Текстилна работничка: Моите деца не ги виделе ни Охрид, ни Дојран!

Текстилна работничка од Источна Македонија, со 19-годишно работно искуство, самохрана мајка на две веќе полнолетни деца, пред камерите на ЦИВИЛ Медиа, ја раскажува својата животна приказна и голготата на текстилните работнички.

„ Јас имам работено 19 години во конфекција, од кои само 13 се платени со пензиско и инвалидско осигурување. За сите овие години работа, сум се соочила со многу неправилности при работата, како нарушување на основните работнички права, па дури и човекови права, дискриминација, мобинг на работно место. За жал, надлежните органи и институции се неми на нашите поплаки, па дури и кога ќе се пожалиме до Трудовиот инспекторат или до другите надлежни органи, задолжително сме пријавувани кај газдите дека сме пријавиле некоја нерегуларност, по што следува бркање од работа!“, вели нашата соговорничка, која сакаше да остане анонимна.

Таа раскажува дека условите за работа во конфекциите во Источна Македонија се мизерни, без соодветно затоплување зимно време, без соодветна климатизација на лето, без услови за нормален појадок, со енормни норми кои треба да се исполнат за минимална плата, со несоодветно платени прекувремени часови кои некогаш достигнуваат и до 60 часа неделно!

„Последните неколку години имаме четири работни дена годишен одмор, а останатото се викенди и празници. Во меѓувреме, тие си изготвуваат решенија за годишен одмор, веќе потпишани во наше име. Јас имам лично видено такво решение“, вели нашата соговорничка. Таа, исто така, истакнува дека многу често работничките се навредувани и понижувани. „Многу често сме навредувани дека не сме си го заработиле ниту лебот, ниту солта, а нормите кои ги поставуваат се огромни и не може да се постигнат“.

Нормите континуирано се качуваат за газдите да имаат оправдување зошто работниците не можат да заработат повеќе пари. „Секој пат кога ќе се побуниме за платата, нивниот одговор е дека ние не ја заработуваме таа плата, туку дека секогаш таа ни е дотирана“.

„Јас, како самохрана мајка, многу тешко се справувам со минималец. Имам две деца кои се веќе на факултет. Моите деца, за жал, не знаат ниту Дојран каде е, ниту Охрид, не се заминати на одмор! Благодарение на моите родители, успевам некако да се снајдам. Со мојата плата не можеме да ги задоволиме ниту најосновните потреби. Буквално, речиси уште и за леб да трпиме!“, ја завршува својата приказна оваа самохрана мајка која сакаше да остане анонимна, поради стравот дека утре може да остане и без мизерната плата.

 

 

Преземено од Civil Media

Translate »