ЧЕСЕН ТИТОВ ПИОНЕРСКИ ЗБОР
Пред некој ден, на блек фрајдеј, се падна роденденот на државата во која се родив. Иако бев уште мала кога таа држава се растури, не ме врзува за неа посебна емоција, немам сеќавања од политички турбуленции, не ме мачеа грижи за неизвесната иднина и поминаа години пред професионално да го анализирам циркусот од референдумско прашање, знам да се правам важна и да кажам дека бев меѓу последните генерации кои врзаа црвена марама, ставија сина капа со петокрака и гордо ја изрецитираа пионерската заклетва. Некни, на денот, го вртев низ глава филмот на реалноста која ја живееме. Живееме во свет во кој на власт е стравот, во кој демнат војни, во кој и покрај најголемиот технолошки и научен прогрес има безброј луѓе кои катаден си ги напуштаат огништата за да спасат жива глава (жива глава еј!), во кој основните човекови права лицемерно ги уживаат тие што ги напишаа а истото не им го дозволуваат речиси никому во остатокот од светот, а остатокот од светот го именуваат како нецивилизиран трет свет. Живееме во свет во кој сето знаење во светот и сите информации ни се достапни на еден “клик”, а истовремено оние што гласно ја говорат вистината за корупција, измами на цели нации, злоупотреба на власт и грозни злосторства се прогласувани за криминалци од најопасен вид и се жртви на прогон. Живееме во свет на моралната девалвација и изместените вредности, на искривената реалност во секој сегмент во општествово.
Вртејќи го сето ова низ глава, си реков дека би си ја изрецитирала пионерската пак, до збор! Пред да ми скокнете во очи и да ме обвините за југоносталгија (од која гледате вешто правнички се оградив во преамбулата, пардон, воведот во текстов), да ве потсетам дека во заклетвата нема ништо друго освен чист идеал. Таму ветивме дека вредно ќе учиме и работиме. Шо знам, ја некако не престанав, а и немам намера. Па ветивме дека ќе бидеме добри другари – мене другарството ми е црквата во која се крстам до денес! Дека ќе ја сакаме татковината. ОК, можеби не стасав долго да ја сакам таа татковина, ама ќерка и’ ја сакам ептен и тоа ептен се трудам на дело да го покажам. Оној делот со култот на личноста малку ме буни, но и тој во суштина е позитивен. Ветивме дека ќе ги браниме идеалите за кои се бореше Тито. Колку што се сеќавам идеалите беа нешто поврзано со братство, единство, еднаквост, правда и мир. И дека ќе ги почитуваме сите луѓе на светот кои го сакаат мирот. Не се така лоши нели?
Кога имав шест години се запишав во прво одделение во јавно основно училиште број 182 во Квинс во Њу Јорк. Секое утро почнуваше со громогласно рецитирање на “заклетвата кон американското знаме”. И таа знам да ја изрецитирам и денес до збор. И во неа се зборува за важни нешта како слобода, заедништво, еднаквост и правда.
Во меѓувреме станав возрасна. И иако велат идеализмот е за младите, сепак не разбрав и не разбирам во кој момент овие вредности кои ни биле суптилно всадувани во главите како деца на два различни континента и опфаќаат вакви племенити идеи за дел од нас што “созрејаа” станаа обична мантра.
Во кој момент доаѓа до морален и идеолошки колапс? Каде се криеле, каде растеле и како живееле тие што ја рецитирале заклетвата од грлото но не и со срцето? Кога “пораснале” доволно за да сфатат дека пионерската заклетва е приказна за добра ноќ за наивните душички и дека возрасните и сериозни треба да роварат, да копкаат по подзалечени рани, да хранат страсти, да подгреваат нетрпеливост, да го градат и чекаат моментот на набој пред експлозија и да го искористат за профит, личен, а не колективен напредок. Дали тие не сфатиле дека токму во колективниот напредок е единствено можен стабилен личен напредок? Или јас некаде нешто пропуштив? Како тоа делевме школска клупа, а излезе дека сме растеле во паралелни светови?
И кога овој вториов дискурс ќе стане “мејнстрим”, кога на сила и власт се возрасните и зрели “реалисти”, поклониците на капиталот, а не инфантилните идеалисти, она што последно умира, надежта, е смртно загрозена. А кога ќе се расклати надежта кај оној со идеалот во срцето, назад – тешко! Оди сега убеди го оној кој граѓанските движења за правда и мир и она кое требаше да го зачне нашиот “Нирнбершки процес”, од што требаше да произлезе нултата точка од која подолу не може а нагоре мора, оди убеди го дека сè уште има надеж.
А за да не дојдеме до таму од каде што нема назад, како некако да ги потсетиме зрелите наши другари од реалниов свет дека еднаш, кога беа чисти, во свечената сала на ОУ Песталоци и во PS182 стоевме еден до друг и ја викавме пионерската или заветот кон знамето и верувавме во нешто големо. И во добрина.
Ана Черепналкоска Колевска