Д-р Митевска: Според СЗО срцевите заболувања се број 1 причина за смртност кај жените
Асистент д-р. Ирена Митевска, кардиолог – Според Светската здраствена организација(СЗО), кардиоваскуларните заболувања се водечка причина за смртност кај женската популација
Во општата популација постои заблуда во однос на застапеноста и сериозноста на кардиоваскуларните болести кај жените, а со тоа и помала информираност за овие болести и нивната превенција. Докажано е дека кардиоваскуларните заболувања според најновите податоци на Светската здравствена организација се на прво место како причина за смртност кај жените, пред карциномитеи цереброваскуларните болести. Една од три жени во светот умира од срцеви болести.
Глобално кардиоваскуларна смртност кај жените изнесува 46%, а во Европа оваа бројка изнесува 56% од женската популација. Критичен период кај жените е настапот на менопаузата, кога кардиоваскуларниот ризик се изедначува со машката популација. Кардиоваскуларното здравје кај жените предизвикува посебен интерес последните десетина години. На што се должи овој податок? Настапија многу промени. Се промени начинот на живот, исхраната, социомедицинското влијаните на здравјето на популацијата, се продолжи животниот век.Жените со срцев удар како и со дијабет тип 2 имаат повеќе компликации и поголема смртност во однос на машката популација.Ова се должи и на фактот дека жените многу често ги игнорираат симптомите на овие болести и покасно бараат лекарска помош. Оваа популација поретко оди на превентивни прегледи, најчесто поради изговори од брзото темпо на живот и семејните обврски. За жал ние жените помалку мислиме на себе и нашето здравје.
Фото: Д-р Ирена Митевска
Во што се разликуваат кардиоваскуларни болести кај жените во однос на машката популација?
И кај двата пола постојат сличности, односно исти ризик фактори кои доведуваат до кардиоваскуларни болести и на кои можеме да делуваме. Тоа се хипертензијата, дијабетесот, пушењето, покачената телесна тежина, физичката неактивност и хиперлипидемијата(таложење на масти). Обезнота(покачена телесна тежина) е повеќе застапена кај жените, и тоа оние пациенти кои имаат компликации од дијабетесот.
Пушењето е поголем ризик фактор кај женската во однос на машката популација.
Менталниот стрес и депресијата се повеќе застапени кај жените кои се исто така ризик фактор за кардиоваскуларните болести.
Кај жените е позастапена стрес индуцираната срцева дисфункција или “синдромот на – скршено срце” предизвикан најчесто од голем психички или физички стрес
Физичка неактивност– жените се помалку физички акитвни од мажите
Менопауза- ексклузивност само за жените. Естрогените хормони ги штитат жените се до менопаузата со нивните поволни ефекти врз маснотиите и ѕидот на крвните садови. Затоа кардиоваскуларните болести се јавуваат во просек 10 години подоцна во однос на машката популација. По менопаузата овој ризик се изедначува со машкиот пол. Менопаузата со падот на естрогените хормони доведува до покачени маснотии во крвта, го зголемува ризикот од хипертензија и поголема телесна тежина, доведува до дисфункција на малите крвни садови на срцето, што е поспецифично за женската популација. Раната менопауза го зголемува ризик за срцеви заболувања кај помладата женска популција.
Употребата на контрацептивната теарпија го зголемува ризикот за појава на хипертензија, мозочен удар, тромбемболиски компликации, особено кај жените со фамилијарна предиспозиција и ризик фактори за кардиоваскуларни болести.
Бременоста е состојба во која се наоѓаат само жените. Високиот крвен притисок, преекламсијата и гестацискиот дијабет го зголемуваат ризикот за кардиоваскуларни болести над два пати.
Синдромот на полицистични јајници е поврзан со инсулинска резистенција и го зголемува ризикот за појава на дијабет, обезност и кардиоваскуларни болести.
Одредени карциноми, хемотерапијата и радиотерапијата го зголемуваат ризикот за срцеви заболувања, особено при лекувањето на карциномот на дојка.
Системските инфламаторни и автоимуни болести се почести кај жените. Степенот на хронична инфламација е поголем кај оваа популација, со што е зголемен ризикот за оштетување на крвните садови.
Срцевите заболувања, особено срцевиот удар често се манифестираат поинаку кај женската во однос на машката популација. Кај жените можат да изостанат типичните симптоми на градни болки, поради што е помал и сомнежот за овие болести кај пациентките и лекарите.
Имајќи ги во предвид сите наведени податоци, потребно е значајно подигнување на свесноста за ризиците и застапеноста на кардиоваскуларните болести кај жените, какои сериозен и проактивен пристап кон превентивните мерки. Ова вклучува секојдневно издвојување на време за себе на секоја жена, кое ќе го посвети на унапредување на сопственото здравје. Како жени мора да сватиме дека без нашето добро психичко и физичко здравје нема да бидеме во можност да се посветиме на другите, без оглед на љубовата и чуствата кои ги имаме кон семејството и саканите.Квалитетот на нашето здравје во голема мерка го моделира и квалитетот на нашиот живот. Ова жените мора да го сватат што порано, бидејки превенцијата започнува од најраната возраст.
Како да се заштитиме од срцев удар?
Со многу едноставни мерки превземени уште од најрана возраст можеме многу ефикасно да се заштитиме од несаканите последици на срцевите болести. Тоа се нарекува култура на живеење. Осумдесет проценти од кардиоваскуларните болести можат да се превенираат само со промена на животниот стил. Затоа запамтете ги следните препораки и применувајте ги секојдневно.
Редовна физичка активност со 30-40минути секојдневно пешачење
Практикувајте јога или вежби за редукција на ментален стрес
Конзумирајтешто повеке овошје и зеленчук или користете ја таканаречената Медитеранска диета
Избегнувајте заситени маснотии и храна богата со шеќери
Користете маслиново и ленено масло
Конзумирајте риба два до три пати неделно
Редуцирајте брза храна, газирани пијаци, сол и алкохол
Одржувајте го индексот на телесна тежина под 25кг/м2
Пијте до 2 литри течности на ден
Не го кратете вашиот сон
Прекин на пушење. Запомнете дека и пасивните пушачи имаат за 30% зголемен ризик за кардиоваскуларни болести. Пушењето го загрозува и животот на вашите најблиски кога пушите во нивна околина
Одете на редовни превентивни прегледи
Редовен третман и следење на крвниот притисок, дијабетесот и хиперлипидемијата
Следење на крвниот притисок и скрининг на дијабет во бременоста. Безбедната бременост, осободена од компликации е важна за понатамошното кардиоваскуларно здравје на жените.
Важно е да станеме свесни за нашето здравје на време. Здравите навики ги пренесуваме и на нашите семејства и градиме позитивен животен стил.Кардиоваскуларните заболувања кај жените се реалност и се нивен прв убиец. Да напарвиме се што можеме за што поквалитетен и подолг живот за нас, а со тоа и за нашите најмили.Да не заборавиме дека срцето е огледало на нашите навики.
Асистент д-р. Ирена Митевска, кардиолог, доктор на медицински науки
Универзитетска клиника за кардиологија