AРТИЧОКА – природен антиоксиданс, со бројни лековити дејства
Грците и Римјаните ја користеле како афродизијак и средство за добивање машки потомци. Најпознатиот обожавател на уметноста – Катарина де Медичи, ги запознала Французите со оваа маркатна билка, кои ѝ го доделиле епитетот – најквалитетен деликатес и започнале да ја одгледуваат. Уште во народната медицина се користела како диуретик и како природен тоник“ за црниот дроб. Фармаколошките и терапевтските ефекти за црниот дроб веќе биле добро познати уште во 17 век. Модерните студии започнале во минатиот век и ги потврдиле стимулирачките својства на екстрактите од артичока за црниот дроб и жолчниот меур.
Денес се користи за лекување на разни медицински состојби, вклучувајќи жолтица, диспепсија и хронична албумининурија.
Постојат повеќе од четириесет видови на артичока. Таа расте на Медитеранот и е далеку позната по своите лековити дејства. За лековитите својства првенствено се заслужни лисјата и коренот т.е свежиот сок од оваа билка.
Артичоката во големи количини содржи антиоксиданти, цинарин, силимарин, и ферулна киселина, а во мали количини бета каротен, лутеин и зеаксантин.
Не може да се јаде сирова, бидејќи е тешка за варење, но сварена и зачинета е првокласен кулинарски деликатес за сите гурмани. Најдобро е да се јаде веднаш штом е приготвена – во никој случај не е препорачливо да се остави за следниот ден, бидејќи со стоење (дури и во ладна вода) брзо оксидира, а во неа можат да се создадат токсични супстанции.
Во 100 гр артичока има околу 80 % вода, 14% јаглехидрати, 3% белковини, 2% минерали, витамини и масти во минимални количини. Добар извор е на фолна киселина и витамини, како C, К и B. Од минералите, најзастапени се бакар, калциум, железо, калиум, магнезиум и фосфор.
Добро е познато дека неправилната исхрана, физичката неактивност и дебелината се главните виновници за хиперхолестеринемија. Неправилната исхрана, односно исхраната богата со масти, особено од животинско потекло, а сиромашна со овошје, зеленчук и интегрални житарици е еден од најзначјните и најчести ризик фактори за развој на хиперхолестеролемија. Кај веќе дијагностицирана хиперхолестеринемија, честопати се започнува со медикаментозна терапија, односно третман со хемиски лекови наречени „ статини “. Сепак, постојат повеќе начини со кои може да се започне третманот на хиперхолестеринемија. Еден од нив, примарен и особено важен, е промена на хигиенско – диететскиот режим со кој пациентите ќе внимаваат на изборот на храната и количината на самата храна која што ја внесуваат.