Споделуваме знаење преку Википедија

 

„Споделено знаење“ е македонскиот огранок на светската Викимедија фондација кој од 2014 година раководи со повеќе различни програми и проекти во рамки на проектите на Викимедија, од кои најпозната е слободната интернет енциклопедија Википедија на македонски јазик. Покрај слободната интернет енциклопедија Википедија која може да биде уредувана од секого и секој да споделува знаење проектите на фондацијата Викимедија преку кои се споделуваат слободни содржини ги вклучуваат и Заедничката Ризница (Wikimedia Commons), Википодатоци (Wikidata), Викиречник, Викикниги, Википатување, а нивниот број на светско ниво постојано се надополнува од иновациите и креативноста на илјадници уредувачи, читатели, кои придонесуваат и ги надополнуваат секојдневно како платформи на кои се споделуваат слободни содржини, односно содржини од секаков вид како што се податоци, слики, снимки и разни други дела со запазени авторски права, но за слободна употреба во секакви намени. Википедија е основана од Џими Велс на 15 јануари 2001 година, а денес е достапна на над 280 јазици, при што секое јазично издание е содржински различно, но се заснова на истите принципи. Википедија на македонски јазик постои од 2003 година и моментално брои 95.250 статии. Заедницата која е активна на македонската Википедија моментот има 231 активни корисници кои постојано придонесуваат на различни начини од кои 89 уредници, 16 администратори, 28 оценувачи и поголем број на останати корисници со различни улоги.

„Споделено знаење“ како огранок спроведува и организира различни активности чија главна цел е раст и развој на содржините на Википедија на македонски јазик и останатите викимедиини проекти преку раст и развој на самиот македонски тим и воопшто вики-заедница во Македонија. Активностите се спроведуваат преку проекти вклучени во рамки на три главни програми: Образование, Заедница и Партнерства.

Образовната програма вклучува активности на претставување, уредување и и надополнување на Википедија и нејзино користење како алатка во рамки на наставните активности средното и основното образование при што во моментов образовната програма е активна во гимназијата „Јосип Броз Тито“ и основното училиште „Круме Кепески“, а тука спаѓаат и лекциите за Википедија со кои се запознаваат и воведуваат корисници од различни возрасти кои се одржуваат во рамки на Викиклубовите и општите предавања за Википедија кои се одржуваат ширум Македонија.

Можеби најинтересен дел се проектите насочени кон Заедницата, кои вклучуваат различен вид на активности за за придонесување нови содржини преку online уредувачки потфати на Википедија како што се уредувачките маратони, уредувачките денови, уредувачките викенди и уредувачките натпревари на кои истовремено повеќе различни корисници уредуваат и создаваат статии на зададена тема; теренските истражувања кои ги вклучуваат: Викиекспедициите кои веќе четврта година крстарат ширум селата во разните предели и региони на Македонија со цел да се фотографираат и приберат податоци за што поверодостојно уредување на самите статии, а во тој однос се и Геоекспедициите кои теренски подетално ја истражуваат географијата на Македонија во сите нејзини делови и карактеристики, Агроекспедициите кои теренски го истражуваат земјоделството во Македонија, археоекспедииците насочени кон истражување на археолошките наоѓалишта во Македонија, велоекспедициите каде различните корисници теренските истражувања ги извршуваат правејќи велосипедски обиколки, астроекспедициите итн., а тука се вбројуваат и активностите  предимно насочени кон отсликување фотографии од различен број на корисници како што се проектот Фотолов и фотографските натпревари на кои изминативе години на различни теми како што се земјата, спомениците и храната изминативе години неколку стотици натпреварувачии прикачија повеќе илјади слики од природата, културните споменици, храната и традиционалните јадења во Македонија при што како и при уредувачките натпревари беа доделувани и вредни награди.

 

Во делот на заедницата особено занмилив е и проектот Викикамп каде преку организиран тридневен престој во природа учесниците се обучуваат за уредување статии на Википедија, подигнување фотографии на Заедничката Ризница (депозитар на слободни фотографии), извршување теренски истражување, фотографирање за потребите на Википедија, внес на проверени извори и информации и други работи.

Партнерствата кои „Споделено знаење“ ги склучува со различни установи од типот на библиотеки, архиви, галерии и музеи, но и специјализирани организации имаат првенствена цел овие институции кои поседуваат специфичен и богат фонд на содржини на книги и пишани извори на податоци, уметнички и фотографски дела, видео и аудио снимки или пак ретки и значајни вештини да бидат пренесени како слободни содржини на Википедија и со тоа да бидат штоповеќе, полесно, побрзо и поопширно достапни до сета македонска јавност на интернет. Во тој однос преку партнерски соработки со Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, МАНУ, Природноматематичкиот факултет, Драмскиот театар, Зоолошката градина, организацијата Slow Food и други се спроведени низа на различни проекти каде е опфатено македонското културно наследство, јазик, занаети, современо творештво, природни богатства при што денес на интернет преку Википедија се достапни цели книги, особено важни пишани дела и материјали од македонските историски дејци и современи автори како за читање така и како материјал за понатамошно веродостојно и референцирано уредување статии и содржини на Википедија, снимени се видео-материјали од научни експерименти по хемија и визика, прикачен е над 2000-минутен снимен звучен материјал со говори од македонските дијалекти, во зоолошката градина се поставени се информативни табли со QR-кодови кои водат до статии на Википедија на македонски јазик за животните, организирани се и 2 изложби на фотографии направени на фотографските натпревари и Викиекспедициите со QR-кодови. Истовремено преку партнерски соработки и се спроведени и се спроведуваат проекти за документирање на занаетите, виното, пивото, индустријата и производството во Македонија.

Водејќи се од основното начело дека секое лице на планетата треба да има пристап до севкупноста на човековото знаење, при што секоја човечка единка е истовермено и извор и чинител кој го осознава, преосмислува и надградува тоа знаење, македонскиот тим на Википедија е отворен и постојано се зголемува имајќи предвид дека сите активности за споделување на занење и слободни содржини покрај општокорисната и целесообразна работа се спроведува и на начин кој е отворен, забавен, динамичен, креативен и исполнувачки за секого. Секој може да биде дел и да придонесе на различен начин да се збогати и надгради сеопштото знаење, па затоа бидете активни, приклучете се во прокетите на најраспространетата и најмоќна интернет алатка за споделување знаење на денешницата – Википедија и бидете дел од википедијанското движење со неограничените можности во сите насоки на современото живеење.

 

Translate »