Пастор Филип Иванов-нешто најглупо што сум чул е дека жените во црква треба да бидат пристојно облечени!
Поглупо од ова скоро и да немам чуено. Видете, кога Господ Исус им зборуваше на апостолите, сите од нив мажи, не им рече дека ако се искушани од тоа како се појавила некоја жена во црква да ја искараат и да и дадат нешто да се покрие, туку, да си го извадат сопственото око, ако веќе тоа ги наведува на грев! Со други зборови, им кажа да се справат со гревот во нив, а не со другите околу нив, зашто христијанинот, ако тврди дека созреал и знае што е исправно, нема право на соблазна! Како може да се соблазнувам од туѓата грешност кога исповедам дека јас сум најголемиот грешник? Што значи, јас сум поголема соблазна од оној/онаа кои наводно мене ме соблазнуваат! И ако се соблазнувам во црква, што ќе биде од мене надвор, во светот?
Од друга страна, пак, дали жените треба да се облечени пристојно? Секако, НО, не затоа што црквата има некаков од Бога даден „дрес код“, зашто, едноставно, таков НЕМА, а најмалку за да не би се соблазниле браќата. Жената би требало да се облекува скромно затоа што таа би требало да Е пристојна и скромна. Сестри, ако сѐ уште се водите по суетата на овој свет, ако не сте се смириле во срцето, ако не сте скромни навистина, и ако сѐ уште оговарате и клеветите, тогаш ниедна сукња до глуждови и ниедно покривало на главата не го лаже Бог пред Кој сите стоиме голи и откриени, Бог Кој не гледа на лице, туку на срце. Затоа, јас не можам да ви кажам како да се облекувате, само какво срце треба да стекнете, другото оставам да биде помеѓу вас и Христос, Тој ќе ве поучи и научи.
Понатаму, за луѓето што се сметаат за ракоположени редари во црквите, еве интересна анегдота од животот на мит.Антониј Блум. Една недела тој ја дал следната проповед: „Минатата вечер жена со дете дошла во црквата. Таа била во фармерки и без шамија на главата. Некој ја искарал. Таа заминала. Не знам кој го направил тоа, но и заповедам на таа личност да се моли за нивното спасение до крајот на животот. Поради вас таа може никогаш да не влезе во црква повторно.“ Тој се завртил и влегол во олтарот. Ова било целата негова проповед.
Зарем заборавивме дека Бог повика секој човек, како и да е (не)облечен, да биде безусловно прегрнат од Телото Христово, Црквата? Ако воплотениот Бог седеше помеѓу грешници и проститутки, и беше прегрнуван и целиван од истите, тогаш зошто Неговото Тело на земјата денес бега од таа средба и тој контакт? Што, треба да се плашиме дека некој ќе ја онечисти Црквата, или треба да чекориме со увереноста дека Црквата може да го освети и најголемиот грешник? Да размислиме за ова, и Господ ќе ни даде благодат.
На крај, еве што ни кажува ап.Павле, за тоа како и во што треба да се облечеме сите ние, жени и мажи: „И така, како избраници Божји, свети и возљубени, облечете се во милосрдност, доброта, смиреност, кротост и долготрпеливост; трпете се еден со друг и проштавајте си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос ви прости, така и вие направете! А над сето тоа облечете се во љубов, која сѐ сврзува во совршенството, и мир Божји да владее во срцата ваши, за што сте повикани во едно тело, и бидете благодарни!“ (Колосјаните 3:12-15)