на месечно ниво вкупните трошоци за животот се зголемиле за 0,7 проценти, а цените на мало за 0,6 проценти. Сепак за една година, се поскапело за 2,7 проценти колку што е растот на трошоците за живот (толкава е и инфлацијата впрочем), а цените на мало се зголемиле во последната година за дури 3,7 проценти.
Веќе е најавено дека е можно зголемување на цената на електричната енергија што може дополнително да ги вивне цените.
„Растот на трошоците за живот директно ќе влијае врз квалитетот на живот на граѓаните, па дури и може да додведе до зголемување на стапката на сиромаштија. Дури и да не се покаже тоа во вкупниот процент на сиромаштијата како пораст на стапката, секако најголем удар ќе претрпат семејствата кои имаат минимални примања или ниска економска активност меѓу членовите. Проблематично кај нас е тоа што голем процент од семејствата живеат со приходи кои во целост ги трошат за задоволување на минималните потреби за живот, па секое покачување на трошоците значи поголем ризик од сирмаштија. Состојбата е и онака многу комплексна и кревка, и не дозволува изолирано гледање на состојбите, односно многу е важен одговорот на државата за заштита на работните места, висината на платите и социјалната сигурност која ќе ја обезбеди за најранливите за да може да се превенираат последиците од инфлацијата“, изјави за Фактор Билјана Дуковска од од Македонска платформа против сиромаштија.