Сведоштво: За облеката и чевлите да стигнат до блескавите трговски центри, некои работнички буквално паѓаат во несвест
За облеката и чевлите да стигнат до блескавите трговски центри, некои работнички во Србија буквално паѓаат во несвест. И сето тоа за минимална плата, а понекогаш ни за толку.
„Во лето не дозволувал користење апарати за разладување, па во халата владеел пекол, а во зима не вклучувал греење. Работничките морале да шијат во зимски јакни, да дуваат во прстите за малку да ги загреат. Тие трпеле и работеле, биле заклучени зашто газдата се плашел од инспекција, не сакал да се знае дека произведува јакни без лиценца или било каква контрола на квалитетот.“
Ова е само извадок од животот на работничките во текстилната индустрија, регистриран од зрењанинската организација „Роза“ која при обиколката низ Србија ги запишувала нивните приказни.
Некогаш моќната текстилна индустрија, која вработуваше околу 250.000 работници, ја замени доминантно производство за големи модни марки во мали погони со неизвесен рок на траење, во кои работат околу 80 проценти жени. Според истражувањето на организацијата „Кампања за чиста облека“ („Clean Clothes Campaign”), кршењето на нивните работнички права во овие фабрики е правило, а не исклучок.
„Тоа е комплет жалби кои се повторуваат“, вели за Дојче веле Бојана Таминџија од оваа организација. „Тоа се ниски заработувачки, прекувремена работа која ја преминува границата на дозволено, неплатена или недоволно платена прекувремена работа, многу лоши услови за работа, без вентилација и клима“, вели Таминџија.
Ограничено одење во тоалет
Нивното истражување опфаќало фабрики и брендови како „Бенетон”, „Есприт”„Геокс„ Веро мода”. За облеката да стигне до блескавите трговски центри, работнички во загушливите фабрики буквално паѓале во несвест, под забрана да повикаат итна помош. Во друга текстилна фабрика велат дека поради лепилата кои ги вдишуваат, машките колеги можат да одат на систематски преглед, но не и работничките.
Една работничка сведочи за валкана фабрика полна прашина: „Болвите буквално скокаат од новопристигнатата облека, имам десетици убоди во еден ден“.
За да ги спречат работничките да одат во тоалет, шефовите се досетуваат на различни начини. Има сведоштва за повремено заклучени тоалети, а една работничка вели дека ако оди повеќе од двапати во тоалет, има обврска на шефот да му донесе лекарска потврда.
Организацијата „Роза“ ја издаде публикацијата „Жените говорат“
„Луѓето мислат дека е тоа робовски, малтретирање, но не – тоа е профит. Газдите не сакаат застои во производниот процес. Капиталот не признава физиолошки потреби“, објаснува Милица Лупшор од организацијата „Роза“.
„Немаме избор“
И сето тоа за минималец, понекогаш ни толку. Истражувањата бележат плати од само 17.000 или 18.000 динари, без платени прекувремени саати. „Текстилната индустрија според заработувачката секогаш била на дното, зашто се смета дека е тоа женски труд и може помалку да биде платен“, вели Милица Лупшор.
Работодавачите најчесто им нудат на работничките договори на одредено време или за повремена и привремена работа, што значи без право на регрес, патни трошоци, годишен одмор и други права. Некои жени се согласуваат на договори со кои се обврзуваат дека нема да имаат деца и ако останат бремени, можат да бидат отпуштени без никакви санкции.
Немаат избор, тврдат и работничките и нашите соговорници, зашто работа нема и конкуренцијата на пазарот на труд е преголема, посебно во помалите места. „Затоа таа нечиста индустрија и е преместена од развиените центри на периферија, во Србија, Босна, Албанија, Романија, каде сѐ е дозволено, работниците се евтини, а немаат друг избор освен да молчат и работат за да не останат без приходи“, вели Лупшор.
Повеќе:
Голготата на српските текстилни работници
Статистиката – далеку поубава од реалноста на економијата на Србија
Србија: издуваниот балкански тигар
Губење дури и на ваква работа води во нова несигурност, долгови, голо преживување, па и глад и бескуќништво. „Постојано се прават закани со отпуштање, работиме под голем оритисок и страв. Веќе подолго не можам ни ден да издржам без таблети за смирување. Здравјето ми е веќе нарушено“, раскажува една работничка.
Во кутија наместо во ВЦ-шолја
Иако наизглед во подобри услови, ни на другиот крај на синџирот
работничките не се без проблеми. Зад блескавите излози и гардеробата под
неонски светла, неретко се крие ноќна работа на жените во трговијата
кои вон работно време доаѓаат да ја пеглаат новопристигнатата стока. За
работата во трговските центри меѓутоа засега нема истражувања.
Искуствата од трговијата досега ги споделиле само вработените во
супермаркети, пекарници и трафики. Тие приказни се уште попоразувачки,
вели Милица Лупшор. За разлика од производните работници, кои можат да
заработат и до 30.000 динари, оние во продавниците и трафиките работат
за 20.000, во пекарници и за дневници од 1.000 динари, на црно.
Работа за минимална плата често во невозможни услови
Работата им е нормирана со количини кои мора да ги продадат, она што не се продаде, им се става на товар. „Ни одземаа од платата за расипана стока, иако молевме да не ни испраќаат количини кои немаме кому да ги продадеме. Еднаш два месеци добивме само половина плата“, раскажува една продавачка.
„Во трафиките пак често има инсталирано камери и ако продавачката не им нуди на сите купувачи разни производи, ќе добие отказ или намалена плата“, вели Лупшор.
Тука е и маката со тоалетите, одредени работодавачи не дозволуваат напуштање на работното место. Познат ни е еден синџир трафики во Зрењанин, продавачките вршат нужда во некои кутии, кои по завршената смена ги носат со себе и ги фрлаат,” вели Лупшор.
(Не)најавенипосети
Има ли одговор на институциите на долгата листа шокантни работнички сведочења?
„Последните неколку години се забележува тренд на опаѓање на заштитата на работничките права“, вели за ДВ вишата советничка за јавни политики од Иницијативата А11, Милица Маринковиќ. „Вакви пример се почести во помалите средини, каде контролите не се толку ефикасни.“
Не е тајна дека работодавачите ги поткупуваат инспекторите. Само пред најавена посета се луфтираат просториите или се вклучува греење.
Објективна причина е и малиот број инспектори и законската можност работодавачот да присуствува на разговорот на инспекторот со работниците.
Оние кои ќе се охрабрат, мораат во старт да бидат спремни на судски процес кој се влечка со години, со неизвесен исход. Неколку работнички кои тужеле за неплатена прекувремена работа, го добиле спорот по неколку години, но тоа не е и гаранција за наплата на долгот, зашто нивниот шеф во меѓувреме ја затворил фирмата и заминал во Германија.
Правни празнини исто така оневозможуваат често извршување на пресудите. Што им останува тогаш на работниците? Синдикат, велат некои. Статистиката сведочи дека од 1.800 фирми во текстилната индустрија, синдикат постои само во педесетина. Штом се појави ркулец на синдикат, иницијаторите остануваат без работа, велат искуствата од терен.
Кампањата „Чиста облека“ затоа применува притисок врз брендовите. „Брендовите се плашат од лош имиџ, па тоа има смисол“, вели Бојана Таминџија. Таа го наведува примерот со глобалната кампања кон брендот „Х&М” ( H&M”), кој уште во 2013 година вети на сите работници во своите златни и платинести фабрики, како што ги рангира своите набавувачи, до 2018 година да им создде услови за исплаќање достоинствена заработувачка.
Но, радоста поради ветувањето на „Х&М” сепак беше прерана, зашто на годишното собрание предлогот за прераспределба на профитот едноставно беше – одбиен.
DW.COM