Младите ќе добијат ваучери од 3.000 до 30.000 денари помош од Владата

Со 12 милиони евра, Владата ќе ги помага младите и нивната куповна моќ, преку три мерки кои ги воведува за нив. Тие предвидуваат паричната помош да ја искористат околу 100 илјади лица.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, кажа дека станува збор за три типа ваучери од 6.000 денари за студенти и средношколци од семејства со ниски примања, 30.000 денари за млади до 29 години со цел нивна дообука на ИТ и дигитални вештини, како и, 3.000 денари за студенти со цел купување на домашни производи.

„Првиот тип на ваучер, со максимален износ со 6.000 денари ќе се доделува на студенти и средношколци од семејства со ниски примања, а средствата ќе се користат исклучително за покривање на партиципација, за студирање на универзитетите и за сместување во ученички домови, студентски домови и регистрирани сместувачки капацитети. Вториот тип на поддршка е домашна платежна картичка со расположлив износ од 3.000 денари која ќе биде наменета за студентите и ќе се користи исклучиво за купување на домашни производи и услуги во одредени услужни дејности кои се најпогодени од кризата. Третиот тип на ваучер со максимален износ до 30.000 денари е наменет за млади до 29 години, за кофинансирање на обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини, кои и тоа како се потребни и барани години наназад, но и се услов за наоѓање на работен ангажман“, рече Адеми.

Начинот за аплицирање ќе се објаснува дополнително.

„Сетот мерки кои ги спроведовме за непречено функционирање на образовниот систем, со цел граѓаните да добијат нови можности за едукативна надградба, сега се проширува со уште една мерка од економски аспект и со директно влијание врз личната финансиска моќ. Верувам дека мерката ќе биде прифатена од младите, бидејќи ќе помогне за олеснувањето на состојбата во која се наоѓаат, како и на куповната сила. Владата предвиде доделување на три типа на парична поддршка, за млади до 29 години, студенти и ученици, како придонес кон нивната куповна моќ“, кажа Адеми.

Електронски ќе се полага и во јунската сесија на факултетите

Факултетите не смеат да организираат испити и колоквиуми со физичко присуство, вели министерот Арбер Адеми, потенцирајќи дека уредбата на Владата која е донесена на почетокот од пандемијата и вонредната состојба, останува во сила.

Во овој период, факултетите можат да организираат само активности преку средствата за електронска комуникација и истото засега ќе важи и за јунската сесија. За физичко присуство, прво ќе мора да се донесе протокол од Комисијата за заразни болести.

„Знаеме дека во меѓувреме имаше петиција за да не се организираат испитите преку средствата за електронска комуникација, особено јунската сесија, сè уште оваа одредба од уредбата е во сила, бидејќи сè уште сме во вонредна состојба. Ние сме во постојана комуникација со високообразовните установи, па ако се одлучиме да дадеме можност јунската сесија да биде со физичко присуство, тоа ќе биде по донесување на конкретен протокол од страна на Владата, а предложен од Комисијата за заразни болести. Така што, мора да се почитуваат препораките од Владата и здравствените органи и авторитети“, кажа Адеми.

Според него, досега организираните испити поминале без никаков проблем.

„Сите наши одлуки и решенија биле мотивирани од најдобриот интерес на учениците, професорите, наставниците. Навреме донесовме уредба со законска сила каде предвидовме дека целата дејност во високообразовните установи ќе се организира преку средствата за електронска комуникација. Така што, одржување на испитите, одржување на колоквиумите, одбрана на додипломски трудови, магистерски трудови, докторски трудови, одлучивме уште на почетокот на пандемијата да се организираат онлајн имајќи во предвид дека секој ученик и студент треба да продолжи со образовната надградба и во вакви околности. Знаеме дека во меѓувреме се организираа испитите, нема никаков проблем, во уредбата стои дека факултетот сам треба да обезбеди технички услови за да има кредибилитет на процесот на оценување на студентите“, додаде Адеми.

Translate »