проф. д-р Никола Поповски -Сите економии растат, само нашата не!
Ништо не би требало да укажува на сериозното забавување на растот на македонската економија – светскиот економски раст и трговија се во подем, исто е и со водечките економии на САД, Кина и ЕУ, како и со сите економии во развој, а и растот во нам сличните и блиски економии е солиден. Политичката криза е само изговор за немоќта на економијата.
Оваа година македонската економија ја покажа целата своја слабост и недоследност. Таа по неколку основи презентираше катастрофални сигнали за состојбата во која се наоѓа. Според сопствените пресметки базирани на податоците од Државниот завод за статистика на РМ, во првите три квартали односно првите девет месеци од оваа 2017 година нејзиниот БДП се намали за 0,2 отсто, со што таа опасно се приближи до можноста за прогласување на формална рецесија. По квартали, споредени со истите квартали од минатата 2016 година растот на БДП изнесува: 0,0 отсто во првиот; -1,3 отсто во вториот и 0,2 отсто во третиот. Нималку гордо.
Политичката криза не е единствениот виновник
Ако се има предвид дека овие резултати се надоврзуваат на релативно скромниот економски раст од само 2,9 отсто во 2016 година, станува јасно дека економијата едвај ни ползи. Првите изјави на експертите и на официјалните лица се дека тоа е резултат на политичката криза која ја одбележа оваа година во Македонија. Тоа е само делумно точно бидејќи кризата ескалираше во првите пет месеци, но веќе од 1 јуни, со формирањето на новата влада, состојбата почна постепено да се стабилизира. Второ, и во 2016 година Македонија функционираше во услови на соодветна политичка криза со преодна мултипартиска и економски нефункционална и неефикасна техничка влада и премиер која на сцената се задржа во текот на целата година (јануари-декември). Сепак, во таа година БДП порасна за скромни 2,9 отсто надоградувајќи се на претходниот раст од 3,6 и 3,9 отсто во 2014 и 2015 година. Оттука, постоењето на политичката криза во првите 5 месеци од 2017 година е само дел од причините за можната рецесија или, во најмала рака, можната стагнација на економијата оваа година.
Според сопствените пресметки, во последниов четврти квартал од оваа 2017 година економијата ќе треба да има раст од најмалку 1,1 отсто за на годишно ниво, во техничка смисла, да биде во состојба на стагнација и да избегне рецесија. Не е спорно дека тоа е можно, но во суштина и да биде така, тоа нема да значи ништо. Годинава е изгубена. Ако, пак, растот е понизок од тоа, како на пример во третиот квартал годинава, де факто, ни отиде во рецесија. Тоа не е за занемарување. Рецесијата во економијата се смета за еден од најсериозните макроекономски проблеми.
Сите економии растат, само нашата не
Дополнителни прашања се отвораат околу фактот дека во светот, во Европа и во нашето најблиско соседство и регион оваа година завршува со солиден економски раст. Според предвидувањата на ММФ, светскиот БДП во 2017 ќе порасне за околу 3,6 отсто, оној во Европската Унија за 2,1 отсто, а во европските земји што сè уште важат за растечки економии во развој и во кои спаѓаме и ние, растот ќе биде околу 4,5 отсто. Економиите слични на нашата според нивото на развиеност и според своите структурни карактеристики испорачуваат сосема поинакви стапки на раст: Албанија 3,7 отсто; БиХ 2,5 отсто; Бугарија 3,6 отсто; Косово 3,5 отсто; Црна Гора 3,0 отсто, Романија 5,5 отсто; Србија 3,0 отсто; Турција 5,1 отсто итн.
Јасно е дека движењата во нашата економија не можат доволно да се објаснат ниту со случувањата во глобалната економија, што оваа година се во спротивен правец од оној на македонската.
Ако на ова ги додадеме движењата и во економиите што се мотори на растот во светот, ќе дознаеме дека и со нив сме во сериозен расчекор. Имено, економијата на САД како далеку најголема во светот ќе порасне за околу 2,2 отсто, а онаа на НР Кина за нејзини услови ќе биде со скромен раст од „само“ 6,5 отсто.
Ништо не би требало да укажува на вака сериозно забавување на растот на македонската економија – светскиот економски раст и трговија се во подем, исто е и со водечките економии на САД, НР Кина и ЕУ, како и со сите економии во развој, а и растот во нам сличните и блиски економии е солиден. Политичката криза е само изговор за немоќта на економијата, бидејќи вакви или слични кризи има и во Белгија, па дури и посериозна криза во Шпанија заради „каталонскиот проблем“ или во Велика Британија заради „брегзитот“, во Косово заради немањето стабилно мнозинство во нивниот законодавен дом, но економиите имаат задоволителен раст од 1,9; 3,1; 1,7 и 3,5 отсто соодветно на годишно ниво.
Еден од сигналите за стагнацијата на нашата економија е и движењето на вредноста на македонскиот берзански индекс МБИ-10 што во последниве 12 месеци номинално се зголеми за само 13 отсто, наспроти повеќето светски и регионални берзански индекси што пораснаа за двојно или за тројно во однос на македонскиот, за што сведочат најважните два американски, па можеби и светски берзански индекси – оние на њујоршката берза (DJIA – Dow Jones Industrial Average и NASDAQ Composite Index) што во последнaва година пораснаа за фантастични 23,2 и 27 отсто соодветно.
Постојат секторски и инвестициски проблеми
Каде се причините за стагнацијата и опасноста од рецесија во Македонија? Секторски гледано, тие се во релативно слабите резултати во дејностите на индустријата која има годишен пад од околу 3-4 отсто и градежништвото со пад од над 10 отсто. Слично е и со финансиската дејност и скоро сите јавни дејности што се со поблаг пад. Пад во некои од овие дејности, како на пример во градежништвото беа очекувани и само беше прашање на време кога ќе се случат заради нужното намалување, па дури и запирање на изградбата на непродуктивните и непотребни објекти од проектот Скопје 2014. Причините се слични и со јавните дејности (јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување; образование; здравствена и социјална заштита), но потфрлањето на индустријата има сериозни субјективни и внатрешни причини. Ист е случајот и со финансиските дејности.
Од друга страна, инвестициите во фиксните фондови во периодот април-септември се намалени за околу 15 отсто што може да биде фатално за стапката на растот веќе во наредната 2018 година. Јавните инвестиции и понатаму ќе имаат мал удел во растот на економијата, бидејќи, според владините калкулации, и во наредната година тие во голем дел нужно ќе се употребат за исплата на неплатените астрономски износи од проектот Скопје 2014 и за довршување на започнатите прескапи автопати, што заради субјективни причини поскапеа за стотици милиони евра и дополнително на тоа доцнат и со изградбата (Скопје – Штип) или се со погрешно проектирани и изведени делови од трасите (Кичево – Охрид). Тоа не создава амбиент на можен значителен раст ни во наредната година.
Нема лесни и брзи решенија
Логично дека во такви услови сите се прашуваме што треба да се направи и дали има лесни и брзи решенија за излез од ваквата состојба? Одговорите не се ни малку оптимистички. Вниманието треба брзо да се сврти кон сериозни и можеби болни реформи почнувајќи од јавната сфера. Брзи и ефикасни фискални реформи што ќе бидат во функција на краткорочниот и долгорочен раст се нужни. Превработеноста во јавниот сектор, особено во буџетските институции мора брзо и ефикасно да се намали; структурата на буџетот храбро да се менува кон таква што обезбедува јавни добра на граѓаните и стопанството, а не плати и социјална заштита на привилегирани делови од населението што се под буџетска заштита. Буџетскиот дефицит и јавниот долг постепено, упорно и храбо да се намалуваат за да се ослободат средствата врзани за нивно сервисирање за други намени. Пензискиот и здравствениот систем и соодветните фондови темелно и долгорочно да се реформираат. Судството и целиот правосуден систем целосно да се реорганизира. Државното образование многу внимателно да се реформира на долг рок без поголеми радикални чекори што можат да бидат фатални за многу генерации.
Владата треба брзо и одважно да се повлече и од економските сфери и активности во кои нема никаква потреба да се меша и цврсто да ги зајакне пазарните механизми на регулирање на економијата бидејќи само така ќе сме сигурни дека некоја идна политичка нестабилност нема повторно веднаш да се прелее во економска стагнација или рецесија. Ваквите чекори не се ни лесни ни едноставни, но можат да дадат надеж дека економијата на долг рок ќе ни биде постабилна и попросперитетна.
преземено од
http://respublica.edu.mk/blog/2017-12-19-09-11-20