Ивица Челиковиќ: Блуење онлајн не е човечко право

Индексот на демократија во одделни општества не може да се разгледува без взаеминиот однос на демократијата и слободата на изразувањето, како една од темелните претпоставки што го овозможува функционирањето на демократски општествен систем. Но тој взаемен однос во последните години се соочува со извесни дилеми и оспорувања, дури и во најразвиените демократски земји.

„Не може да биде човечко право да изблујам од мене што било на социјалните медиуми“, рече деновиве во парламентарна дебата шведскиот премиер Стефан Ловен, изразувајќи го притоа своето уверување дека токму таквиот однос води кон ситуација што неодамна ја видовме во САД. Слични немири проследени со насилство се видени и во парламентите во други земји, а застрашувачки пример за потсетување е секако и „крвавиот четврток“ во македонското Собрание.

„Време е јасно и гласно да се каже тоа“, смета шведскиот премиер, чие мислење делумно наоѓа поткрепа и во новиот законски предлог на ЕУ за дигиталните услуги и пазари, кој Европската комисија го презентираше во декември лани. Предлогот наскоро ќе биде предмет на расправа во Европскиот парламент. Се очекуваат остри дискусии.

Критичарите сметаат дека новите правила за социјалните платформи во ЕУ треба пред сè да овозможат праведна конкуренција на пазарот на интеренет услуги, така што законската регулатива нема да функционира како ограничување на слободата на изразувањето. Но најостри спротивставувања доаѓаат до израз во однос на примената на ефикасни мерки против недозволени содржини на интернет. Појдовна точка на Европската комисија е дека тоа што е незаконски офлајн, треба така да биде и онлајн. Со други зборови речено, доколку нешто е во спротивност со законот во нашиот физички свет, на истиот начин ќе мора да се рефлектира и на интернет.

Но големото прашање што ги бранува духовите е како би се пристапило кон ефикасно отстранување на незаконски содржини онлајн, без притоа да се наруши слободата на изразување. Како да се отстранат „блуениците“ онлајн, а социјалните мрежи и платформи сепак да продолжат да функционираат непречено?

Шведската Влада, во однос на законскиот предлог на Европската комисија, размислува дури и за подетална регулатива во чии рамки интернет-платформи и социјални медиуми би биле третирани како весници, каде што некој би бил уредник, односно би бил одговорен за содржините. Но дали таквиот пристап не би претставувал ризик социјалните мрежи на некој начин да ја преземат важната улога што ја имаат традиционалните медиуми, во кои е сосема нормално да се проверуваат, менуваат и филтрираат содржините што се објавуваат.

Слободата на изразување бара слободен интернет. Тука е дилемата што ја актуелизираат критичарите на овој законски предлог. Социјалните медиуми во основа исполнуваат важна функција како форум за демократска дебата, каде што сите отворено можат да ги изразат своите мислења, сè додека се држат во рамките на законските граници. Се разбира, под претпоставка дека меѓу корисниците на интернет постои свест околу тие граници кои многумина секојдневно ги растегнуваат на сите можни начини.

Конечно, сè се врти околу човечките права. Новиот законски предлог предвидува дека корисникот на социјални мрежи, меѓу другото, би бил информиран за да може да се спротивстави доколку платформите сакаат да отстранат негова објавена содржина, на прмер на Фејсбук или Инстаграм.

Но целата проблематика е соочена со мошне тежок и компликуван предизвик. Слобода на говорот на интернет не истата работа како и правото да се дистрибуира мислење. Станува збор за платформи каде што надмоќна сила ги замолчува сите што имаат „погрешно мислење“, и каде што всушност е присутна ехо-комора преку која тој што вреска најсилно и пцуе најгрдо ја засилува својата позиција.

Македонскиот дел од комуникацијата на интернет е добра потврда за тоа, како простор со голема склоност и умешност во ширење на конспирации и лажни вести, но и вистинско воодушевување пред непречените можности да се користат навреди, дисквалификации, злонамерни коментари, понижувања и, пред сè, сочни пцости како компензација на инфериорноста пред фактите и подготвеноста да се учествува во коректна дебата.

На разни места во Европа сè повеќе се засилува уверувањето дека социјалните мрежи, посебно Фејсбук, ќе се наметнуваат како значаен, па дури и како решавачки актер во предизборните кампањи, од кој дури би можел да зависи и исходот на изборите. А токму кога сме кај изборите, забелешката дека е недозволиво да се „блуе“ сè и сешто од нечиј мисловен апарат на социјалните мрежи, би можело да се поврзе со традиционалното сфаќање дека слободен говор најдобро и без пречки треба да функционира на улица, или на плоштад.

Стриктно толкувано испаѓа дека поголема слобода треба да се заговара и запазува на улица, отколку на платформите на интернет. Но противниците на таквите сфаќања упорно се држат до своето уверување дека доколку денес се посакува поголема пробивност и ефект, тогаш е решавачко да се има широко присуство на интернет, отколку со силен мегафон во раката да се качите на столче, обраќајќи им се  на насобраните луѓе на плоштад или крај блокирана раскрсница.

Од ЕУ се очекува одговор на премногу сложено прашање. Како да се оформи слобода на говорот која го зема во обѕир новиот, модерен простор за комуникација, при што истовремено ќе го заштитиме нашето право на изразување. Со или без – влакно на јазикот.

Ивица Челиковиќ

Translate »