Анксиозноста и силната личност- колумна на Проф. д-р Гордана Ристевска Димитровска специјалист психијатар
Секој кој се бори со симптоми на анксиозност заслужува да добие објаснување за тоа што му се случува. Без исклучок, сите анксиозни луѓе, ги помислуваат подолу наведените работи, а голем дел се навистина убедени во нив. Моето секојдневие е исполнето со разработка на вакви, директно или во позавиткана форма поставени прашања:
– Дали сум слаба личност, бидејќи имам анксиозност, панични напади, депресија…?
– Дали може вакво нешто да доживее комуникативна, темпераментна личност која го сака животот?
– Мора да сум слаб, штом не можам да ги прекинам овие напади…
– Ми велат, сè ми е на психичка база, но јас навистина чувствувам дека срцето ќе ми излета од градите…
Често сè прашувам од каде доаѓа ова чувство на пораз, на слабост и безвредност, заради болест која е тешка за чувствување, а од медицински аспект релативно лесна за лекување.
Јасно е дека нема едноставен одговор за тоа од каде доаѓаат сите овие комплексни преиспитувања. Ќе се обидам да напишам сè што во моментот ми доаѓа на памет, што емпириски знам дека влијае врз луѓето.
Да се има симптоми на психичка основа, тоа не значи дека симптомите ги нема, само најчесто значи дека потекнуваат од некој несвесен психички конфликт, кој е недоволно потиснат, а сепак активен, што предизвикува мноштво телесни симптоми.
Анксиозноста и депресивноста се многу чест проблем, особено кај младите. Присуството на вакви потиснати психички конфликти кои прават симптоми е честа појава, и не значи дека ако се јават, човекот не го сака животот. Баш напротив, човекот се бори за да ја врати добросостојбата, најдобро што знае и умее, понекогаш парадоксално правејќи го тоа преку телесни симптоми.
Симптомите се борба, да се дојде до решение, покажуваат дека нешто се случува, а човекот не е свесен што е причината. Кога ќе се дојде до сознание од каде потекнува проблемот, разрешувањето на конфликтот е возможно.
Овие внатрешни конфликти може да доаѓаат од различни места: желбите кои ги имаме, моралните норми кои ги ограничуваат желбите, амбиции, загуби, фрустрации, партнерски и семејни дисфункции…
Општеството во кој живееме придонесува на свој начин. Западниот начин на живот на кој толку многу сакаме да припаѓаме, е еден од факторите кој придонесува за психичко страдање. Денешниот живот е исполнет со индивидуализам и ценење на човекот според материјалното. Потреба да се успее, тоа да се направи самостојно, постојано да се работи и да се игнорира чувството на инфериорност стекнато од тоа што сме посиромашни, полошо организирани, дискриминирани од богатиот Запад.
Истовремено го љубиме и го мразиме ориенталното и балканското во нас. Структурата и блискоста во семејството, пријателите и кафаната, кафе-културата и кабадајлукот, да се појавиш на гости без најава кога сакаш…
Се разбира тука е и постојаниот колективен страв кој го носиме од Илинден 1903, Големата Војна и разурнатата Битола на патот на Солунскиот фронт, Втората Светска Војна. Помирниот период во Југославија не беше доволен да се заборави, и не не подготви за она што следуваше. Војните од 1990тите, Косово, Македонија 2001, ги жигосаа новите генерации со постојаната можност дека ќе се случи војна, глад, сиромаштија. Вечната транзиција, корупција и правна несигурност, толку многу ја засили инфериорноста, што младите мислат дека секаде е подобро од овде. Очекуваат да ја стигнеме Германија, но за тоа да се случи, Германија треба да застане, да не почека.
Неразбрана болест, неверна болест, луѓето не разбираат како може да ти биде толку многу лошо, а да си телесно сосема здрав. Од тука доаѓа личната несигурност, ако си болен, дали си вреден да бидеш сакан? Ова чувство е потешко да се разбие кај депресивниот и анксиозниот, за разлика од кај дијабетичарот или астматичарот. Од анксиозниот и депресивниот, сите очекуваат самиот да си помогне, да се излекува „на природна база“. Никој нормален не се осмелува да му каже да дијабетичарот да си помогне сам, еве да го натера панкреасот да лачи инсулин. Ова секогаш треба да го имаме во предвид, сите, анксиозни, депресивни и луѓе без психички симптоми. Болниот веќе направил сè што знае и може за да му биде подобро, но не му е. Се чувствува ужасно!
Ако не можеме вистински да разбереме како се чувствува оној кој се мачи, барем да не му ја влошуваме ситуацијата со нанесување на вина дека самиот не си помага, или со потценување на проблемите „ништо не ти е“.
Ако сакаме да го видиме нашиот близок здрав и среќен, тогаш да му обезбедиме вистинска помош од семеен доктор, психијатар и психотерапевт. Да ги надминеме стравовите, страмот, стигмата. Да ставиме крај на погрешните совети од типот „овие лекови не се за тебе; тоа е многу тешка терапија“. Да ги избегнуваме бајачите!
https://www.facebook.com/watch/?v=357068832664389&t=1
Анксиозноста е емотивен проблем, а човечката емоционалност е една вселена во која живее сè што сме доживеале, размислувале, љубеле… Во секоја вселена има ѕвезди, комети, црни дупки и супернови. Сè што во овој живот можеме да направиме е да ја запознаеме подобро нашата вселена, и да ја сакаме таква каква што е. За туѓите вселени само малку знаеме, затоа да не им судиме.
Проф. д-р Гордана Ристевска Димитровска специјалист психијатар