Убавината и модата преку објективот на Жарко Чулиќ
Жарко Чулиќ e архитект и фотограф, со прецизно око за убавина. Архитектура завршил во Скопје, а фотографијата ја усовршил во Белград , во школата за креативна фотографија под раководство на универзитетските професори и успешни фотографи, Саша Прерадовиќ и Александар Келиќ. Учествувал на повеќе групни изложби, а работи на неколку проекти со познати уметници од Македонија и пошироко. Во последните години се интересира за модната фотографија. Покрај успехот во Македонија, во Белград изработува модни едиторијали со познати стилисти, дизајнери и модни куќи. Моментално е ангажиран како фотограф во магазинот Портрет.
– Архитектурата е мојата прва љубов, растев во семејство на уметници и архитекти и се сеќавам дека уште како многу мал, покрај мајка ми која е архитект, се интересирав за архитектурата и дизајнот. Кога дојде време да го продолжам образованието и да се запишам на факултет, се одлучив да се запишам на Архитектонскиот факултет во Скопје. Низ текот на студирањето, почнав интензивно да се интересирам и за фотографијата, активно да посетувам школи, работилници и курсеви за фотографија и да експериментирам. Кога ги завршив студиите веќе знаев дека најверојатно нема да работам како архитект. Отидов во Белград завршив школа за фотографија кај реномирани професори на „Академија лепих уметности – Београд“ и одредено време таму учев, живеев и работев. Можам да кажам дека во Белград најмногу научив и тој период ќе го паметам како еден од најубавите во мојот живот.
Радар: Се преклопуваат ли во некој момент овие две уметности?
– Архитекти многу често се среќаваат во светот на фотографијата, модниот дизајн и други уметности. Јас преку архитектурата ја засакав фотографијата. Научив од неа, што е композиција, форма, боја, перспектива, структира и линија. Преклопувањето на овие две уметности е повеќе од очигледно.`Camera obscura` се користела како водич за боење и цртање згради, стотици години пред современата фотографија. (Сличен ефект може да се постигне со помош на проектор за проекција на слика, на лист хартија.) Ова би било директната врска помеѓу фотографијата и архитектурата. Исто така, на основно ниво се занимаваат со манипулација нa светлината и просторот, а процесот на фотографирање има влијание врз перцепцијата на просторот што се снима. Архитектот како и фотографот имаат истренирано око да забележат детали кои останатите тешко ги забележуваат во големата слика.
Радар: Фотографијата во денешно време е преценета или потценета? Станува ли уметноста и фотографијата баналност во овие времиња на селфи, инстаграм, снaпчат……
-Ова е ера на фотографијата, моќта на фотографијата никогаш не била поголема иако таа денес е комерцијална и е дел од сечие секојдневие, има многу голема и одговорна улога на глобално ниво. Не сметам дека е потценета, никако преценета, само сметам дека светот е многу поубаво место за живеење, претставен преку очите на еден фотограф.
Уметноста никогаш нема да изумре и да изгуби од своето значење, вредностите можеби се менуваат меѓутоа тоа е сосема нормален и природен процес. Според мене новите социјални мрежи се само плус простор да се промовира уметноста и уметникот. Секој има можност да учествува и тоа е супер според мене. Можеме да запознаваме нови уметници, уметнички дела и различни видови на уметност секојдневно, брзо и лесно.
Радар: Специфична ли е модната фотографија и каков вид фотографија преферирате?
-Модната фотографија важи за една од најпопуларните, сите знаеме дека денес модата е развиена гранка што секојдневно и секаде е присутна на интернет, на улица, на работа, на телевизија… Интересно е дека денес, таа е малку повеќе од фотографија, имено тука станува збор повеќе за маркетинг и психологија како неизбежен дел од модната фотографија. Јас не се занимавам само со модна фотографија иако најчесто тоа го работам, a тоа може многу лесно да се забележи и на мојот инстаграм профил. Сакам да фотографирам најмногу архитектура, градски пејзажи, луѓе и портрети, не ретко знам да фотографирам мртва природа во моето студио, да експериментирам со бои, форми, светло…
Радар: Работите со познати естрадни фаци. Ви се случило ли моделот што сте го фотографирале да е разочаран од фотографијата, а вие, напротив да сте задоволен од делото?
-Во последните неколку години имав среќа да запознаам и да соработувам со многу луѓе, дел од нив се и од нашата естрада. Со секој од нив соработката и процесот на фотографирање се индивидуални. Најлесно и најинтересно ми е кога фотографирам актери, совршено се снаоѓаат и соработуваат. Околу перцепцијата за себе, би можел многу долго да зборувам; многу често заради искривените норми, денес луѓето се доживуваат на фотографија многу погрешно. Во време на селфи револуција, разочарувања имало многу, меѓутоа и исто толку позитивни изненадувања за себеси.
Радар: Каде сте ги направиле најдобрите фотографии. Што е потребно за добра фотографија: око, опрема, инспирација или нешто сосем друго?
-Ќе се навратам повторно на Белград, и ќе кажам дека таму успеав да направам фотографии кои и до ден денес ми се посебно драги и значајни. Имав можности да соработувам со врвни дизајнери, модели, стилисти и колеги фотографи. Некогаш инспирацијата и замислата се доволни за одлична фотографија, а некогаш ви треба добар тим зад вас, многу опрема и добро разработена идеја.
Радар: Се живее ли од фотографија?
Ова прашање за било која професија во Македонија е важно. Сите знаеме отприлика како стојат работите тука, во однос на тоа колку една професија или уметност се цени кај нас. Јас би кажал накратко дека се живее многу поудобно отколку од архитектурата како професија.