200 милиони ги видоа Илина и Мимоза на Евровизија

Пресреќна сум што фотографијата фантатстично се вклопи во пораката на песната – биди горда со она што си! Не давај никој да ти ги сосече крилјата!, раскажува за „Женски Магазин“ Мимоза Петревска Георгиева, мајка на Илина (15) која има Даунов синдром

Исто како и во четврточното полуфинале, со овации беше проследен вечерашниот настап на Тамара Тодевска на Изборот за Песна на Евровизија во Тел Авив, Израел. Слушнавме уште една беспрекорна интерпретација на Proud.

Првпат на ова големо музичко натпреварување имаме концепт, разработена стратегија, приказна која успеваме да ја продадеме од почеток до крај. Текст кој носи конкретна порака и, за разлика од сите претходни години, ефективен сценски настап. 

„Евросонгот“ одамна е место кадешто се почитуваат различностите, а ние годинава во еден глас пееме токму за тоа – за еднаквост и недискриминација.

Највпечатлив дел од нашите три евровизиски минути е вториот дел од настапот, кога на видеобимот зад Тамара се прикажуваат мудро одбрани фотографии. Колажот се отвора со Мимоза и Илина. Мимоза Петревска Георгиева, наша редовна соработничка, и нејзината ќерка Илина (15) која има Даунов синдром.

Петревска Георгиева не очекувала дека нивната фотографија ќе изгледа толку моќно, како што вели, толку вклопено.

– Буквално се расплакав. Тамара на овој настап ги имаше своите 5 најдобри минути во животот – снажен глас, вулканска емоција, совршен изглед. Претходно не сум можела силно да се поврзам со некоја песна изведена на „Евровизија“. Но, сега тоа се случи. Ми се чини, покрај моќната и емотивна изведба, најмногу ме допре текстот кој сосема резонира со она што сум јас-некогаш и сега – раскажува таа за „Женски Магазин“.

Во продолжение интегрално Ви ја пренесуваме нејзината евровизиска приказна.

They will try to tell you what to do

How to look, smile, act and move

All the rules I made for you to lose

Мислам дека оваа песна зборува токму за тоа – за женската моќ која постојано е сосекувана, гмечена, потиснувана. Девојчињата од мали се воспитувани да стискаат заби, да бидат фини и да им го препушат полето на борба, спонтаност и забава на момчињата.  За да биде посакувана, од жената се очекува да се преправа, да се самоцензурира, да си го отсече едното крило и уште да се полие со катран и пердуви  за да се вклопи во кутијата што и ја подготвиле. Женската и воопшто човековата сила не е во совршеност, напротив!

Како жена никогаш не сум ја играла традиционалната машко – женска улога на мачка и глушец во кој навидум мажот е мачката, а жената – глушецот. Секогаш го слушам гласот на своето срце и јасно и гласно покажувам што мислам и чувствувам, што не е секогаш пријатно, угодно ни пожелно, но тоа сум јас.

Како мајка на Илина, девојче со Даунов синдром, сѐ во мене уште повеќе се бунтува против овие клишеа – зашто и Илина е како мене – бескрајно отворена, ранлива, многу своја. Никој не останува рамнодушен во нејзиното присуство. Мислам дека нејзината харизма се гледа и на фотографијата.

А како додје до сето ова?

Па сосема неочекувано. Ме контактираше Коста Петров, авторот на овие фантастични стихoви по мојата колумна која излезе во „Женски Магазин“ со идеја дека би било убаво да нѐ фотографираат заедни со ќерка ми Илина и фотографијата да биде вклопена во видеобимот на сцена. Многу се израдував, но некако не ми беше до фотографирање. Истата секунда ми текна дека јас и Илина веќе ја имаме совршената фотографија направена за едно мое интервју за порталот Fashionel. Ни ја направи еден прекрасен млад фотограф кој заедно со Весна Бејбимама Петрушевска веќе имаа идеја како сакаат да нѐ фотографираат, дури имаа приготвено и мало сценарио. Подобри фотки досега никој не ни направил.

Пресреќна сум што фотографијата фантатстично се вклопи во пораката на песната – биди горда со она што си! Не давај никој да ти ги сосече крилјата!

Благодарност до Коста Петров кој се сети на нас и имаше сенс да не вклучи во оваа убава приказна. Потврда дека сенсот му бил совршен е и групата составена од музичари со посебни потреби кои настапија таа вечер во Тел Авив и кои ги оставија сите без здив. Значи сцената треба да биде отворена и за оние помалку совршените.

Со среќа Тамара! Каков и да е исходот вечер, ти веќе растури! Thanks to you I am proud!

Преземено од Женски магазин

Translate »