Да се потсетиме на важноста на зеленилото во градовите
Во целост го пренесуваме текстот на проф. Кирил Сотировски, Декан на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, објавен на порталот doma.edu.mk.
Кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата е многуслојна и за жал или за среќа, ги експонираше многубројните недостатоци на современите општества, но и на животниот стил на модерниот човек. Паметните општества, односно држави, ќе ги искористат лекциите кои кризата им ги презентираше за да направат соодветни промени и прилагодувања, не само за да се намалат негативните последици, туку и за да се подготват за слични катастрофални состојби, било да се работи за некои други идни пандемии, или пак за веќе отпочнатите каламитетни појави поврзани со глобалните климатски промени. Од друга страна, непријатно сум изненаден што луѓето тешко ги прифаќаат дури и мерките кои објективно најлесно може да се применуваат и колку сме генерално нефлексибилни во однос на менувањето на нашите навики, дури и кога знаеме дека се лоши.
На човекот му треба зеленилото
Тешко е во краток текст да се издвои која е или кои се, најголемите поуки кои ги добиваме за време на кризата, но јас ќе посочам на некои еколошки аспекти, кои иако моментно се сметаат за помалку важни споредено со финансиските и со директните здравствени импликации на ковид кризата, долгорочно ги сметам како многу поважни.
Повеќето луѓе низ светот, заради т.н. затворања на општествата, и заради потребата од социјално дистанцирање, беа приморани почесто да се навраќаат на природата и на зеленилото, и дури и оние кои претходно биле најотуѓени од природата се потсетија на сите нејзини вредности и на тоа колку им недостасувал контактот со зеленило и со природа воопшто.
Човекот има вроден афинитет, или наречете го љубов кон природата, а овој феномен има и соодветен стручен термин: биофилија. Низ многубројни експерименти е докажано дека дури и самиот поглед кон зеленило предизвикува многубројни позитивни ментални и физиолошки промени кај луѓето, а за подолг престој и активности во природа не треба ни да споменувам бидејќи е општопознато. За жал, се случува и спротивниот ефект, односно недостаток на контакт и на визура кон зеленило, предизвикува најразлични негативни ментални, физиолошки и физички последици кај луѓето. Не е случајна поголемата неотпорност на урбаниот човек кон многу болести и медицински синдроми во однос на руралниот човек.
Оттаму, ова е моментот кога вредноста на зеленилото генерално, а и како дел на урбаниот јавен простор, мора да го заземе своето вистинско место на скалата на вредности за луѓето и за општествата. Мора еднаш за секогаш да разбереме дека финансиските придобивки од одредени дејности (најчесто за групи или поединци) не смее да се ставаат над загубите кои ги предизвикуваат преку намалувањето на т.н. општествено корисни услуги на шумите и на зеленилото.
Со прости зборови кажано, еве кон што треба да тежнееме на ова поле: јавниот простор во градовите веќе да не смее да се приватизира, по ниту една цена; и да се тежнее постоечкиот јавен простор да биде што позелен.
Да го спасиме урбаното зеленило од билбордите
За крај, нешто за кое допрва многу ќе се слуша и ќе се дебатира кај нас и во светот – да се минимизира бројот или сосема да се укине постоењето на надворешните рекламни панели, популарно наречени билборди, или бигборди. Доколку некој се прашува зашто, доволно е малку критички да разгледа низ улиците и булеварите во Скопје, па и во останатите градови кај нас. Ќе разберете дека дури и зеленилото кое објективнно постои е практично целосно покриено од билборди и сосема е опструиран погледот на него. А прашањето од мене до надлежните е: Каква корист има просечниот граѓанин од билбордите? Колку средства се генерираат од илјадниците рекламни панели низ Скопје и каде завршуваат тие средства? Јас сум убеден дека средствата се минорни, и дека просечниот граѓанин не добива ништо за возврат што е везден изложен на илјадници и илјадници агресивни маркетинг информации, а зеленилото само го назира низ зидот направен од билбордите. Доколку навистина сакаме да живееме поздрав живот, мора да си го вратиме правото на поглед кон природата и во урбаните средини!