„Европа не е подготвена за забрана на рускиот гас“: Прекинот на снабдувањето ќе има огромни последици
Стерн предупредува дека Русија произведува 10 милиони барели дневно, една десетина од светското производство, од кои извезува 50 проценти.
Европа не е подготвена за забрана на увозот на гас од Русија, лидерот на „OMV“ Алфред Стерн во интервју за „Куриер“.
Како што додал, стопирањето на испораката би влијаело на европската индустрија и вкупната економија.
„Мислам дека денес не сме подготвени за ембарго, освен ако не сме подготвени да ги прифатиме последиците. Едно треба јасно да се разбере: снабдувањето со гас не го обезбедуваме со сопствено производство во Европа, туку се снабдуваме од Русија“, рекол Стерн.
Според зборовите на лидерот на „OMV“, прекинот на снабдувањето би значело големи последици за индустријата и економијата, пренесува „Index“.
„Русија произведува десетина од светското производство на нафта“
„Секако, постои закон за енергија со кој на домаќинствата им обезбедуваме топлина. Домаќинствата во просек трошат околу 20 проценти од гасот годишно, потребни ни се околу 35 проценти за производство на енергија и околу 40 проценти за индустријата. Но, не станува збор само за тоа туку и за одржување на нашите економски активности, а тоа не би било можно во случај на ембарго“, рекол Стерн.
Што се однесува до нафтата, Стерн рекол дека руската сировина „OMV“ не ја користи во ниедна од своите рафинерии. Меѓутоа, предупредува дека Русија произведува 10 милиони барели дневно, една десетина од светското производство, од кои 50 проценти се извезуваат.
„Станува збор за значајни количини, а разликата во цената меѓу Брент и Уралс нафтата моментално е 30 долари. Сигурноста чини, а ембаргото ја намалува количината на испорака. Поради лошите економски прогнози за побарувачката за нафта, веројатно нема многу да порасне, но може да се очекува дека цената на нафтата ќе остане на високо ниво. Пазарите не реагираат само рационално, туку ги придвижуваат и стравови и емоции“, вели Стерн.