Во недела ќе излезам да гласам! Не се доволни само коментарите во кафеана или на фејсбук.

Перцепцијата мојот глас е “само еден” и тој ништо не одлучува веќе одамна е надминат. Пасивноста и индолентноста кон изборите се минато. Тоа се потврди со големата излезеност на предходните парламентарни избори, кога имавме висока свест и потреба на луѓето да гласаат. Да  учествуваат во креирањето на својата иднина, да влијаат на изборот на луѓето и партиите кои ќе ги предводат.

Приказната дека ништо нема смисла и дека треба да се бара чаре надвор од Македонија, можете да ја закачите на првото дрво што ќе го видите. Не можеме баш сите да си отидеме, така да вистинското прашање е: Што да правиме овде?

Гласачите на политичките партии немаат дилеми, и точно знаат што сакаат и ќе ја завршат својата должност. А оние кои сеуште се мислат дали да излезат на гласање треба да знаат дека незадоволството не се лечи со сарказам и иронија и „дневна доза коментари на Фејсбук“.

Ставот „јас сум премногу кул да се замарам со стоење на бирачко место и да чекам пола саат во ред“ не е негласање, туку е гласање за фаворитот на оној првиот пензионер што утрото дошол прв пред гласачката кутија!  Младите луѓе во Македонија во минатото често ги врзуваа политиката и политичарите исклучиво со зборовите корупција, манипулација, злоупотреба на службената должност, богатење на грбот на граѓаните, и поради тоа беа пасивни. Коментираа, се бунеаа, но слабо излегуваа на гласање.

Денес знаат дека   доколку не излезат на избори, оставаат можност за нивните потреби друг да одлучува, некој што воопшто и не ги разбира. Со својот глас тие реално можат да влијаат на нештата што се случуваат во нивното секојдневие, како што се уредување на градската инфраструктура, простор за креативно изразување, културни и забавни содржини, и многу повеќе.

 

 

Translate »