Портретите потсетуваат дека постоиме едни за други

Уметникот Горан Боев своите академски знаења за сликарството ги стекнал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, каде што дипломирал на отсекот сликарство, во класата на проф. Благоја Маневски, награден со титулата најдобар студент на генерацијата. На истиот факултет, во 2009 година, магистрирал под менторство на проф. Симон Шемов и бил на студиски престој во САД, Франција и во Италија. Работел како асистент на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет, како зограф во Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, како професор по ликовна уметност во гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци, а сега им предава ликовна уметност на учениците во основното училиште „Димката Ангелов Габерот“ во истиот град, но има и повеќе време да ѝ се посвети на својата уметност. Досега реализирал петнаесетина самостојни изложби и учествувал на голем број групни изложби и ликовни колонии.
Горан Боев важи за исклучително талентиран уметник, а за својот талент вели дека му е дар од бога. Почнал да црта уште на четири години, инспириран од цртежите на неговиот, исто така талентиран, постар брат.

Во библиотеката на неговиот дедо, писателот Диме Боев, ја открил книгата „Илјада слики од историјата на уметноста“ и почнал да ги копира најпознатите дела на Леонардо, Микеланџело, Рафаел и Холбајн. Првата стручна поддршка ја добива од ликовниот педагог Велика Спанџова, која го поттикнува да црта на поголем формат и да изработува сериозни ликовни теми. По нејзин предлог почнал да црта коњи, од кои е фасциниран, и уште во основното училиште, како основец, ја реализирал првата самостојна изложба на темa коњи во Музеј-галеријата во Кавадарци. Уште со таа изложба ги воодушевува своите сограѓани, освен со прекрасните цртежи на коњи, и со неверојатните портрети на членови на неговото семејство.


– Во моите детски очи, јас коњот не го гледав како корисно животно, кое е достојно за цртање, јас бев фасциниран од неговата убавина, од хармонијата на неговите пропорции и од елегантната линија на неговото тело. Низ годините, во моето творештво често се појавува коњот, понекогаш целата негова фигура или само неговата глава со вознемирен поглед, широки ноздри, отворена уста и разиграна грива. Се разбира, освен коњите, уште една тема од моето детство остана во репетиција низ моето творештво со својата естетска и психолошка димензија. Уште во почетоците на моето ликовно изразување портретот беше мој голем предизвик. Од ренесансните портрети, преку Караваџо и Рембрант, и повторно назад до возвишената уметност на византиските икони и фрески, се трудев да го истражам човечкиот лик од сите негови аспекти. Во мојот циклус „Визии од детството“ како главна тема почна да се наметнува детскиот лик во разни емотивни расположенија. Иако нежноста и ведрината се карактеристични за него, тие црти сакав да ги постигнам сликајќи груба рустикална основа со богат колорит, претходно нанесена на платното со сликарски нож – објаснува Боев.

За него уметноста збогатува, провоцира, поттикнува и разгалува. Таа не познава граници и временски ограничувања и е одраз на индивидуалната перцепција на уметникот, на игрите од детството и комплексноста и одговорноста во зрелата доба. Таа е измешано дело на свеста и потсвеста. Во периодов на пандемија и продолжена изолација, со објавувањето на неговите портрети на социјалните мрежи, изминативе месеци Боев предизвика огромно внимание и популарност.
– Со почетокот на глобалната пандемија, во која, за жал, сѐ уште живееме, сакал-нејќел, станав активен на социјалните мрежи, создавајќи многу онлајн пријателства. Едно такво пријателство со моја колешка сликарка од странство остави посебна трага во моето портретно сликарство. Една фотографија од нејзиниот лик ја искористив како модел за портрет и постигнав голем успех, предизвикувајќи голем интерес кај моите онлајн пријатели и познавачи и љубители на мојата уметност. Не можам да кажам дека беше случајно, затоа што не верувам во случајности, но, сепак, постепено од детски преминав на портрет на девојка или жена. Сега размислувајќи за убавината на женскиот лик, барем така ми се чини, мислам дека многу подобро ја изразува „трагедијата“ на времето, кое толку брзо минува. Можеби убавината во својот зенит од една страна и нејзината немоќност да опстои, нејзината брза минливост од друга страна, стана главен поттик на мојата заложба таа женска убавина да ја зачувам на моите платна од забот на времето.

Сепак, без разлика дали се работи за детски, машки или женски портрет, мислам дека и на публиката и на уметникот во ова време на пандемија, на разни рестрикции и меѓусебна отуѓеност, повеќе од кога било им треба уметноста на портретот, убавината на човечкиот лик. Секое лошо за добро е, вели мудроста. Можеби човештвото во својата суета и каприц премногу длабоко влезе во сферата на илузијата и лажните вредности, занемарувајќи го самиот човек како мисловно и емотивно битие, занемарувајќи го неговиот лик, без разлика дали е тажен или среќен. Сега, иако поради околностите физички сме сѐ повеќе разделени, време е емотивно, со меѓусебна грижа и наклонетост, да се вратиме едни кон други. Секако, и уметноста е овде, со своите портрети да потсетиме дека всушност и постоиме едни за други – вели Горан Боев.

Prevzemeno od Nova Makedonija

Translate »