Технологијата ни овозможува да ги искористиме своите потенцијали, да сонуваме за големи нештa во нашиот живот!
Технологијата го менува светот од секој аспект на нашето постоење. Начинот на кој учиме, работиме, комуницираме, купуваме или патуваме. Денес употребата на комуникациската технологија има за цел да го олесни и да го подобри нашиот живот, без неа не можеме да „чувствуваме”! Сите луѓе на светот – од деца на најмала возраст до пензионери, ја употребуваат во различни сектори и за различни цели.
Технологијата ни овозможува да ги искористиме своите потенцијали, нѐ охрабрува да сонуваме, да посакуваме големи нешта во нашиот живот!
Благодарение на комуникациската технологија, луѓето се поврзуваат, комуницираат многу подобро отколку кога било порано. Се родија иницијативи како „Ретвитни оброк”, „Мој воздух”, „Не биди ѓубре” кои повикуваат луѓето да се организираат, со цел да се надмине одреден проблем, нудејќи остварливи решенија за нивно надминување. Благодарение на 5Г технологијата имаме медицинска нега на далечина, дигитализација на индустриското производство, и многу повеќе!
Првичната намена на сите технолошки пронајдоци е тие да се искористат за благородни цели и на каков било начин да го подобрат и поедностават животот на човекот, а со тоа да ја зголемат и неговата продуктивност. Но, не секогаш е тоа така. Технологијата е паричка со две лица. Нѐ прави зависни, асоцијални, да заборавиме на некои животни вредности.
За тоа колку сме зависни од паметните уреди говори и податокот дека барем шест часа повремено поминуваме на интернет, а само на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм кликнуваме до 30 пати дневно додека вечераме, додека сме во театар, кино или седиме со пријатели.
Мобилните телефони стануваат неопходен дел од нашето секојдневно живеење. Присутни се кај целата популација без разлика на возраста – ги користат деца, возрасни, стари… Без мобилниот телефон не можеме да поминеме ниту една минута. Бројни се примерите кога поради заборавен телефон се враќаме дома да го земеме, кога гледаме во телефон поминувајќи улица, кога возиме и разговараме на мобилен телефон, кога седиме со пријателите и наместо да разговараме, гледаме во телефонот…
Истражувањата покажуваат дека 26 проценти од луѓето го бараат мобилниот телефон додека разговараат на него, а и многу помалку време им треба да сфатат дека го изгубиле мобилниот телефон, отколку кога ќе изгубат паричник или некоја друга вредна работа.
– Можноста за комбинирање повеќе функции во еден мал апарат што можете да го ставите во џеб овозможува поголема мобилност и забава. Како во професионалниот така и во приватниот дел од животот, овие телефони ги прошируваат нашите способности и ни помагаат брзо, навремено и ефикасно да ги решаваме проблемите. Така, самата природа на паметните телефони прави нивното отсуство мошне брзо да го констатираме и тоа да доведе до наша вознемиреност – вели проф. д-р Маријана Марковиќ од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.
Користењето на мобилните телефони го одвлекува вниманието, па оттука постои опасност да не забележиме дека има автомобил кога поминуваме улица, да не внимаваме додека возиме, да не сме концентрирани на работа… Мобилните телефони и апликациите што ги нудат се причина и децата да не ја следат наставата на училиште, поради што наставниците имаат проблеми со концентрацијата на учениците.
Професорката Марковиќ вели дека не може да се откажеме од мобилните телефони, но она на што треба да работиме и да се учиме е културата на употреба на паметните уреди.
– Појавата и употребата на паметните телефони е во согласност со феноменологијата на современото живеење каде што сè е достапно за многу кратко време и каде што далечината/бризината се релативни категории. Корисноста на паметните телефони не може да се спори, не би можеле да замислиме да живееме повторно во времето на старите, фиксни телефони, кои за младите генерации се можеби и непознати. Ниту еден технолошки производ не е сам по себе лош или добар. Начинот на кој ги користиме нештата можат да бидат корисни или штетни за нас или за другите, односно треба да се фокусираме на добрите работи кои ги носи комуникациската технологија – истакнува Марковиќ.
Но, за да почнеме да ги менуваме навиките и да ги користиме паметните уреди за добро, треба првично да станеме свесни дека сме зависни од нив. Промената на навиката, велат психолозите, се случува во оној момент кога ќе станеме свесни што правиме, како се однесуваме, како реагираме и во која функција е нашето однесување.
– Со оглед на фактот дека наставниците секој час имаат проблем со ученици кои не ја следат наставата поради користење на паметните телефони, промената на навиките би било добро да почне да се случува во училиштата преку добро осмислени програми, и пред сѐ преку употреба на паметните уреди во процесот на едукација – вели професорката Марковиќ.
Во овој контекст, за поздравување е секоја активност, кампања, иницијатива, која нѐ повикува технологијата да ја користиме за добро.