Рефлексија за човечката природа насреде хаос: Leave the world behind
„Leave the world behind“, во режија на Сем Есмаил, се гледа како лавиринт на сложеноста на човечката природа наспроти претстојниот крај на светот. Адаптиран од романот на Румаан Алам, овој апокалиптичен трилер не раскажува само приказна туку ја втурнува публиката во длабоко испитување на општествената дезинтеграција и личното себеспознавање.
Брилијантноста на филмот лежи во неговата слоевита нарација. Најпрво отсликува ликови кои “на прва рака” се перципираат како незаинтересирани, површни и недопадливи, но постепено ги откриваат своите скриени длабочини и силни страни. Оваа трансформација е коментар на самата човечка состојба, особено денес – идејата дека под нашата (човечка) надворешност, обликувана од општествените норми и технолошките зависности, лежи суров, неистражен потенцијал за издржливост и поврзување, она што и суштински “не” дефинира како луѓе.
Приказната се развива во свет кој колабира од таинствен напад каде ликовите се соочуваат со катастрофи и “напуштање” од системот, пресликувајќи и делови од нашата реалност. Но, наместо да претставува директен пат до некакво решение или катарза, филмот избира двосмисленост, повторувајќи ја непредвидливоста на самиот живот.
Третманот на технологијата и човечките врски во филмот формираат критична наративна нишка. Во ера во која технолошкиот напредок парадоксално нè изолира, филмот истражува како ова ужаснувачко одвојување еден од друг, се влошува значително за време на кризи. Тоа е трогателен потсетник за нашето претерано потпирање на кревките системи (политички, економски, технолошки) и итната потреба повторно да ги откриеме нашите суштински човечки релации.
Понатаму, „Leave the world behind” (Остави го светот зад себе) е и коментар за општествените норми и леснотијата со која се разединуваме ние луѓето во време на страв и неизвесност. Предизвикува да се погледне подалеку од површни проценки и да се препознае заедничкиот човечки дух, она што ни е заедничка база, особено во време на неволја.
“Leave the world behind“ е повеќе од филм, тоа е огледало свртено кон моменталното општество, таму се одразуваат нашите ранливости и сложеноста на интеракцијата, што за жал не ни е својствена, па ни природна, туку наметната од секојдневието. Филмот предизвикува размислување што нè принудува да ги преиспитаме нашите односи со себе, едни со други и со светот во целина, резонирајќи длабоко во ерата обележана со глобална несигурност и промени.
Автор-Ирена Јорданова