Паметните градови стануваат реалност. Кои се првите општини со паметно осветлување?
Повеќе од половина од светската популација живее во големи градови, а до 2050, според ОН, се предвидува бројот да порасне на дури 68%. Овој тренд нè соочува со предизвици како што се неекономичното трошење ресурси, подобра организација на транспортот и движењето, зголеменото загадување на воздухот, пренаселеност итн. Модерните проблеми бараат модерни решенија, а концептот Паметен град е решение кое може да ги совлада предизвиците на модерното живеење, да го подобри квалитетот на живот и да понуди одржлив развој.
Западно-европските земји и САД го применуваат овој концепт, но и кај нас неколку општини го поминаа процесот на дигитална трансформација. Македонска Каменица, Чешиново-Облешево и Василево се првите општини во земјава кои во соработка со Македонски Телеком веќе применуваат паметно улично осветлување, решение кое ја намалува штетната емисија на јаглерод диоксид во воздухот, ги намалува сметките за електрична енергија до 85% и ја зголемува осветленоста на улиците и јавните места за 60%.
„Придобивките од имплементација на ИКТ услугите не можат да се игнорираат. Токму затоа решивме да ја започнеме трансформацијата кон Паметен град, која ќе ни помогне да ја претвориме Македонска каменица во зелена и одржлива општина. Со новите решенија како паметно осветлување ќе им го олесниме животот на локалните жители, а тоа се надеваме дека ќе придонесе младите да останат тука и да го планираат својот живот во Каменица. Од паметното осветлување корист ќе има и општината, бидејќи ова решение значајно ќе ги намали трошоците и ќе ни помогне поефикасно да ги искористиме средствата, пренасочувајќи ги кон секторите каде се повеќе потребни“, вели Соња Стаменкова, градоначалничка на Македонска Каменица.
Паметното осветлување е само дел од платформата за паметен град, на која може да се додаваат бесконечно апликации и нови елементи. Оваа технологија е уникатна и применета меѓу првите, не само во земјава туку и во регионот.
Со концептот паметни градови преку напредните дигитални технологии ќе се оптимизираат градските ресурси, ќе се зголеми контролата и транспарентноста, ќе се намалат оперативните трошоци во електрична енергија и одржување, ќе се обезбедат подобри услуги за граѓаните и посигурен и поквалитетен живот. Конечно, почнуваме да живееме во свет каде што технологијата ни помага да создаваме самоодржливи средини и да живееме во хармонија со природата.