Амбициите и успесите, не се доволни за да бидеме комплетни и среќни личности!

  1. Вистинска уметност е да се најде баланс во животот! Како да знаеме кога сме претерале со нешто?

Дора: Да бидам искрена, да се постигне баланс во животот е навистина тешка работа.  За да се постигне балансот, пред се е потребно човек да има висока свесност и силен контакт со самиот себе, бидејќи само тој човек  ги познава своите автентични потреби и не му е потребно ништо повеќе или помалку од нив.  Една таква личност без оглед на тоа колку заработува, не прави значајна промена во своите потреби и желби.  Постојат луѓе (исклучиво ретки) кои ги имаат истите потреби и желби без разлика на тоа дали заработуваат триесет илјади денари или триста илјади денари. Нивниот стил и начин на живот едноставно не се менува, тие напредуваат бидејќи само ја чувствуваат потребата за креирање и напредок, меѓутоа парите не ги ставаат во преден план.  Од друга страна постојат луѓе на кои никогаш ништо не им е доволно.  Колку и да заработуваат, постојано се незадоволни, нивните желби и потреби се минливи, немаат никаков квалитет, туку само растат на квантитет. Таквите луѓе дефинитивно имаат проблем со контактот со самите себе и често се случува да “претераат“ и да не се свесни за тоа. Кога човек ќе претера, првиот знак дека претерал сигурно ќе му го даде телото.  Хроничен умор, симптоми на прегореност, чувство дека пука во сопствената кожа, потреба од супстанци за смирување, појава на психосоматски болести, анксиозност и панични напади итн. Сето тоа е знак дека човек претерал и дека треба да застане во еден момент и да се запраша во која насока се движи и што вистински сака за себе.

Дора Попова Узуновски, М-р на клиничка и советодавна психологија
  • Трката по пари, унапредување, признание, функционира како “вртлог”, кој само те влече, и не те пушта. И не е лесно да се запре.! Што да се прави во ваква ситуација?

Maja: Да се остане автентичен на самиот себе во секој момент, доследен на сопствените вредности, идеали и мотиви, сопствената цел и лична визија. Секако, за да се влезе во тој вртлог, овие нешта треба да бидат освестени, а личноста зрела и изградена. А по течението на остварувањето, да се препознаваат сигналите на прегорување и да се третираат соодветно. Лошата вест е што не е лесно да се запре, добрата вест е што секој момент е добар момент да се започне работа на себе и да се креира поквалитетно секојдневие.

  • Дали постои некое правило, за рана превенција? Колку физичката активност е некој вид на амортизер?

Дора: Физичката активност е сигурен амортизер, меѓутоа не само да се работи на ниво на тело. Кога работиме исклучиво на ниво на тело, повторно немаме свесност за интрапсихичките процеси. Личноста извесно време се чувствува порелаксирано, меѓутоа се уште работи на принципот “наполни-испразни“. Овој механизам може да функционира за голем број луѓе и тие да се чувствуваат задоволни, но за оние кои преферираат подлабинска работа на себе, им препорачувам да пронајдат активност која ќе ги активира умот, телото и емоциите заедно.  Во такот случај квалитетот на резултатот е загарантиран.  

  • Сигурно сте имале контакт со некоја личност, која ве информира дека веќе толку е влезена во трка по пари, успех, што веќе не знае за нешто друго. Што е вашиот одговор за неа?

Дора: Секое дејство што го правиме во животот започнува со круг кој има шест битни позиции. Првата е сензација, втората е свесност за сензацијата, третата е мобилизација, четвртата е акција, петтата е завршување на акцијата и шестата е опуштање. Личноста која е влезена во трката по пари и не знае за друго ништо, всушност не може да го сопре овој круг и постојано се врти внатре во него. Таквото вртење во еден момент го губи својот почеток и крај. Единствениот начин да го сопре вртењето е да застане и да земе длабоко воздух, бидејќи кругот постои исклучиво во нејзината глава и на ниту едно друго место надвор од таму. 

  • Како Коуч за личен развој, кој е најдобриот совет кој сте го дале некому?

Маја: Благодарноста на методот кој го користам е што многу ретко давам совети или му кажувам на некој “како да си го живее животот”. Всушност преку прашања го провоцирам клиентот да дојде до одговорите од своето јадро, да ги креира своите цели и да се стреми кон посакуваната состојба, излегувајќи од непосакуваната, а јас го водам низ процесот.

Маја Керамитчиева – Психолог,
Коуч за личен развој

Дора: Јас не сум коуч за личен развој, туку сум психотерапевт, гешталт терапевт.  Според тоа, мојата работа не е да давам совети на било кого. Мојата работа е да му помогнам на клиентот, тој сам да ги пронајде одговорите на своите прашања. Јас сум само катализатор на неговиот процес.

  • Како Вие го пронаоѓате вашиот личен баланс?

Маја: Со квалитетно време посветено на себе, континуирана интроспекција, како и вложување внимание и фокус еднакво на сите аспекти, луѓе, активности и места во мојот живот кои ми се важни и во чие присуство растам и уживам.

  • Можете ли да посочите книга/роман кој Ви оставил посебен впечаток, и кој искрено го препорачувате на сите кои сакаат подобро да се запознаат

Маја: “Следи го срцето” од Ендру Ментјуз. Се ближи Денот на вљубените, но ова не е љубовна приказна. Оваа книга ја прочитав кога бев во средно училиште, во период кога размислував на сите животни прашања што ми ги носи иднината. Можеби оваа книга ми се појави во вистинско време, иако не е за средношколци, но ниедно друго четиво за личен развој не ми го надминал тој моќен впечаток.

Translate »