Проф. д-р Димитар Ташковски: Високото образование мора да биде локомотивата за неопходни промени и движечка сила кон целокупно подобрување на состојбите.

УКИМ се соочува со силни предизвици веќе подолго време кои во наредниот период само ќе бидат интензивирани. Не постои еден главен предизвик на кој може да се фокусираме туку станува збор за поголема група на хетерогени предизвици кои го доведоа УКИМ во состојбата во која се наоѓа. Би ги набројал деградирањето на звањето универзитетски професор во општествениот живот, слабата препознатливост на УКИМ и нелојалната конкуренција од формални и неформални образовни институции, исклучително ниското финансирање на наука од државата, непостоење финансиска автономија на универзитетот, слаба кадровска екипираност на речиси сите единици, недостаток на простор за работа и современи лаборатории, недоволна соработка помеѓу различните единици и вработени на УКИМ, слаби критериуми за унапредување во академски звања, ниска свесност за соработка академија – бизнис, ниско ниво на дигитализација итн. Свесен за сите овие проблеми, мојата програма за работа како Ректор на УКИМ во мандатниот период 2023-2026 предвидува посебни мерки за решавање на сите горенаведени предизвици, кои драстично би ги промениле трендовите на УКИМ кон подобро.

Како сметате дека треба да се пристапи за да се привлечат повеќе меѓународни истражувачки проекти и финансирања?

Искуството од развиените држави укажува дека државното инвестирање во наука и развој мора да биде доминантно во споредба со други извори на инвестирање. Државата мора да почне да издвојува средства за оваа ставка во граници кои се на ниво на европските. На пример, европскиот просек за средства за наука и развој е 2.3% од БДП, кај Израел таа бројка е дури 4%. Кај нас се зборува за бројки од 0.2-0.3% што е поразително. Соочени со недостатокот на финансирање на своите научни истражувања, дел од професорите на УКИМ воспоставија научни врски со странски универзитети и научни институции со кои работат на меѓународни научни проекти, финансирани од странски научни фондови. За зголемување на обемот на оваа меѓународна соработка, УКИМ треба да отвори посебна Канцеларија за меѓународна соработка која ќе им помага на професорите во подготвувањето на апликации за меѓународни проекти, но и истовремено ќе врши ефикасно управување со тековните проекти. Оваа канцеларија би го олеснила целиот процес на аплицирање и водење на проекти. Дополнително, во мојата програма за работа е предвиден и Фонд за наука и развој кој ќе биде финансиран од сопствените приходи на УКИМ. Овој фонд треба да биде основна поддршка на активностите за наука и развој кај кадарот на УКИМ.

Дали студиските програми на УКИМ се усогласени со европските стандарди за високо образование и меѓународно акредитирани?

Добар дел од студиските програми на УКИМ се современи и ги следат светските трендови, но немаат меѓународна акредитација. Минатата година, ФЕИТ доби акредитација од германската агенција за акредитација на инженерски студиски програми – ASIIN со што стана првиот и единствен факултет во државата со меѓународна акредитација. Согласно искуството од овој процес, неопходно е искрено согледување на постоечката ситуација, сеопфатна самоевалуација и јасно потенцирање на слабостите. Јас немам дилеми во капацитетот и знаењата на нашите професори, но сметам дека треба да се работи на збогатување на студиските програми со цел стекнување меѓународна препознатливост, да се користат нови технологии и методологии за подобрување на наставниот процес, да се обезбеди нов простор за работа и за лаборатории, да се зголеми практичната работа на студентите, да се осигура постојано следење на трендовите и нудење на можности за дообразување и, конечно, да се зголеми интернационализацијата на наставниот кадар и студентите. Како резултат на оваа модернизација на студиските програми, УКИМ би прераснал во современ, отворен и истражувачки ориентиран универзитет. За поддршка на процесот, во мојата програма се предвидени неколку нови центри на УКИМ (за е-учење, за унапредување на компетенциите на наставниците, за инклузивно образование, за доживотно учење) заради адекватно справување со погорните проблеми преку централен пристап кој би осигурал нивно квалитетно адресирање. Конечно, предвидувам и Канцеларија за обезбедување на квалитет која би се фокусирала и на одржување на квалитетот на студиските програми.

Дали и колку УКИМ посветува внимание на интердисциплинарноста во академските програми и истражувања?

Како Ректор силно ќе се залагам за засилување на соработката меѓу факултетите на УКИМ. На универзитетот постојат извонредни кадри, со извонредни публикации и меѓународни референци и нивниот потенцијал мора да се стави во функција на идниот развој. Новото време носи проблеми кои не припаѓаат ексклузивно само на една област туку се по својата природа интердисциплинарни. Јас сум длабоко убеден дека на УКИМ постои огромна експертиза кај наставниот кадар и истата треба да се искористи за внатрешно отворање за соработка што ќе ја олесни интердисциплинарноста. Се разбира, ова се однесува и на студиските програми, но и на меѓународните проекти во кои учествуваат професори од универзитетот. УКИМ е интегриран универзитет и таа интегрираност треба да се рефлектира на дело.

Prevzemeno od Faktor.mk

Translate »