Просечната плата доволна само за храна и сметки

Растот на платите не ја поместува Македонија од дното куповната моќ на населението. Граѓаните се загрижени, властите – оптимисти. Обемниот пакет социјални реформи треба да донесе позитивни промени.

Половина плата за полн фрижидер. Вака накусо изгледа месечната математика за месечните потреби на просечниот Македонец. Растот на платите го следи растот на трошоците на живот, но тие и натаму се прескапи за поголем дел од македонските граѓани. Просечната плата достигна 24.355 денари, но таа е сѐ уште далеку од доволна да се протурка еден месец, барем кога станува збор за четиричлено семејство.

Колкави се точно трошоците за живот е тешко да се пресмета. Државата веќе со години престана да ја пресметува потрошувачката кошничка со објаснување дека такви биле препораките од ЕУ. Изминатиот период тоа го правеше Сојузот на синдикатите на Македонија, но објавата на пресметките затаи. Барем на нивната интернет страница, каде тие редовно се објавуваа до февруари годинава. Од ССМ се правдаат дека станувало збор за технички пропусти. Пресметките редовно ги правеле иако не ги објавувале во последниве месеци. Па така, по барање на Дојче веле ги добивме податоците за септември и октомври кои покажуваат интересни податоци.

„Во минус сум две плати“

Според пресметките, просечната потрошувачка кошница за четиричлено семејство во октомври била тешка 32.507 денари. Од нив дури 13.507 денари одат на храна, односно 10.407 денари за сметки и одржување на домот. Или во превод, просечната плата од 24.335 денари е доволна само за овие две ставки. За останатите потреби нема. Од Синдикатот велат дека пресметките ги прават согласно реално утврдена методологија. Ако е така, тогаш дилемата е – како се снаоѓаат македонските граѓани?

„Како? На кредит. Две плати сум во минус, имам кредит и се снаоѓам како умеам. Тури претури ти се вика тоа. И така секој месец. Добро што барем платата е редовна и не доцни, па може да се турка. Но само за да се преживее месецот“, вели Билјана М., вработена во една од државните институции.

Билјана зема месечна плата пониска од просечната, но е во поповолна состојба, бидејќи има и сопруг што работи во приватниот сектор, па со неговата плата можат да си дозволат и повеќе од пресметаното во потрошувачката кошничка. Но многу од македонските граѓани сѐ уште ја немаат таа привилегија. Посебно не оние кои земаат минимална плата, или помалку:

„Јазот помеѓу богатите и сиромашните е голем и затоа не е за чудење што младите ја напуштаат државата. Факт е дека нешто се прави, но факт е и дека народот повеќе очекуваше. Минималната плата порасна, но сепак е многу мала за вакви економски услови. Па видете само потрошувачката кошничка е над 500 евра. Не е достижна за оние со просечна плата, а камоли за оние со минимална“, предупредува Маријан Ристевски од Конфедерацијата на синдикални организации.

Каде е поевтино: во Македонија или во Германија?

 

Скопјанка на работа во Германија – околу мене никој не зборува за политика

Translate »