Наташа Бекирова: Психолошки потешкотии при борба за добивање на дете по пат на вонтелесно оплодување (инвитро фертилизација)

Исконската потреба за добивање на дете е една од најсилните потреби во животот на човекот.  За време на заедничкото живеење или по стапувањето во брак, паровите сонуваат, мечтаат, си ги замислуваат своите идни деца. Имањето дете за секој поединец има различно значење: продолжување на родот, добивање смисла, надеж, реализирање на потребата да се грижат за некого, потребата од пренесување на своите исксутва и знаења, некоја финална реализација на себе си. Давањето живот значи некаква комплетна реализација на себеси како хумано битие. Друг момент кој е значително и многу важен е чувството на припадност кон околината, идентификација со групата на пријатели кои имаат деца, чувство на вклопеност, но и потребата да се сака и да се биде сакан.

Но, низ што се поминуваат паровите кои не успеваат да имаат дете по природен пат?

Најпрво е откривање на причината

Се започнува со медицински испитувања, безброј прегледи, крвни анализи, спермограми, спермокултури, следење на фоликули, хормонски статуси, болни гинеколошки прегледи, лутање по „најдобрите” доктори, пап тестови, брисеви, чекање резултати, дремење по ходници кај матични лекари и лабаратории. Еден исклучително тежок процес кој одзема време, засега психолошка енергија, влијае на секојдневието и особено многу влијае на емотивниот живот на партнерите. По добивањето на дијагноза неплодност кај едениот или двата партнери и соочувањето со дијагнозата парот веќе се исправува пред голем број на предизвици. Во оваа фаза надежта сеуште ја има во позадина и парот се мобилизира психолошки и финансиски за започнување на постапката.  Со советувањето од докторите да почнат инвитро постапка започнува и еден од најтешките периоди во целиот процес.

Гнев и лутина кон „судбината”

Интензивни чувства на неправда и лутина, чувство на гнев и неприфаќање на идејата дека не сме способни да имаме деца. Чувство дека сите останати околу нас, толку лесно добиваат деца, а ние треба да поминеме низ голгота за да се реализираме како родители.

Притисокот од социјалната средината

Родителите, постарите членови од семејството, пријателите, соседите се љубопитни и неретко се дрзнуваат да коментираат и да прашуваат или да неметнуваат вина кај парот. Често се случува да прашаат: Ајде што чекате? Уште ли ќе шетате? Само опуштете се и ќе биде! Многу мислите, затоа не ви „фаќа”.  Се ова е исклучително иритабилно за парот кој се чувствува неразбрано, осудено а особено што овој интемен дел од себе си треба да биде ставен на тацна за останатите.

Четврт момент е финансискиот момент

Ова е исклучително скапа постапка која бара оддвојување на многу средства. Паровите прават се што е во нивна моќ. Примаат скапа хормонска терапија која знае да биде икслучително тешка за телото, особено на жената. Често патуваат до други градови каде има болници кои се специјализирани за инвитро постапки, јадат храна која ја добиле како совет од лекарите, земаат суплементи, пијат чаеви и народни лекови. Сетоа тоа е многу скапо, и влијае на семејниот буџет во голема мера и создава многу финансиски фрустрации и тоа; задолжувања, земање кредити, лишување од секаков вид на трошоци кои претходно представувале задоволство за парот.

Психолошкиот притисок и неизвесноста

Безброј прашања и мисли кои притискаат силно, мачат, созадаваат немир, солзи, конфликти меѓу партнерите, губење на надежта, преокупирање со проблемот но никако и помирување со идејата дека никогаш нема да се стане родител.  Инвитрото многу ретко успева од прв пат. За секое инвитро статистички шансите се 30%. Секое ново инвитро е една комбинација на измешани чувства, една  нова голгота, на боцкања, тајминзи, примање хормони, надеж, страв, неизвесност, исчекување, загриженост, желба, вина, молитви… Двете седмици до чекање на тестот на крв, фамозниот БЕТАХАЦЕГЕ, кој го дава конечниот резултат од исходот е пекол за повеќето парови. Прашања кои постојано се провлекуваат низ главите на паровите: Дали направив се како што треба? Да не требаше пред инвитрото да пијам и други  витамини? Да не не требаше да ги качам скалите одма после инвитрото? Да не требаше да лежам 10 дена наместо 8? Што ако не биде и овој пат? Дали ќе имаме пари да направиме уште едно инвитро? Дали ќе имам сила за уште еднаш да го изодам овај пат? Што ако се роди дете кое е со пречки во развојот поради процесот на инвитро постапката?  Безброј прашања без одговор, кои мачат, болат, притискаат.

Отежната комуникација со паровите кои имаат деца

Паровите кои не се реализирани како родители, се соочуваат со потешкотија да се во друштва со парови кои уживаат во родителството. Тие одбегнуваат да одат на детски родендени, чувствуваат психолошки терет при контакти со бремени жени, имаат чувство дека не можат да се вклопат кога има теми на разговор поврзани со деца.

Чувство дека времето изминува

Многу често притисокот на времето и возраста знае да биде стресоген момент, особено за жените. Подоцнежното стапување во брак, лутањето по дијагнозата, губењето време со собирање на документација, вообичаено одзема неколку години и веќе парот доаѓа до возраст во која репродуктивноста опаѓа. Со одминување на возраста, шансите за успешно инвитро значително се намалуваат и тоа  многу влијае на чувството дека шансите и можноста за да се стане родител е се помала и помала. Тоа созадава немир, паника, вознемиреност, страв.

Вина заради стерилност на мажот или жената

Многу често после дијагностицирање неплодност кај еден од партнерите, се јавува огромно тешко чувство на вина, на неспособност, невредност.  Особено во нашето поднебје, стерилноста за мажите е исклучително тешка за прифаќање бидејќи се доживува како демаскулинизација. За жал мажите чувствуваат невреденост и неспособност за продолжување на родот, односно губење на „машкоста”.

Етички проблеми при одлука за дониран материјал

Еден од големите стравови и етички проблеми се јавува кога парот е советуван дека едниствен начин да се забремени е со дониран материјал. Тука партнерите чувствуваат амбивалентно чувство помеѓу потребата да се биде родител и фактот дека тоа дете е „половично” нивно. Исто така притисокот од традиционалната средина е тука, па многу често паровите одлучуваат да не споделуваат со околината и целиот тој процес прераснува во семејна тајна.

Сосема е во ред да се чувствува сé од погоре споменатото!

Инвитро постапката е еден предизвикувачки процес кој бара доста психолошки снаги, взаемна поддршка  на  партнерите  и силна поддршка од околината.  Одзема многу енергија, финансиски средства, влијае стресогено во многу голема мера и остава долготрајни последици врз личноста на лицата кои поминале низ ова.  Долго после завршување на процесот, телото и духот имаат потреба од рехабилитација и заздравување од психолошките рани кои си ги носи оваа постапка.

За жал, во ниедна од клиниките во Македонија кои работат со справување со неплодност, не работат стручни лица кои ќе советуваат и ќе овозможат психолошка помош и поддршка за олеснување на психолошкиот притисок  од самиот процес.

Наташа Бекирова

Дипломиран психолог и семеен советник

Translate »