Корона-кризата ги скуси парите од печалбарите – прогнозите се дека лани испратиле над 250 милиони евра помалку пари
Ако печалбарите секоја година праќале по над една милијарда евра пари со кои ќе им помогнат на своите дома, лани поради корона кризата очекувањата се дека дознаките паднале за над 250 милиони евра.
Пад на дознаките од странство регистрира Народната банка, но податоците се до крајот на третиот квартал. А прогнозите на Централната банка се дека за лани падот ќе биде околу 26 проценти, што во пари би изнесувалo околу 260 милиони евра. Пад е регистриран за речиси 50 проценти на оние пари кои печалбарите ги испраќаат по неформални кеш-канали, а тие сочинуваат 70 проценти од вкупните приватни трансфери. Но, има раст на парите испратени по формални канали, како банкарски дознаки и тие по брз трансфер на пари. Па така, ако годишниот просек на парите испратени по брз трансфер или преку банки изнесува околу 180 милиони евра во последните над 10 години, лани за само девет месеци печалбарите испратиле речиси 210 милиони евра.
„Специфика за нашата економија е релативно високиот нето прилив на девизни средства преку приватните трансфери, којшто од 2009 година наваму надминува една милијарда евра на годишна основа. Оваа категорија во еден дел се однесува на дознаките од физичките лица испратени преку формални канали (банки и брз трансфер на пари), а друг, значително поголем дел, се дознаки кои доаѓаат по неформален канал (во готовина) и кои се апроксимираат преку нето откупената ефектива од менувачкото работење. Така, делот од дознаките кои се носат/праќаат во готовинска форма сочинуваат над 70% од вкупните приватни трансфери, додека дознаките кои доаѓаат во нашата економија преку формалните канали низ текот на годините е релативно стабилен и се движи во просек околу 180 милиони евра годишно во последните десет години“, велат за „Денар“ од Народната банка.
Од Народната банка велат дека токму дознаките од странство се еден од основните канали преку којшто здравствената криза се пренесе врз домашната економија.
„Рестриктивните мерки за спречување на ширењето на вирусот значително го намалија меѓународното движење на патници, што предизвика поголема надолна корекција кај приливите на девизи преку неформални дознаки и соодветно надолно приспособување на нето откупената ефектива на менувачкиот пазар, којшто во првите девет месеци од 2020 година, бележи пад од 46,3% на годишна основа. Овој ефект беше делумно надоместен со поголемите девизни приливи преку формалните канали. Имено, карактерот и должината на ковид-кризата ги поттикна иселениците и работниците на привремена работа во странство повеќе да ги користат формалните канали за пренос на средствата за поддршка на семејствата, што доведе до висок годишен раст на нето приливите по банкарски дознаки, за 44,7% и преку брзиот трансфер на средства, за 59,6%, во првите девет месеци од 2020 година. Следствено, вкупните нето-приливи од приватни трансфери во истиот период бележат годишен пад од 28,8%“, изјавија за „Денар“ од тимот на Дирекцијата за монетарна политика и истражување на Народната банка.
Иако податоците се за деветте месеци лани, сепак очекувањата за цела 2020 година не се розови. Народната банка очекува пад на приливите од приватните транфери за 26 проценти.
„За целата 2020 година очекуваме намалување на нето приливите од приватни трансфери, за околу 26% на годишна основа, што е во линија со очекувањата и проценките на Светската банка за пад на дознаките на глобално ниво од околу 20% во 2020 година. Постепеното исцрпување на ефектите од пандемијата ќе придонесе за закрепнување на девизните приливи од приватните трансфери, кои во следната година се очекува да се вратат на предкризното ниво, во апсолутни износи“, велат од Народната банка.
Или ако во последните речиси дванаесет години просекот на испратени пари од дијаспората кон своите блиски во земјава е над 1 милијарда евра, падот од 26 проценти би изнесувал околу 260 милиони евра.
Она што е интересно е дека ако вкупните дознаки во последните 12 години тежат над 12 милијарди евра, пари со кој се намалува сиромаштијата во земјава, оние пари кои се испраќаат по легални канали како банки и брз трансфер на пари за 15 години тежат само 2,8 милијарди евра. Податоците на Народната банка покажуваат дека токму тие во деветте месеци лани растеле. Па така приливот на пари по овие канали за девеете месеци лани изнесува 210 милиони евра, или за 63 милиони повеќе од истиот период од 2019 година, или 10 милиони повеќе од парите испратени за цела 2019 година кои изнесувале 199 милиони евра.