Јас, граѓанинот! Колумна на Марин Гавриловски

Независно од ставовите на политичките партии, секој од нас кој умее да расудува со своја глава, користејќи го здравиот разум, не може да најде нормална причина зошто би го бојкотирал пописот. Зошто некој би сметал дека ако не биде попишан, тој и неговото семејство, тоа би било добро за него?

Многу често, во моите претходни текстови (со право) го критикував работењето на власта и опозицијата олицетворени во трите вечни партии на македонската политичка сцена – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Првите две, на еден до два изборни циклуси, го менуваа својот статус од single, додека се во опозиција, во it is complicated, додека се на власт со вечната ДУИ, која од своето основање не знае што е да се биде во опозиција. Дури и последниот обид на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, да ѝ „раскине“ на ДУИ, остана неуспешен, па сега љубовта меѓу партиите на власт цвета. До душа, како и во секоја врска, никој од надвор не знае што се случува дома и до кога таа „љубов“ ќе трае.

Сепак, овој пат, партиите нема да бидат во фокусот на овој текст, туку ќе се обидам малку да проговорам за граѓанинот, поединецот, единката, основниот елемент на секое општество. Имено, колку и да сакаме целата вина да ја префрлиме на партиите, на власта, на опозицијата, на внатрешните и надворешните непријатели, светските заговори и други планетарни и вселенски случувања, сепак треба да се погледнеме во огледало и да си кажеме дека за состојбата во која се наоѓа државата и општеството, по малку е виновен и секој од нас.

Совеста на испит

Во сега веќе далечната 1993 година, како бруцош на Правниот факултет во Скопје, ја напишав мојата прва семинарска работа на тема: „Демократија – вид на политички режим“. Се присетив на неа токму во ова време-невреме во кое сѐ помалку ги почитуваме правилата, а сѐ повеќе, за жал, гласот го дигаат оние кои се над законот и сметаат дека може да прават што сакаат. Уште во седумнаесеттиот век Томас Хобс како основа на својата анализа на општеството и политиката го зема поединецот. За него, Хобс вели дека е изолиран сопственик на својата личност, кој е слободен онолку колку што ја поседува таа своја личност и своите способности. Поединецот е слободен да се движи и дејствува во општеството, воден од својот личен интерес. Бидејќи и другите поединци, водени од своите интереси, ја имаат истата слобода да дејствуваат во општеството, доаѓа до судир меѓу нив. Ова е таканаречената „природна состојба“ во која судирот меѓу единките води кон нивно истребување. За да се избегне ова се наметнува потребата од создавање на правила и норми кои ќе ја избегнат состојбата на судир помеѓу единките и некаков авторитет кој ќе ги регулира тие односи во општеството. Тоа е авторитетот на државата чиј репресивен апарат не дозволува граѓаните сами да ги одредуваат и регулираат правилата туку се грижи за тоа поаѓајќи од општото добро и интересот на заедницата. Понекогаш си мислам дека во Македонија сѐ уште има граѓани кои се наоѓаат во „природната состојба“ на Хобс, односно како уште да не се излезени од шеснаесеттиот век.

Колку пати, секој од нас во текот на денот се нашол во ситуација кога малку и „прогледал низ прсти“ на својата совест, па направил нешто што не може да му служи за пример на неговите деца. „Нема возила на раскрсницата, па што ако поминам на црвено светло или на дел од коловозот на кој нема пешачки премин. Е, сега ли да го врзам ременот во возилото и така нема многу гужва во сообраќајот. Гумата за џвакање и така побрзо се разградува од најлонските ќеси, а и секако нема корпа за отпадоци во близина. Сега ли најдоа да ставаат рампа во оваа улица? Ќе го оставам возилото на коловозот само на две-три минути, сигурно никому нема да му пречи. Кој ќе чека ред сега, ќе му се јавам на баџанакот тој ќе може да ми ја заврши работата преку ред. Што ако препишувам на тестот кога во животот нема да ми треба да го знам тоа што сега го учам. Не мора да го собирам изметот на моето домашно милениче од паркот и така може да служи за да ја наѓубри тревата. Е сега ли да давам пари за регистрација на возилото, ќе си го возам така, па ако ме запре полиција, ќе бркам врски да ми ја скинат казната. Што има да излегувам на избори, и така ништо не зависи од мене и секако ќе ми го украдат гласот“.

Покрај овие секојдневните, многубројни се и примерите на нашето непочитување на правилата во „новото нормално“. „Цел ден ја носам маската се задушив, морам да ја извадам малку, па што ако малку поткашлувам. Еднаш во животот ја мажам ќерка ми, зар да не правам свадба. Море ќе си го фатам јас редот, ќе застанам веднаш до тој пред мене, ако стојам на два метра растојание, сигурно некој ќе ми се втурне пред мене. Ќе одам денес на работа, малку повисока температура не значи дека имам ковид. Па што ако немам поминато 14 дена во изолација, секако немам симптоми“.

Што можете да направите

Но секако, најактуелното заговарање граѓанска непослушност се однесува на пописот кој, според донесениот Закон, треба да се одржи во април 2021 година. Независно од ставовите на политичките партии, секој од нас кој умее да расудува со своја глава, користејќи го здравиот разум, не може да најде нормална причина зошто би го бојкотирал пописот. Зошто некој би сметал дека ако не биде попишан, тој и неговото семејство, тоа би било добро за него? И зошто некој би сакал да има нереална претстава за бројот на жители во државава? Мое мислење е дека секој граѓанин треба да инсистира да биде попишан, прво поради себе , а потоа и поради податоците кои преку пописот ќе помогнат во државата да се градат политики и да се преземаат мерки кои ќе бидат во интерес на граѓаните и развојот на државата.

Навидум, ова се навистина мали индивидуални престапи, но колку полесно би функционирало општеството доколку се обидеме да ги почитуваме правилата и колку, на пример, полесно целиот здравствен систем ќе го поднесеше товарот на пандемијата доколку секој од нас совесно и во целост ги почитуваше мерките за заштита?

И затоа, не прашувајте што државата може да направи за вас, прашајте се што вие можете да направите за вас и за општеството заедно. Ако секој ден „забораваме“ да направиме по некој секојдневен престап и одлучиме да ги почитуваме правилата, многу бргу ќе дојдеме во ситуација општеството и државата да ни заличат на нормално и уредено место за живеење. Примерот што деновиве го даде еден носител на политичка функција, но уште побитно – поединецот, граѓанинот Мартин Костовски, како свој личен пример, дека со своето моторно возило ќе ги пренесува граѓаните од својот град кои имаат потреба да патуваат во Скопје, а за време на тој пат со нив ќе разговара за проблемите со кои се среќаваат, дава надеж дека сепак еден мал гест, едно мало добро дело може да биде пример и поттик и другите да преземат нешто што ќе биде во корист на заедницата. Да ги поздравуваме позитивните примери и да се трудиме и ние да бидеме позитивен пример за другите.

Извор Слободен Печат

Translate »