Сашко Дрвошански, нутриционист: здравјето не треба да го сваќаме здраво за готово, треба да бидеме проактивни и да се грижиме за него пред да дојде болеста!

Здравјето се чува кога сме здрави! Но честопати знаеме да го потцениме неговото значење, и дури кога ќе се разболиме, или кога ќе ни се наруши имунитетот повторно грижата за здравјето да ни стане врвен приоритет. Стравот од Корона вирусот се намали, дојде есента, и големите температурни разлики во текот на денот, што причинува настинки, грип…. Но, грижата за здравјето, здравата и балансирана исхрана, користењето природни додатоци во исхраната, оптималните спортски и рекреативни активности се работи кои треба да се секојдневни активности во било кој период од годината! Токму на оваа тема разговараме со Сашко Дрвошански, нутриционист, Менаџер за истражување, развој и едукација во Натура Терапи.

Несомнено грижата за себе треба да биде нешто континуирано, но тоа сепак не го практикуваме. Дали тоа е недостиг на здрави навики или пак недостаток на свест? Што и како да промениме? 


Да, мислам дека сеуште кај многу наши граѓани не постои свеста за виталното значење кое здравата исхрана и здравите животни навики во целина ги имаат како во одржување на доброто здравје и превенцијата, така и во третманот на болестите. А кога не постои свест кај возрасните тогаш не може да се градат навики за здрав живот ни кај децата. Сите овие години наназад во мојата работа со клиентите, во комуникацијата на сите кои бараат совети и во сите мои јавни настапи и гостувања на ТВ, постојано информирам за важноста на градењето навики за здрава исхрана и здрав живот. Исто така постојано апелирам дека за сериозни промени, зголемување на свеста и подобрување на здравствената состојба кај граѓаните, неопходна е посериозна, континуирана, институционално интегрирана подршка во системот на образование и во здравството. Една од поуките кои треба да ги извлечеме од Корона пандемијата е дека веќе не може и не треба да го сваќаме здравјето здраво за готово, треба да бидеме проактивни и да се грижиме за здравјето пред да дојде болеста, бидејки така исходот со сигурност ќе биде многу подобар.


Животното темпо некогаш е немилосрдно, а обврските многубројни. Но за немањето време за себе и своето здравје нема оправдување. Која е вашата животна филозофија: 


Немањето време не смее да биде оправдување! Ако човек еднаш сфати колку е голема улогата на исхраната и примената на здрави животни навики, како физичката активност, редовниот одмор и сонот, или спрaвувањето со стресот, тогаш нема да биде проблем да се прифатат и применат промените. Она по што јас се водам и се обидувам да го пренесам е сознанието, стекнато преку мојата целокупна стручна едукација и постојано следење на сите нови научни достигнувања, дека човечкиот потенцијал е многу поголем од она што луѓето го користат секојдневно. Човечкото тело е една неверојатно совршена креација, способна за многу поголеми перформанси, способна за адаптација и регенерација, да не кажам самоизлекување. Значи доколку се грижиме за здравјето и телото, не само што може ефикасно да ги спречиме болестите, сите оние хронични или дегенеративни болести на денешницата како дијабетесот, кардиоваскуларните болести, ракот итн. ќе овозможиме оптимална функција на метаболизмот, оптимално здравје на органите со што секој поединец ќе може да го достигне својот реален максимум, како во физичка така и во ментална смисла. Можеби некој ќе каже дека тоа е утопистичка филозофија, но еве јас за себе ќе кажам дека во многу аспекти денес знам и чувствувам дека и физички и когнитивно сум во подобра форма и капацитет одколку пред 10 или 15 години.


Како фамилијарен човек, кој е вашиот совет за најбликсите? 


За среќа моите најблиски навистина ги слушаат моите совети, или барем ги слушаат и применуваат најважните и гледаат дека тоа позитивно се одразува на нивното здравје. А главните совети се многу едноставни и тие би биле барем да внимаваат од понеделник до петок да бидат посветени кон здравата исхрана а преку викендите ако имаат потреба можат да се опуштат, да ги одбегнуваат процесираните производи, да пијат вода редовно, да конзумираат многу свеж разноврсен зеленчук секој ден, цела година, не само на пролет и лето, значи многу повеќе зеленчук а со исклучок на зрнестото, шумско овошје другото да биде конзумирано во скромни количини, редовно да земаат ферментирана храна и да ги земаат додатоците на исхраната кои денес ни се неопходни, бидејки знам дека постојат многу нутриенти кои со исхраната не можеме да ги внесеме во потребните количини, колку и да внимаваме.


Се повеќе луѓе ги мачат алергии. Кој е вашиот совет. 

Појавата на алергии кај луѓето е во постојан пораст, што е евидентно особено во последните неколку години. За жал многу лица, пред се лицата со алергија на полен, се приморани на постојана терапија за да ги смират алергиските реакции и несаканите симптоми. Но примената на стандардната терапија подолг период може да даде и сериозни несакани ефекти, затоа добро е луѓето со алергии да знаат, да се информираат дека денес постојат и природни препарати кои содржат специфични билни екстракти како алое, коприва, бромелаин и други, и витамини кои имаат научно докажани придобивки во смирувањето и контрола на алергиите. Овие препарати се подеднакво ефикасни и при алергиските реакции на растенија, на инсекти или на сонце кои се типични за летото. Сакам да апелирам до луѓето кои имаат алергии а не превземале ништо во однос на тоа, или не сакаат да ја користат стандардната терапија, да се обидат барем на природен начин да ги смират овие имунолошки реакции, бидејки истите доколку се остават нетретирани долго време може да придонесат за развој на посериозни имуни дисфункции како развој на автоимуни болести и др.


Како да постигнеме баланс, меѓу работата и домот, како да се носиме со сите предизвици? 


Ако човек е свесен за проблемот и потребата, начин секогаш може да се најде. Без разлика дали станува збор за промени во начинот на исхрана или прифаќање на поздрави животни навики, клучот и препораката од моја страна е да се оди чекор по чекор. И малите промени во исхраната, на долг рок даваат големи придобивки. Некогаш луѓето сакаат се одеднаш и кога тоа нема да им успее се разочаруваат. За тоа да не се случи треба да се оди пополека но упорно, кога една здрава навика во исхраната ќе се прифати, кога ќе се почувствуваат и придобивките, полесно се оди на следното скалило. Сметам дека не е тешко да се направи баланс меѓу работата и домот. Човек може да работи и долги часови и да има енергија и за семејството и за физичка активност, но таа енергија пред се доаѓа од здравата исхрана, внесот на клучни нутриенти и секако здравата и позитивна мисла. А интересно е, само ќе спомнам, дека расположението и однесувањето и позитивната мисла повторно во голема мера зависи од соодветниот внес на некои нутриенти, односно исхраната и суплементацијата!

Translate »