Ниско ниво на транспарентност на јавните комунални претпријатија од Скопскиот регион
Просечното ниво на транспарентност и отчетност, односно исполнувањето на законските обврски и стандардите на анализираните јавни претпријатија во Скопскиот плански регион, изнесува само 22% од можни 100%.Највисоко ниво на објавување на обврските имаат поголемите ЈП кои имаат сопствени веб страни. Само едно ЈП има едвај ограничено ниво на транспарентност, а дури 6 ЈП имаат оскудно ниво на транспарентност. Највисоко ниво на транспарентност имаат ЈП Паркинзи на Oпштина Центар и ЈП Градски паркинг, а по нив следат ЈКП Водовод Илинден и ЈП Дрисла. Три од овие претпријатија се основани од Градот Скопје, а ЈКП Водовод Илинден е основано од Oпштина Илинден. Останатите претпријатија се помали и основани од приградските општини, освен ЈКП Гази Баба 2007, кое е основано од Oпштина Гази Баба. Поврзаноста на јавните претпријатија со општината, покрај големината, укажува и на капацитетите на претпријатијата и на нивните основачи за исполнување на стандардите.
Ова се дел од наодите од мониторингот за транспарентност и отчетност на јавните комунални претпријатија во Скопскиот регион за 2019 година, спроведени во Проектот „Транспарентност и отчетност на јавните комунални претпријатија во Скопскиот регион“, на Здружението на економски новинари, а во рамките на проектот „„ Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и приватниот бизнис – сектор”, што го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации, Конект и ЗДСРМ со финансиска поддршка од Европската Унија, кои беа презентирани на неодамнешниот Промотивен и завршен настан.
Предмет на анализата се 12 јавни комунални претпријатија во Скопскиот регион: ЈП Дрисла, ЈП Градски паркинг, ЈП Паркинзи на Општина Центар, ЈКП Сопиште, ЈКП Студеничани, ЈКП Зелениково, ЈКП Петровец, ЈКП Водовод Илинден, ЈКП Илинден, ЈКП Гази Баба 2007, ЈКП Скопска Црна Гора и ЈКП Сарај.
Најниско ниво на транспарентност и отчетност ЈП имаат во однос на нивото на објавени податоци, документи и информации кои се однесуваат на резултатите од работењето. Само 3 од анализираните претпријатија имаат минимално ниво на транспарентност (ЈКП Илинден, ЈКП Водовод Илинден 35% и ЈП Градски паркинг 30%), а останатите 9 имаат оскудно ниво на транспарентност. Од нив, 6 претпријатија немаат никакви објави на информации, документи или податоци за резултатите од работењето.
Од 12 јавни претпријатија кои беа вклучени во анкетата, само две од нив изјавија дека имаат документ или кодекс на однесување или друг внатрешен акт што го опфаќа и односот кон корисниците на услугите, транспарентноста и отчетноста со кој се регулира односот кон потрошувачите.
Се препорачува на јавните комунални претпријатија кои немаат свои веб-страници да креираат и на нив да ги постават сите законски задолжителни информации како и информации кои е потребно да се објавуваат согласно стандарди за транспарентност и отчетност.
Јавните комунални претпријатија кои имаат свои веб страни да ги надополнат минимум со законски задолжителните информации и истите постојано да ги ажурираат.
Општините основачи на јавните комунални претпријатија да објават минимум основни податоци за ЈКП и да постават линк до веб страните на ЈКП, или да ја преземат одговорноста за објавување на информации за ЈКП во посебен дел на нивните веб страни.
Јавните комунални претпријатија да задолжат лице кое ќе биде одговорно за објавување на потребните информации и ќе се грижи тие постојано да бидат ажурирани.
Јавните комунални претпријатија, не располагаат со доволно материјални и технички капацитети за објавување на информации од јавен карактер, одржување на веб страна и објавување и ажурирање на податоците, како и недоволен стручен кадар за обавување на овие задачи. Недоволниот капацитет на јавните претпријатија, креира дополнителна обврска за локалните самоуправи тие да ги објавуваат податоците за јавните претпријатија на сопствените веб страни, или да им помогнат во подготовка на веб страни.
Граѓаните повеќе сакаат „сервирани“ информации кои ќе ги добијат од страна на ЈКП, отколку тие да бидат проактивни и да бараат информации на нивните веб страни.
Граѓаните најмногу би сакале да бидат информирани за нивните права како корисници, за условите и начинот на давање на услугите, на што се трошат парите на ЈКП и цените на услугите и начинот на нивно формирање.
Според зборовите на Марија Георгиевска, претседател на Здружението на економски новинари, истражувањето има огромна важност за зајакнување на улогата на граѓанското општество во мониторинг на транспарентноста и отчетноста на јавните комунални претпријатија. Со тоа, се влијае на јавната свест во локалната средина, за потребата од граѓански мониторинг над јавните комунални претпријатија, во насока на намалување на корупцијата на локално ниво и зголемување на транспарентноста на овие претпријатија.
ЗЕН ги презентираше резултатите на онлајн настан, во присуство на претставници на јавните комунални претпријатија од Скопскиот регион, локалните самоуправи,граѓански организации, медиуми.