Анализа: Динамична недела во Македонија со апсења, судења и пресуди
Неделата започна со апсења за трагедијата за автобусот и проневера во разузнавачките служби а заврши со судска пресуда за тероризам.
Од 18 неамнестирани обвинети за организираниот терористички напад на 27 април 2017 на Собранието на Република Северна Македонија, во петок (15.03.19) на вкупно 211 години затвор беа осудени 16. Оперскиот пеач Игор Дурловски, еден од водачите на групата протестанти „За заедничка Македонија“ кои беа иницијални организатори на нападот, доби ослободителна пресуда, додека само за еден се уште се води одвоена постапка поради болест.
Најголема казна доби екс директорот на Бирото за Јавна Безбедност на Северна Македонија, Митко Чавков, кој беше осуден на 18 години затвор.
15 од осудените се за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста при нападот на Собранието на 27 април 2017 година и еден е за помагање на терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Кога почна судскиот процес за нападот, обвинети беа 33, меѓу нив и сега амнестираните пратеници на опозициската ВМРО –ДПМНЕ, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и Љупчо Димовски, како и двајцата најгласни водачи на „За заедничка Македонија“ Богдан Илиевски Бетмен, Борис Дамовски и Владо Јовановски, кои, исто така, беа амнестирани со Закон донесен во Собранието на Република Северна Македонија.
А за нарачателите на нападот на Собранието на Република Северна Македонија има отворено нова истрага Обвинителството за организиран криминал, а осомничени се тогашните главни функционери на опозициската партија ВМРО ДПМНЕ: екс премиерот кој побегна во Унгарија – Никола Груевски, екс претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, екс министрите: Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, и екс разузнавачи.
„Паднаа“ притвори за автобуската трагедијата кај Ласкарци
Од приведените за автобуската несреќа кај Ласкарци во која загинаа 15 лица и 39 други се повредија, Судот одреди притвор за сопственикот и возачот на компанијата „Дурмо турс“.
Обвинителството побара приведување на седум лица меѓу кои возачот и сопственикот на автобусот и неколкумина вработени во „Дурмо Турс” и станицата за технички преглед, кои и двете се во сопственост на истиот газда.
Едномесечната истрага на Основното јавно обвинителство Скопје за автобуската несреќа кај Ласкарци во која загинаа 15 лица утврдила дека возењето со брзина над дозволената, како и техничката неисправност на автобусот на „Дурмо Турс“ се главните причини за сообраќајката.
Шестмина од осомничените се гонат за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, за кои е пропишана казна затвор од најмалку 4 години. Седмиот осомничен се товари за несовесно работење во службата.
Проневера ја „тресе“ тајна служба на Северна Македонија
Во притвор е Тони Јакимовски, поранешниот шеф на кабинетот на Сашо Мијалков, додека тој беше прв човек тајната служба на Северна Македонија. Јакимовски и уште тројца вработени во службата се осомничени дека злоупотребиле службени пари и го оштетиле буџетот за 50 милиони денари, информираат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во Северна Македонија.