Александар Левески – Треба да се стимулира независноста и интегритетот на младите, а не да се информира колку влегле во партија – тоа е за жалење, а не за фалење!

СДСМ се фали дека ажурирале 36.000 членови. Велат и дека имаат многу нови млади членови, што во суштина е поразително и не е за фалење. Но тоа Љупчо не може да го сфати, затоа што државата ја гледа низ призмата на партијата.

Кога би можел работите да ги види од малку поинаква перспектива, од перспектива на државните, а не на партиските интереси, би му било јасно дека членувањето во партиите треба да се сведе на минимум, односно да се дестимулира. За сметка на тоа треба да се стимулира независноста и интегритетот на младите, треба да се стимулира зголемувањето на нивната наобраза, доквалификација, експертиза, треба да се стимулира нивното оперативно знаење.

Тоа е вин-вин комбинација. Добиваат и младите, добива и државата, а со тоа индиректно и партиите кои ја водат државата.

Лошо во приказната е што партиите ја губат некритичката и безусловна поддршка од оние кои наместо во партијата вложуваат во себе, па така ќе добијат посилна критичка јавност за сметка на слепата послушност. Но и тоа е во интерес на државата, иако на нив не им одговара, што имплицира дека државниот и партискиот интерес кај нас се различни.

Токму поради тоа државата ни е во расчекор и нема никаков реален просперитет. Државниот и партискиот интерес треба да имаат иста точка на конвергенција, ако сакаме прoгрес.

Translate »