Северна Македонија конечно и безусловно ги започнува преговорите за членство во ЕУ
Во екот на глобалната пандемија, Советот за општи работи попладнево даде зелено светло за безусловен старт за преговори со Европската Унија. Веста преку видео-конференцијата, ја испратија еврокомесарот за проширување Вархељи и хрватската министерка за европски прашања, Згомбиќ.
-Сакам да им честитам на двете земји, со кои денеска земјите – членки постигнаа договор да ги отворат пристапни преговори. Од наша страна, како Комисија ќе ја забрзаме нашата работа и ќе ја претставиме за кусо време преговарачката рамка за да можат пристапните преговори да почнат многу брзо, изјави Оливер Вархељи, Еврокомасар за проширување
-Ова е добра вест, ова е историска вест за овие две земји, за С.Македонија и Албанија. Испративме многу важна политичка одлука, порака до сите шест земји од Западен Балкан, но подеднакво добра и за ЕУ, изјави Андреја Згомбич, државна секретарка за европски прашања на Храватска
Одлуката е донесена без конретен датум кога би почнале преговорите, зашто тајмингот овој пат е врзан за периодот до кога Европската Комисија треба да ја финилизира преговарачката рамка. Очекувањата се дека меѓувладината конференција, која е формален старт на преговорите може да се случи во наредните два месеца, иако многу ќе зависи и од развојот на состојбата со корона вирусот. За разлика од Македонија, за Албанија се наведени низа задачи кои треба да ги исполни за да се утврди периодот на меѓувладината конференција. Како и да е, Македонија сега е исправена пред мачен и неизвесен преговарачки маратон, базиран на новата методологија од шест комплексни тематски единици, таканаречени кластери. Повеќегодишниот процес до полноправо членство ќе почне и ќе заврши со најобемниот кластер „Основи“, кој во себе ги содржи најсуштинските и најтешки поглавја, како правосудство и основни права, правда, слобода и безбедност, економски критериуми; функционирање на демократски институции, реформа на јавна администрација. Македонија патем ќе може да напредува и отвора и други кластери, но и да се врати назад во процесот доколку биде нотирано назадување во реформите. Со денешната одлука, во регионот на Западен Балкан без европско зелено светло остануваат уште Босна и Херцеговина и Косово.