Димитров и Коѕијас го потпишаа договорот за името
Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција во Псарадес ги ставија потписите на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство.
Догворот беше потпишан во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.
Со договорот е предвидено ерга омнес име за земјава, Република Северна Македонија.
На свечената церемонија присуствуваат и високи претставници на меѓународната заедница, медијаторот на ОН во решавање на спорот, Метју Нимиц, потсекретарката за политички прашања на ОН, Розмари Ди Карло, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и заменик-претседателка на ЕК, Федерика Могерини, како и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.
Во македонската делегација освен премиерот Заев и шефот на дипломатијата Димитров, беа и вицепремиерите – министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, министерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Официјалната средба на двете делегации продолжи на македонска страна на Преспа, во Отешево, каде што ќе има билатерален разговор и свечен ручек.
Премиерот Заев по потпишувањето на договорот рече дека државата е горда што одбрала решение што обединува.
– Горди сме на овој наш договор. Горди сме зашто се обединивме околу решение на спор којшто не делеше, и избравме решение што не обединува. Со потпишувањето на конечниот Договор за решавањето на прашањето за името и за стратешко партнерство меѓу нашите две земји – поместивме планини. Тогаш кога многумина се сомневаа, ние потврдивме дека е – возможно!
Алексис Ципрас откри дека е љубител на балканската музика, особено на блех музиката, но и на среќните и весели мелодии од регионот и рече дека „дојде време повторно да пееме среќни песни на Балканот, а денес се прави првиот, смел чекор во оваа насока.
– Една таква нова песна започнуваме да пишуваме овде во Преспа. Нашата цел е оваа песна на радоста да се пее многу векови и од многу идни генерации, на нашиот јазик и на вашиот јазик, во нашата земја и во вашата земја, од нашиот народ и од вашиот народ. Песна што ќе го слави мирот, рече грчкиот премиер.
Говорејќи за договорот, Алексис Ципрас рече дека е патриотски и ги повика граѓаните на двете земји да го прифатат без предрасуди.
– Напорно и неуморно стигнавме до заемно прифатлив договор, кој целосно ги почитува основните принципи и вредности на двете страни, договор кој денес ни дозволува да им се обратиме на граѓаните на двете земји, да ги погледнеме во очи и да ги повикаме да го прочитаат и да го поддржат без предрасуди. Ако душата на секој народ е неговата историја, тогаш во нашиот договор се отсликани душите и на двата народи, истакна грчкиот премиер.