Селина Тонкин, Австралијанка од Македонија-Животен тренер кој ве учи како да го победите стресот и стекнете самодоверба
Во Македонија ме знаат како Василка, раскажува Селина Тонкин, која со децени живее и работи во Австралија. Татко ми и мајка ми беа бегалци од Егејска Македонија. Учествуваа во граѓанската војна. Кога избегавме од Грција, прво заминавме во Полска, а потоа во 1962 година во Југославија. Живеевме во Скопје. Ситуацијата беше многу тешка за нашето семејство. Моите родители страдаа од поствоена траума. Татко ми, што е чест случај кај поранешните војници, стана тежок зависник од алкохол. Агресија и страв владееше во нашиот дом. Се преселивме во Австралија кога имав 21 година. Но, проблемите и таму продолжија. Се омажив за човек кој беше како татко ми, алкохоличар и агресивен. По 6 месеци го напуштив бракот, но тој продолжи да ме следи цели десет години. Првите седум години во Австралија беа пекол за мене. Земјата беше убава, но јас бев мигрант, не го знаев јазикот, а мојот бивш сопруг постојано ми беше зад петици и ми правеше проблеми. И тогаш, го најдов својот спас. Се приклучив на една група за подршка на луѓе кои, исто како и јас, имаа алкохоличари во семејството. Тогаш ,вистински, почнав да го разбирам татко ми. Порано мислев дека тој е со слаба волја, дека е лош човек, без карактер. Но, работејќи со групата, сфатив дека алкохолизмот е болест, татко ми беше зависен од алкохолот и психички и физички и немаше никаква врска дали тој имал или немал силна волја. Групата многу ми помогна да се разберам себеси, да се ослободам од стравот и анксиозноста до известен степен, да најдам сила да се ослободам од бившиот маж и да го спречам да ме следи повеќе.
– Од прогонувана, уплашена и истрауматизирана личност на која ѝ требаше помош, успеа да се изградиш во професионалец, кој сега им помага на другите. Како успеа во тоа?
Уште еднаш ќе повторам, групата беше пресвртница во мојот живот. Се тргна на подобро. Запознав добар човек, се омажив за него и имам две деца. Почнав да работам како преведувач. Работата ме носеше низ цел Мелбурн, низ секакви организации и институции: полиција, суд, медицина. Работев на повик. Кога децата пораснаа, решив да се посветам на она што навистина го сакам. Станав животен тренер (coach result trener), тоа е еден вид ментор и терапевт кој ви помага да одредите што сакате во животот и како да го постигнете тоа. Почнав да изучувам клиничка хипнотерапија. Им помагав на луѓето кои имаа проблеми во бракот. Бев многу успешна, делумно и заради моето лично искуство.
-Која е твојата специјалност? Индивидуална работа или работиш со групи?
И двете. на почетокот работев со луѓе кои сакаа да изгубат тежина. Знаете, Австралија е земја на дебели луѓе. Најголемата индустрија е токму онаа за диета. Тоа е бизнис во кој се вртат милијарди долари. Овде сите зборуваат само за диети, но тие никому не му помагаат. Да беше така, сите ќе бевме тенки и слаби. Статистички , жените на диета издржуваат 12 дена, мажите во просеk 14 дена , потоа и тие ќе баталат. Зошто е тоа така?! Едноставно, ние и кога држиме диета, мислиме и зборуваме само за тоа што смееме а што не смееме да јадеме и какви суплементи и лекарства треба да пиеме. Тоа е дефокусирање. Јас ги насочував моите клиенти да се фокусираат, да се ослободат од тагата, депресијата, емоцијата која ги тера на прекумерно консумирање храна. Кога ќе ги разрешиш емотивните состојби кои те тераат да јадеш , потребата самата ќе исчезне.
-Сега си фокусирана на темата интровертност – екстровертност. Што те привлече кон оваа проблематика?
Во мај годинава, ја променив насоката на моето работење. Почнав да ја истражувам техниката на емоционална слобода и да се фокусирам на интровертноста. Таа тема ми е многу интересна бидејќи јас и самата сум интровертна личност. Им помагам на интровертните луѓе да се ослободат од стресот и стравот. Кога почнав да се интересирам за овој проблем, ми се отворија нови патишта. Професорката Пета Стаплетон која е една од најпознатите во светот за техниката на емоционална слобода или популарно кажано “тапкање” . истражува како оваа метода делува на мозокот. Кога и реков дека сакам да работам со интровертни луѓе, таа ми кажа дека и таа е интровертна и ми предложи да напишеме книга, на која во моментов работиме.
-Модерниот свет го водат екстровертни личности. Тие се успешните: лидери, политичари, новинари, естрадни ѕвезди….Има ли тука место за интроверти?
Во право си. Во западниот свет се негува култот на екстровертност. Тие што се екстровертни се качени на пиедестал. Сите сакаме да бидеме како нив. Но, интересно е дека има луѓе кои во светот се многу ценети: Бил Гејтс, Ворен Бафет, Барак Обама, Махатма ганди…, сите тие се интровертни.
-Колкава и каква е разлика меѓу овие два типа?
Разликата е голема. работам на специјални курсеви со интровертни луѓе. Кога тие самите ќе ја увидат разликата со екстровертните, верувајте дека тоа им дава сила. Една од најголемите разлики меѓу двата типа е физиолошката. Еве, јас сум интровертна. Интровертот кога треба да ги наполни батериите, се осамува, се повлекува од луѓето. Центарот за стрес во мозокот, хипоталамусот, кај тие луѓе е исклучително активен. Тие имаат богата имагинација, длабоко мислење. Кога ќе излезат од дома, тие се како полна чаша. Бидејќи надвор има стимулација од околината, тоа ја преполнува чашата и затоа не можат да реагираат смирено и соодветно. Кога ги гледаме екстровертите како зборуваат, како се истакнуваат, во се се разбираат, немаат проблем и да тропнат глупост, ни доаѓа да се запрашаме – зошто и јас не сум таков?! Околината често ги притиска интровертните, со прашања: зошто си така повлечен, да не се срамиш, ај ослободи се итн. Интровертниот тип тогаш почнува д се прашува дали навистина нешто не е во ред со него.
-Дали целта на “коучингот”е од интроверт да создадете екстроверт?
Никако. Не е решение од интровертна личност да направите екстровертна. Иако средината повеќе ги вреднува екстровертите, интровертот мора да продолжи по својот пат. Треба да се прифати себеси , бидејќи во спротивно само ќе губи енергија за да биде нешто што не е . Важно е да стекне самодоверба.
-Интровертите имаат страв од јавен настап. Имаш ли некои совети за нив?
Тоа е голема тема. Со неа се занимавам и во книгата на која сега работам. Порано, кога имав јавен настап пред 50-100 луѓе, сакав да изгледам како екстровертна, да бидам смирена, интересна, забавна. Со сила глумев дека сум таква. И додека се напрегав да оставам впечаток, трошев залудно енергија и не можев да мислам, да се фокусирам на она што зборувам. Сега имам друга тактика, станувам и велам –Знаете што, јас сум срамежлива, интровертна и страв ми е што стојам пред вас, колената ми се тресат, но тоа што ќе ви го кажувам е толку интересно што ич не ми е гајле што се срамам! Луѓето сакаат да бидеш искрен кога ќе излезеш пред нив, да не се преправаш и да не глумиш. Еве и практични трикови. Интровертните во телото имаат зголемен кортизол,хормон на стрес. Јас ја препорачувам техниката со тапкање, која го намалува кортизолот, го смирува телото. Кога сте смирени полесно можете да мислите. Тапкате со прстите на истите точки на кои се ставаат иглите во апукунктурата. Така испраќате порака до мозокот да се смири. Ние всушност имаме такви точки на прстите, на страничниот дел ( види видео). Кога зборувате, можете да тапкате на прстите под масата и никој да не знае што правите. Кинезите ова одамна го препорачувале, тие имаат илјада години стара култура на акупунктура. Акупунктурата ја балансира енергијата во телото, кога тапкате го правите истото. Ако развиете навика на тапкање кога сте вознемирени, ќе научите да го смирувате кортизолот на тој начин.
-Депресија е болест на модерното време и никој не е имун на неа . Интровертите особено се подложни на депресивно расположение, како да се справиме со оваа состојба?
Пак ќе повторам, прифатете се какви што сте. Интровертите имаат физиолошка потреба премногу да размислуваат и имаат предиспозиција за депресија. Со мислите се вртат во круг. Создаваат спрала која ги влече надолу. Од тој вртеж тешко се излегува.. На англиски тоа се вика оverthinking, премногу размислување, но со тоа не го решаваме проблемот туку само се измачуваме. Тоа предизвикува хемиска промена во мозокот. Треба да разбереме како функционираме бидејќи физичкото психичкото и менталното се поврзани. Интровертните личности имаат тенденција да се повлекуваат, осамуваат и да стануваат негативни. Во моментот кога ќе го почувствуваат тоа, треба да се рестартираат и да започнат со техниката на тапкање.Кога бев во Македонија, забележав дека западната култура има се повеќе влијание врз начинот на живеење. Економските и социјални проблеми си го прават своето. Тоа е добра почва за депресијата. Но, кога велиме дека сме во депресија, тоа е делумно точно. Ние, всушност, практикуваме депресија. Кога седиме наведнати, во беспомошна положба, на мозокот му испраќаме порака дека сме депресивни. Една студија на “Харвaрд Медикал Скул” покажува дека ако две минути во текот на денот седиме со крената глава и широко горе раширени раце во нашето тело се зголемува хормонот кој дава сигурност .