Бугарската болка се Македонците во Бугарија
Софија го сонува невозможното, го посакува апсурдното, нецивилизациското, национално да го обезличи, да го обезбои Македонецот, за да се ослободи од внатрешната демографска конфликтност.
Красимир Каракачанов, лидер на бугарското политичко-полициско ВМРО, повторно се заканува. Всушност, тој и нема друга обврска, освен – па сега и во својство на министер за одбрана во владата на Борисов – да мавта со за’рѓаниот трофеен меч од балканските и од Втората светска војна, што од време на време го вади од футролата со амблем на царштината, за да плаши деца. Демек, како што ни порачува тој, доколку им е целта влез во Европа, Македонците ќе морале да се превоспитаат. Или, преведено на јазикот на неговата војничка строгост, но не и баш завидна мисловност и елоквентност, ќе треба да се клекне на коленици, зашто ние, според неговите тврдења, сѐ уште не сме ги сфатиле суштинските вредности на Европа, а во таа смисла и оние на Бугарија.
Апсурдни ставови
Ако му ги мерите зборовите според европскиот цивилизациски инструментариум, сакале или не, ќе мора да констатирате дека тие, колку се бестежински, толку се и безволуменски. И секако, несовпадливи со времето во кои се изречени. Тој господин очигледно сѐ уште се прпелка во маглите на романтичарските соништа за мегаломанските просторни димензии на неговата татковина, а во чие средиште е земјата на Македонците, со нивната автентична историја, култура, јазик, фолклор.
Ако сакаме, а очигледно тоа треба отворено да се каже, да им се предочи на софиските официјалци дека се крајно злонамерни, некоректни, арогантни и неискрени во нивната аргументација со која настојуваат да ги поткрепат своите апсурдни негаторски ставови кон Македонија и Македонците.
Сите посегања по македонската историја, по творците од преродбенскиот период – Миладиновци, Жинзифов, Прличев, Шапкарев, Пејчиновиќ, Цепенков… имаат совршено подруга заднина од онаа што ја соопштуваат во разните политички декларации и научни формулации. И на последниот како и на првиот академик на Бугарската академија на науките му е јасно дека Кресненското, Разловечкото, а посебно Илинденското востание немаат баш никаква допирна точка со бугарската историја. Балканските војни немаат ниту најмала нишка на ослободителни, како што тоа настојува да го прикаже бугарската историска наука, туку се милитантни проекти со исклучително антимакедонска тенденција. Завојувачки и окупаторски. Крунски доказ за тоа е Договорот за братство, што бугарската влада го потпиша со српската непосредно пред првиот истрел, за меѓусебна поделба на етничкиот простор на Македонците.
Втората светска војна и окупаторскиот чин изведен од бугарската солдатеска, е исклучително злосторнички потег за завладување со македонскиот простор, за бугаризација и асимилација на Македонците. Ако веќе сакате, и тоа што Бугарија, како што софиските официјалци настојуваат толку често и нагласено да потенцираат дека во 1991 година беше првата држава што ја призна независноста на Македонија, има фарсичен призвук. Македонија, издвоена од некогашната југословенска федерација, за бугарските политички калкуланти, посебно за круговите задоени со жесток антимакедонизам и хегемонизам, во осамостоената мала држава ја видоа шансата за нови атаки врз нејзината национална сувереност, за негирање на нејзината историја, за автентичноста на македонскиот јазик, самородноста на културата и изворноста на фолклорното богатство на Македонецот.
Бугарија не зависи од Делчев
Тоа сценарио стана посебно видливо во времето на владеењето на вмровската политичка инсталација со владата на Љубчо Георгиевски, во која безмалку половината од министерскиот ешалон беа со испроблематизиран национален код. Тоа е она време на владеење на ступидностите, кога со нагласено патронство од софиските политички, научни и пропагандни кругови, почна да се заговара препрочитување на македонската национална историја, ревизија на македонскиот јазик. Време кога шизофрени типови лингвистичкиот колос, националниот творец Блаже Конески се обидоа да го сведат на ниво на „џуџе“, а многу национални револуционерни и културни дејци да бидат маргинализирани и негирани. Кога на челните позиции на многубројните национални културни институции беа именувани типови со анационален код и лимитирани ментални вредности. Тоа е време кога сегашниот претседател на бугарскиот преговарачки тим за пеглање на историските прашања со Македонија, Ангел Димитров, во својство на прв бугарски амбасадор во осамостоената Македонија, беше дел од кабинетот на тогашниот премиер Љубчо Георгиевски и клучен советник во партискиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.
На Софија, да бидеме начисто, нашата национална револуционерна икона, Гоце Делчев, не и е толку авторитетна фигура од која зависи бугарскиот историски и национален опстој. Барањето да им се даде на Бугарите, како генетски и национално исклучиво нивни револуционерен херој, да се приопшти како дел од нивната историја, е израз на цивилизациско, научно и политичко лудило. Софија случајот Гоце го има проектирано како чин на брутален засек во најчувствителниот дел од македонското национално ткиво. Ај да не бидеме арогантни, но ќе потсетиме дека на Георги Димитров, некогашниот претседател и основач на повоената бугарска држава, на светскиот авторитет, на херојот од Лајпцишкиот процес поради палењето на Рајстагот, зад кој застана целокупната прогресивна светска јавност, во деведесеттите години на минатиот век, беше срамно деградиран. Како потег на системски и идеолошки промени, неговата мумифицирана фигура беше отстранета од мавзолејот во Софија, што бугарскиот народ, во знак на признателност му го подигна непосредно по Втората светска војна.
Работите треба да ги сведеме на нивната елементарност, па да се доловат вистинските побуди, мотиви и цели за бугарската арогантност и жестокост во инсистирањата за отстапки на македонскиот народ на делови од неговата национална историја, јазик и култура. Едноставно, настојувањето самиот да се набоде на штикот од бугарските уцени за сопствена денационализација. За самоуништување. За негирање на самопостоењето како дел од семејството на народите на планетата Земја.
Асимилација и бугаризација
Проблемот бугарски, нека простат источните соседи, не се Македонците од Македонија, туку нивната суштинска главоболка се Македонците во Бугарија. Се додека ние постоиме како македонски народ, како посебно нацио, на своја етничка територија, со свој светски признат јазик, со своја автентична историја, култура, фолклор, на Бугарија и е ноторно јасно дека сѐ дотогаш, милионското емигрантско население, кое поради воените и економски погроми во македонскиот етнички простор, нашло пристан во границите на Бугарија, ќе е со македонски, а не со бугарски генетски знак, наспроти едновековните притисоци за негова асимилација и бугаризација.
Софија го сонува невозможното, го посакува апсурдното, нецивилизациското, национално да го обезличи, да го обезбои Македонецот, за да се ослободи од внатрешната демографска конфликтност. Впрочем, седуммилионска Бугарија има нешто повеќе од милион Турци, безмалку толку Роми, бројно помашко (торбешко) население, Ерменци, Власи, Романци, и ако на тоа се надодадат милионот Македонци, или како што во повеќе пригоди тврди господинот Каракачанов – два милиона „Бугари“ емигрирани во Бугарија од Егејска и од Вардарска Македонија, тогаш бугарската демографска слика за софиските националистички кругови би била мошне неромантична. Да не речеме – трагична. Официјална Бугарија се соочува со дефицит од чистокрвни Бугари. Поточно, таа е во сериозен конфликт со сметките на бугарските санстефански сонувачи за величието на нивната нација и проектите за некаква голема Бугарија – од Црно до Белото Море и Охридското Езеро и заграби на делови од Јужна Србија и Албанија. Бугарската болка, всушност се Македонците во Бугарија, оттаму и инсистирањето Македонија да заборави на нив, да крене раце од оние што се дел од македонското национално, етничко, историско и културно постоење. Од нив, кои се дел од еднородното и еднокрвното македонско ткиво.