Александра Стојановска Тасевска-секоја успешна компанија,којa се стреми кон успех треба да има свој адвокат

Што значи да се биде адвокат во нашата земја?

Александра Стојановска Тасевска: Бидејќи мојата професија ја доживувам како креативна, динамична и исполнета со секојдневни предизвици, би сакала да го дадам своето видување на професијата адвокат. За мене адвокатурата во својата суштина крие две димензии, прво предизвик за општествена промена, а потоа и чувство на благопријатност кога во очите на клиентите ќе ја видите благодарноста за она што сте го постигнале за нив.

Адвокатурата во нашата земја се уште се доживува како стереотипна и досадна професија и кога на соговорникот ќе му кажете дека работите како адвокат одговорот е, се надевам нема да ми затребаш. Токму спротивното, секоја успешна компанија, секој човек кој се стреми кон успех треба да има свој адвокат. Кога една компанија пристапува кон склучување на голема зделка или пак кога човек решава животни прашања во адвокатот треба да препознае партнер. Кога клиентот ќе не запознае со својата намера за склучување на зделка, на пример, нашата работа започнува најпрвин со истражување и  анализа за конкретната зделка, а понатаму и изработка на целокупната документација. При изработката на документацијата, нашата канцеларија користи современи алатки и методи кои значат заштита на интересите на клиентот. Како и секоја професија така и адвокатурата напредува, па нашата канцеларија ги користи модерните алатки за справување со предмети. Целта ни е клиентите да не доживеат како нивни партнери во работата, заради што при почнување со работа на конкретен предмет водиме посебно досие, водејќи притоа сметка за заштита на личните податоци на секој клиент. Во текот на развивањето на предметот особено водиме сметка за тоа клиентот секогаш да биде навремено информиран и запознаен со текот на постапката. Електронската архива која ја водиме за секој клиент ни помага многу во почитувањето на начелата од кои се раководи нашата канцеларија во работењето – навременост, ефикасност и транспарентност.

 

Зошто е потребно секоја комппанија, а и физичко лице да има адвокат?

Александра Стојановска Тасевска: Нашата канцеларија секогаш се раководела од она – подобро е да се спречи отколку да се лечи. Што ова значи? Кога почнувате било каква правна работа, поекономично е, првото нешто што ќе го направите да побарате правен совет од адвокат. Пред се, за да спречите злоупотреба на правата, чија што заштита откако истите се повредени значи долготрајна и скапа судска постапка. Свесни сме дека бизнис заедницта при креирањето на годишните буџети и трошковни центри се раководат од начелото на разумен трошок и се стремат кон намалување на трошоците. Меѓутоа, придобивките кои би ги имале со ангажирање на адвокат се оние кои индиректно ќе влијаат кон намалување на други трошоци. Што ова значи, нашата канцеларија е секогаш во тек со најновите законски измени како и предлог закони и навремено ги информираме нашите клиенти за нив. Во оваа насока, нашите клиенти секогаш имаат усогласени правни акти со позитивните законски прописи, како и подготовка на нивното работење со воведување на нови законски обврски во нивното деловно работење.

Повеќе од десет години обезбедувате правни услуги, како се одвива еден ваш работен ден?

Александра Стојановска Тасевска: Работниот ден започнува наутро со читање и одговарање на е-маил пораки, застапување на клиентите на рочиште за конкретен предмет, а понатаму следат состаноци со постојните клиенти, како и средби со нови потенцијални клиенти.

Мојата приказна како адвокат започна декември 2003 година, најпрвин како адвокатски приправник, во 2006 година веќе започнав со работа како самостоен адвокат, за во 2012 година да се случи – адвокатска канцеларија STSh-Legal. Адвокатска канцеларија STSh-Legal е специјализирана во повеќе области од правото, со акцент на корпоративно работење, заштита на лични податоци и интелектуална сопственост. Последните неколку години, нашата канцеларија често е ангажирана од странски компании кои сакаат да започнат бизнис во нашата земја. Во оваа насока, при ангажманот од страна на компании од други земји, првично го истражуваме пазарот за конкретната дејност која компанијата сака да ја работи, даваме правно мислење во однос на законската и даночната регулатива, а по основањето на компанијата понатаму обезбедуваме правна услуга на месечно ниво или пак за конкретно дејствие. Нашата канцеларија се стреми да обезбеди навремена и квалитетна правна услуга на национално и интернационално ниво. На нашите клиенти секогаш им обезбедуваме информации за нивните предмети, пресек на времето кое е потребно за да се заврши конкретен предмет, како и предвидување на проблемите и препреките кои може да се појават при решавањето на конкретен предмет.

Која е улогата на адвокатот во едно општеството?

Александра Стојановска Тасевска: Во Република Македонија адвокатурата дефинирана како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон. Бидејќи адвокатурата е уставна категорија, сама по себе професијата наметнува обврска за заштита на уставно загарантираните права на човекот и граѓанинот. Нашата канцеларија се стреми да даде придонес во заштитата на основните човекови слободи и права, на начин што секогаш се бориме за фер и правично судење, а со тоа индиректно влијаеме кон подобро општество за сите. Нашата професија неминовно наметнива одговорност и чесност во постапувањето, отворен и чесен пристап со клиентите, заштита на нивните интереси пред се.

Translate »