Влатко Сулев, Balkan Prime Tours: Туризмот е најчистиот и најдобриот бизнис што може да придонесе за развој на претприемништвото во земјава

Влатко Сулев е експерт за туризам, генерален менаџер на Balkan Prime Tours  и дел од Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ). Исклучително почитувана личност, професионалец со големо искуство во туризмот, човек благодарение на кого многу странски туристи ја посетија Македонија, и одовде си заминале со позитивни импресии. Влатко неодамна беше дел и од балканската туристичка делегација која ја посети Кина, токму со цел луѓе од овој дел од светот организирано да го посетат Балканот и Македонија.

Неуморен, секогаш со јасна визија Влатко Сулев сака да ја промени сликата за туризмот како гранка во Македонија. Според него тоа е најчистиот и најдобриот бизнис што може да придонесе за развој на претприемништвото во земјава, да ги поттикне младите да останат дома и да развиваат сопствен бизнис, да ја промовираат Македонија во најубавото можно светло.

Balkan Prime Tours организира тури во Македонија за странски туристи од 2007 година, но и тим билдинг активности за македонски компании. Благодарение на Balkan Prime Tours над 150.000 странски туристи изминативе години ја имаат посетено Македонија, што ги прави вистински промотери и амбасадори на нашата земја и Балканот. Организираат тим билдинзите за мали, големи, средни компании од различни дејности, за сите оние кои сакаат нешто да променат, да воспостават синергија и поголема соработка меѓу вработените.

Компанијата има своја канцеларија во Скопје, но и во Софија, Подгорица и Тирана, соработува со огромен број на хотели, ресторани и семејни туристички работници од регионот, за да креира автентични туристички понуди според желбите на туристите.

За странските туристи Македонија не е само нова дестинација, туку и нов начин на гледање на работите, нова животна филозофија која ги буди сите сетила, и создава спомени вредни за споделување. Секое патување од илјадници милји почнува со првиот чекор, вели Влатко но за да го направиш потребна е желба за патување, која ние сакаме да ја разбудиме или поттикнеме.

Последен проект кој го реализиравте беше тим билдинг проект за компанијата Damilah…Како поминавте?

За над 90 -тина вработени од компанијатa Damilah организиравме специјална неколку дневна тим билдинг програма. Содржина која вклучуваше автентични доживувања, искреност и оригиналност, комбинирани со забавни и натпреварувачки активности.

Тим билдингот, како активност има за цел зближување, запознавање, раѓање на нови идеи! Преку нив се создаваат моменти за сеќавање, се доживуваат искуства кои подолго време потоа се прераскажуваат. Ги организираат компании кои имаат визија и сакаат да остварат долгорочен раст.
Бевте во Кина.

Колку Македонија и Балканот се интересни за туристи од Азија?

Постои исклучително голем интерес. Потребена е само организација. Веќе неколку години зборуваме на темата визи, треба да го решиме тој момент како што го решија другите држави како Србија, Албанија, Црна Гора и Босна и Хрецеговина. За нив Македонија како дел од поранешна Југославија е нешто многу интересно, и наша задача е да го искористиме тој момент. Би сакал да споделам дека нашата компанија отвори официјално претставништво во Нингбо и веќе ги подготвуваме понудите за дестинации низ балканот, се надевам и искрено посакувам наскоро и Македонија да биде дел од следните програми. Кина се развива со неверојатна брзина, расте стандардот и тие се и ќе бидат многу значаен туристички пазар. Не карактеризираат слични вредности! Вековно богата култура, почит кон традиционалните вредности, желба за врвно кулинарско доживување, потреба од автентични искуства кои ги задоволуваат сите сетила. А ние имаме што да понудиме. Ни недостига самодоверба, и поголема позитивна енергија. Го имаме Охрид, место од каде започнале ренесансата, археолошки локалитети кои имаат што да покажат, домашни винарии кои создаваат нешто посебно…и многу повеќе.

Што очекуваат странските туристи кога ја посетуваат Македонија?

Странските туристи  сакаат автентични доживувања, искреност и оригиналност. Од локалното население не очекуваат глума или преправање, не очекуваат да бидат нешто што не се. Сакаат обични работи, лични доживувања и тоа знаат да го ценат. Сакаат свежа, убава и оригинална храна приготвена на традиционален начин, сакаат да ги посетат македонските винарници, да видат изворно како се произведува вино, како се произведува сирење… уникатно туристичко искуство. Сакаат нешто што го немаат во нивните матични земји. Тие не преферираат луксузни хотели и ресторани, туку автентично семејно доживување.
Сакаат да ја доживеат локалната култура, да видат како размислуваат луѓето од овој дел од Европа.

Дали туризмот како гранка може да има силно влијание на БДП?

Туризмот како сектор има голем потенцијал, повлекува дирекнто или индиректно 15 други сектори и може многу повеќе да учествува во создавањето на БДП. Сектор во кој многу млади луѓе може да се вклучат и да се креираат интересни содржини кои ќе привлекуваат туристи, посебно странски. Веќе зборуваме за вински туризам, за адреналински туризам, за верски туризам, културен туризам, за автентични гастрономски доживувања. Македонија е стратешки поставена во срцето на Балканот, и е одлична за менаџирање на неколку дестинации како Србија, Бугарија, Северна Грција, Албанија, Косово. Од сите сме оддалечени од 200 до 250 километри, за максимум од 2,5 до 3 часа сме до сите дестинации.

Која е мисијата на Балкан Прајм Турс?

Да  открива  нови убавини во нашата земја и на тој начин да придонесе кон развој на туризмот. Да создаде трајни вредности и туристички содржини кои во иднина ќе нè радуваат, исполнуваат и на кои сите ние ќе бидеме горди. Да креираме незаборавни доживувања кои ќе се прераскажуваат. Токму затоа во агенцијата обрнуваме внимание на секој детаљ.

Луѓето од нашиот тим се постојано на терен. Ние не нудиме дестинација или објект ако не сме го посетиле, и ако самите не веруваме дека е правилниот избор. Професионализмот и посветеноста се клучни за успех во овој сегмент.

Зошто треба да патуваме?

Светот е полн со убавини и авантури, по кои треба да се трага со широко отворени очи. И само доколку патуваме тие дестинации можеме да ги откриеме, и духовно да се збогатиме

Translate »