Д-р Митевска-Некаде над Атлантикот се слушна глас: Има ли доктор во авионот?

Д-р. Ирена Митевска е супспецијалист кардиолог, магистар и доктор на медицински науки, воедно и асистент по интерна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. Дел е од тимот за ехокардиографија и нуклерна кардиологија при Универзитетската клиника за кардиологија. Научно интражувачката работа е нејзин интерес од студентските денови, која ја продолжува на Клиниката за кардиологија.

Вие сте една од ретките помлади научници што ја има клиниката за кардиологија. Неодамна докториравте. Има ли услови за научно истражувачка работа на клиниката за кардиологија, и колку може да се развивате во полето на науката во Македонија?

Мое лично видување е дека успехот во научно истражувачката работа е индивидуален и бара многу желба, труд, лични откажувања, поддршка и добар тим.  Ова се појдовните предуслови, со кои може да се направи многу. Има простор за научно истражувачка работа на клиниката за кардиологија , но има и недостатоци и отежнати услови , и тоа највеќе од технички аспект.  Недостасува  достапност на најсовремена медицинска апаратура и расположлив кадар вклучен во истражувања. Финансиската поддршка за истражувањата е лимитирана, и за присуство на конгреси, а сето тоа го демотивира тимот за работа. Наведените недостатоци секако имаат лимитирачка улога во однос на конкурентноста пред се на меѓународно поле. Но, морам да кажам дека на Клиниката за кардиологија имаме амбициозни лекари вклучени во многубројни студии, а истата се истакнува како една од ретките во државата која е вклучена во повеќе еминентни меѓународни мултицентрични студии, од кои сум и јас дел.

 

  1. Во последниве години многу лекари заминаа во странство, имали ли моменти кога сте посакувале да заминете во некоја од западно- европските држави, па можеби и во друга држава која нуди подобри улови за работа, и секако која била причината ако сте помислиле на такво нешто?

За жал последниве години  сведоци сме на масовен одлив на медицински кадар, како на млади лекари, така и на искусен медицински персонал. Мотивот за заминувањето на нашите кадри се недоволните услови за развој и работа и немањето финансиската сатисфакција во нашата држава. Ние не можеме да очекуваме задоволни пациенти без задоволни лекари. Проблемите во здравството се длабоки, многубројни, системски и ќе треба многу време, напорна работа и ентузијазам здравството да се постави на здрави нозе. Јас верувам дека тоа е можно и мора да го направиме меѓу другото и за да го спречиме одливот на стручен кадар. Живеев шест години надвор од нашата држава, престојував во повеќе еминентни европски болници и имав можност да размислам дали сакам да пробам и да останам надвор од нашата држава. Во повеќе наврати сум размислувала за тоа. Но, не е воопшто едноставно, за тоа се потребни предуслови, напор, откажувања и многу голема желба.  Мене ми е лично жал што имаме паметен и едуциран кадар кој не може доволно да се реализира, искористи и соодветно  да се награди.  И покрај се ,јас сакам да го дадам својот максимален придонес за развој на нашето здравство и едукација на студентите по медицина.  Не го гледам решението за подобро здравство во Македонија во бегањето на стучен и искусен кадар кој треба да ги едуцира младите лекари, напротив истиот треба да биде подобро мотивиран и да работи во подобри услови.  Мора да се смени нешто на тоа поле пред да биде доцна.

  1. Иако пациентите ве перцепираат како многу љубезна и непосредна, сепак работите со луѓе, па честопати се случуваат и непријатни ситуации, имавме пример кога  лекари беа нападнати покрај вербално и со оружје? Како се справувате со ваквите ситуации?

Со вакви ситуации се соочуваме последниве години за жал многу често, особено на Клиниката за кардиологија.  Тоа  е установа на која се лекува поголем дел од македонската популација со кардиоваскуларни проблеми кои доминираат во државата. Ние третираме ургентни срцеви состојби, кои за жал  и покрај сите напори, покажана грижа и лекување можат да завршат фатално. Често пати медицинскиот персонал е напаѓан вербално, но, се случувало и физички. Сме имале и директни уцени и попреченост во извршување на работата. Семејствата и пациентите често различно ги  воспримаат работите и покрај сите наши напори за реалниот приказ на здравствената состојба. Вербалните и физички напади врз медицинскиот персонал зборуваат за крајно нецивилизирано општество.  Тоа е можеби е наталожување на  повеќегодишното незадоволство од однесувањето на некои здравствени работници кои даваат донекаде оправдан мотив за незадоволство кај пациентите.  Медицинскиот персонал е недоволно заштитен и се чувствуваме несигурни, а од нас се бара да го дадеме нашиот максиум за лекување и заштита на пациентите. Се прашувам кој ќе не заштити нас? Се надевам на присуство на клиничко обезбедување на сите клиники, промени во законот за здравствена заштита, а пред се промена во менталниот склоп и културата на нашиот народ.  Последното за жал ќе се одвива најтешко.

  1. Со какви стравови се соочувате кога набрзина ќе ви донесат човек со срцев удар или пациент во тешка состојба ако знаете дека неколку мигови се потребни за да се спаси човечкиот живот? Што си помислувате во тој момент?

Генерално мојот живот има адреналинско темпо. Моја цел, успех, предизвик и награда е секој спасен и продолжен живот. Тешко е и напорно да се биде кардиолог, воопшто каде било во светот.  Се соживувам со секој потежок пациент и неговото семејство. Нашата работа е посебна и бара посебно емотивно разбирање помеѓу нас лекарите,  пациентите и фамилиите со оглед дека одредени  срцевите болести имаат лоша прогноза.  Мојата работа вклучува момент. Момент кој го дели животот од смрта. Во тие мигови на максимална присебност давам се од себе за животот на пациентот. Искуството не челичи. Секој спасен човечки живот за мене е најголема сатисфакција и радост.

  1. Се случило ли некој да ја каже фамозната реченица ,,Има ли доктор овде?” на места каде што не сте очекувале?

Да, имам и такво искуство. Во авион на моето последно патување од  Америка.  Авионскиот персонал побара медицинска помош над Атлантикот. Седев на седиштето речиси задремана кога одеднаш слушнав извик на англиски: Има ли доктор во авионот?. Излезе дека јас бев единствениот лекар во авионот. За мене ова беше голем предизвик ,но и стрес, бидејки не знаев за што се работи, а како кардиолог помислував на најлошата опција. Во авион имате ограничена можност за делување, но и можност за предизвикување на паника кај патниците. Бев максимано присебна. За среќа не се работеше за сериозна здравствена состојба кај еден од патниците. Најдовме решение, дадов совет и помош и го смирив авионскиот персонал дека патниот ќе биде стабилен се до слетувањето на авионот. Безбедноста на патниците за нив е најважна. Авионскиот персонал беше многу љубезен и благодарен за се.

 

One thought on “Д-р Митевска-Некаде над Атлантикот се слушна глас: Има ли доктор во авионот?

  • 08/09/2017 at 5:45 pm
    Permalink

    Bravo za mojata kerka ,se gordeam so tebe, bravo I za tvojata familija
    koja ti dava sila I podrska.

Comments are closed.

Translate »